Издавање на акцизни марки

Издавањето на акцизните марки се врши по поднесено барање за подигнување на акцизни марки, кое се доставува до надлежниот царински орган. Рокот за подигнување на пријавените акцизни марки е една година од денот на пријавувањето на планираните количини. По истекот на овој рок со неподигнатите акцизни марки располага надлежниот царински орган.

Рокот за искористување на акцизните марки е најмногу 60 дена од денот на нивното подигнување.Рокот може да се продолжи за дополнителни 15 дена во случаите на виша сила, непредвидлива околност и неповолни настани поврзани со работењето на држателот на акцизен склад или увозникот, по претходно одобрување од надлежниот царински орган по поднесено барање.

Држателот на акцизен склад и увозникот се должни не подоцна од пет дена по истекот на рокот за искористување на акцизните марки на надлежниот царински орган да му достават извештај за подигнати, искористени и вратени акцизни марки.

Подигнатите акцизни марки за кои ќе се утврди дека се неисправни како резултат на грешка или оштетување настанати во процесот на нивното печатење, држателот на акцизен склад и увозникот се должни да ги вратат на надлежниот царински орган најдоцна во рок од 15 дена од денот на утврдување на неправилноста, но не подоцна од 60 дена од денот на нивното подигнување. Надлежниот царински орган ќе ги замени неисправните акцизни марки со нови акцизни марки.

Акцизните марки кои не се искористени или се оштетени во процесот на производство, производителот или увозникот се должни да ги вратат на надлежниот царински орган, заедно со извештајот за подигнати, искористени и вратени акцизни марки најдоцна во рок од пет дена по истекот на рокот за искористување на акцизни марки.Извештајот за подигнати, искористени и вратени акцизни марки се поднесува во електронска форма преку компјутерскиот систем на Царинската управа.

За оштетените и неискористените акцизни марки држателот на акцизен склад и увозникот немаат право на враќање на трошоците за печатење и чување на акцизните марки.

За подигнатите акцизни марки за обележување на меѓупроизводите и жестоките алкохолни пијалаци кои не се вратени или се трајно оштетени, држателот на акцизен склад и увозникот е должен најдоцна во рок од пет дена по истекот на рокотза искористување на акцизни марки да поднесе акцизна декларација, да ја пресмета акцизата врз основа на податоците од ознаките на акцизните марки и веднаш да ја плати.

Акцизните марки за кои ќе се утврди дека се неисправни како резултат на грешка или оштетување настанати во процесот на нивното печатење и кои не се искористени или се оштетени во процесот на производство, се уништуваат под царински надзор.

Акцизните марки се пријавуваат и издаваат во количина од најмалку 600 парчиња според одделни ознаки, процент на алкохол и зафатнина на поединечната амбалажа. По исклучок на барање на држателот на акцизен склад или увозникот, во случаите кога се користат нестандардни пакувања, ексклузивни серии,ограничени количини наменети за промотивни цели, надлежниот царински орган може да одобри издавање на акцизни марки во број помал од 600 парчиња.

Scroll to top

.

logo footer

Содржините на оваа страница можат да се објавуваат без посебна дозвола со наведување на изворот. Секој упад и злоупотреба на веб страницата на Царинската управа е казнив по член 251 од Кривичниот закон.