Медиа центар

Придобивките од дигитализацијата и олеснувањето на трговијата таргетираат над 11 илјади увозно-извозни домашни компании. Навремената и ефикасна имплементација на европските регулативи и системи го унифицира начинот на спроведување на царинските постапки со оние во развиениот свет. Ова е од особено значење за компаниите бидејќи овозможува поголема предвидливост, забрзување на процедурите и намалување на трошоците, вели директорката на Царинска управа, Славица Кутиров во интервју за Македонско Радио.

Во интервјуто директорката говори за дигитализацијата и мерките кои се носат за олеснување на трговијата и намалување на корупцијата, во чиј дел годинава е планирано да се имплементира и проектот за т.н. паметни граници.  

Во продолжение целиот текст од интервјуто.

Царинската управа работи на дигитализирање на своето работење. Како се одвива овој процес и што е направено до сега имајќи во предвид дека се повеќе зборуваме за електронски документи, а не хартиени, за едношалтерски систем каде што Царината е поврзана со повеќе други државни институции?

Кутиров: Царината е една од важните алки во меѓународниот синџир на снабдување со стоки, поради што работењето и развојот на Царината постојано се заснова на примена и имплементација на глобалните стандарди и правила за тргување, што е основа и во нашето работење.

Дигитализацијата на царинското работење е исто така многу значаен дел, на кој се фокусирани  сите земји во светот, пред се развиените и земјите од Европската унија. Целта на дигитализацијата е да се унифицира, олесни и забрза протокот на стоките и меѓународната трговија во целост и со тоа да се обезбеди поголема конкурентност на компаниите и раст на економијата.

Дигитализацијата е и значаен приоритет на Владата, заради обезбедување на што поефикасни услуги за граѓаните и деловната заедница, размена помеѓу институциите, со цел поефикасни контроли и намалување на сивата економија. Приоритетите на ЦУ во делот на дигитализацијата се пресликани преку повеќе проекти во нашиот тригодишен Акциски план за развој, на чија реализација ние активно работиме. 

Навремената и ефикасна имплементација на европските регулативи и системи на национално ниво, а особено директната интерконекција со централните европски системи, го унифицира нивото и начинот на спроведување на царинските постапки со оние во развиениот свет, што е значајно за нас како држава, но пред сѐ е значајно за домашните компании бидејќи дава предвидливост, влијае на забрзување на процедурите и истовремено намалување на трошоците, и е силен поттик при нивното учество на пазарите на ЕУ и пошироко.

Придобивките од дигитализацијата и олеснувањето на трговијата, таргетираат над 11.000 домашни компании - активни учесници во увозно – извозните царински постапки.

Поради сето тоа, изминатава декада, а особено во последните 5 години ЦУ е силно посветена на овој процес.

Значаен напредок, во таа насока, постигнавме во 2019 година, кога го ставивме во функција новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи, со што после 20 години воспоставиме технолошки нова исклучително комплексна платформа, која денес е основа за целосното бесхартиено работење кое се применува при царинењето на стоките.

Она што е многу значајно е дека оваа нова платформа обезбедува интеграција и интероперабилност со другите царински системи, наменети за електронско процесирање на сите царински постапки, како што се транзитните постапки - NCTS, електронското издавање на дозволите за увоз – извоз - EXIM, како и интеграција со царинските системи и базите на податоци за администрирање на давачките и мерките поврзани со царинската тарифа – ITO.

Оваа ИКТ платформа разменува податоци и со европски системи, а на национално ниво преку повеќе сервиси е поврзана со трезорскиот систем на Министерството за финасии, со системите на Централниот регистар, а од неоддамна и со Министерството за транспорт и врски, со системот за дозволи за превоз на патници.

Голем предизвик, но и успех за нас е што во 2022 година преку оваа платформа обработивме над 1.3 милиони електронски документи и она што е многу важно обезбедивме 99,7% достапност на сите услуги кои се дел од неа.

Значајна новина со која во целост го заокруживме бесхариеното работење во царинските постапки и на што сме посебно горди се новите сервиси ставени во функција неоддамна со т.н. зелена царинска декларација. Сервисите кои ги нуди зелената царинска декларација им овозможуваат на економските оператори далечински, без интервенција и физичка интеракција со царинскиот службеник да ја завршат постапката за еден час и да ги пуштат стоките во слободен промет.

Поконкретно, од ноември минатата година економските оператори, односно царинските застапници како дирекни учесници, веднаш по пристигнувањето на стоките на царинските терминали, електронски ја поднесуваат увозната или извозната декларација преку нивните системи до системот на Царинската управа. Претходно, врз основа на добиените документи и информации од компаниите и транспортерите кои ги застапуваат, а која комуникација денес може да се врши електронски и многу брзо на различни начини, тие можат пред-пристигнување (pre-arrival) да ја подготват декларацијата. 

По пристигнувањето на стоките и по поднесувањето на декларацијата, во нашиот систем се врши автоматска проверка и валидација на податоците, електронско приложување на потребните документи, автоматска селекција на канал за контрола. Доколку системот за ризици на ЦУ не предвидува контрола и нема дополнителни сомневања, системот проверува дали се платени потребните давачки и автоматски ги ослободува стоките за еден час, за што електронски го известува застапникот.

Врз основа на тековните податоци и анализата која ја направивме за месец декември 2022 година, овие сервиси  овозможуваат за околу 80% од увозните декларации кои се селектирани на зелен канал царинската постапка да се комплетира за еден час.

Ме радува што за оваа новина веќе добиваме многу позитивни коментари од деловната заедница, бидејќи тоа забрзување за нив значи помалку трошоци и ресурси, а тоа пак влијае позитивно на нивната конкурентност.

Стратешка определба на Царинската управа е заштита на финансиските интереси на државава преку наплата на царина, ДДВ и акциза, воспоставување на ефективна царинска контрола. Г.ѓо КУТИРОВ, колкави финансиски средства се слеани минатата година во буџетот по овие основи и какви се плановите за годинава?

Кутиров: Изминатата година има одлична реализација на приходите со раст од 15% во однос на 2021 година, или за 49% повеќе во однос на 2020 година, која беше и најтешка пандемиска година.

Така, минатата година, се остварени приходи од 119,2 милијарди денари, што е за 15,6 милијарди денари повеќе од 2021 година.

Гледано од аспект на полнење на Буџетот, приходите кои ги остварува Царината учествуваат со речиси 48% во вкупните буџетски приходи.

Притоа најголемиот дел од приходите или 77,4 милијарди денари се остварени од ДДВ при увоз, што е речиси за 20 проценти или 12,8 милиони повеќе од претходната година. 

Ваквите податоци покажуваат дека економијата се опоравува односно се враќа на патеките пред пандемијата.

Низ Македонија поминуваат двата паневропските коридори 8 и 10. Г.ѓо КУТИРОВ, генерално колкав обем на стоки изразено во тони и во парична вредност се извезуваат од Македонија или транзитираат преку нашава држава?

Кутиров: Како што споменав претходно, во 2022 година се обработени 1.3 милиони електронски документи, од нив 1,14 милиони се увозни, извозни и транзитни деклрации. Анализата покажува дека во 2022 година се извезени над 3 милиони тони стока, со статистичка вредност од 409 милијарди денари (или 6,6 милијарди евра), додека се увезени 6,5 милијарди тони стока, со вредност од 692 милијарди денари.

Граничните премини се многу важни во сузбивањето на криминалот и корупцијата од секаков вид: криумчарење стоки, дрога, пари итн. Kако ја сузбивате нелегалната трговија и сивата економија? И колку царинарниците се обучени за сузбивање на шверцот и криминалот?

Кутиров: Безбедноста и заштитата на нашите граници, односно сузбивањето на криминалот и нелегалната трговија е наш врвен приоритет на кој сме силно фокусирани. Тоа го покажуваат и резултатите од минатата година, кога бележиме двоен раст на случаите на заплени во однос на претходните две години. Притоа во 114 случаи, беа запленети 8 тони  дроги и психотропни супстанци, како и девизи, злато и акцизна стока со вредност од над 2 милиони евра.

Во декември минатата година, мобилните тимови на ЦУ остварија рекордна заплена на злато и девизи во вредност од 1 милион евра, во автобус на излез од државата.

Царинската служба има врвни професионалци, во секторот за контроли и истраги, каде се и мобилните тимови, одделението за истраги, кои се добро обучени и кои со години работат на оваа проблематика. Тука имаме голема соработка со МВР, со обвинителството за организиран криминал, како и со повеќе меѓународни организации кои работат на сузбивање на нелегалната трговија.

Минатогодишните резултати се показател дека сме на добар пат. Секако дека и годинава продолжуваме во таа насока, со уште позасилено темпо.  

Порано можевме да слушнеме за цариници кои во спрега со граничната полиција беа вклучени  во разни криманални активности. Г.ѓо КУТИРОВ, каква е сега состојбата? Имате ли изречено казни и суспензии?

Кутиров: Сузбивањето на коруптивните појави, во Царинската управа се третираат на системско ниво. Ние сме институција која има воспоставено посебна независна организациона структура за професионална одговорност, која покрај на откривање на отстапувања од професионално и етичко работење работи и на намалување на коруптивните појави.

Учесниците во царинската постапка, своите поплаки можат да ги достават преку отворената телефонска линија 197 или преку електронска пошта или писмено, по што задолжително се  постапува. Минатата година овој сектор има спроведени вкупно 159 внатрешни истраги и контроли, при што врз основа на наодите покренати се 20 дисциплински постапки по различни основи.

Она што дава нов импулс во таа наоска е тоа што минатата година презедовме низа дополнителни мерки и активности кои влијаат на справување со коруптивните појави. Од април 2022, започнавме со задолжителни ротации на царинските службеници, како една од најефикасните превентивни мерки која се применува и во земјите од Европската Унија. Тој процес ќе продолжи и годинава.

Исто така, во соработка со Амбасадата на САД, следејќи го позитивното искуство на Министерството за внатрешни работи, планираме воведување на т.н. боди или телесни камери, наменети пред сѐ за царинските службеници на граничните премини. Целта е да се обезбеди поголема транспарентност во комуникацијата помеѓу нив и патниците, да се поддржи професионалноста при постапувањето од една страна, и да се откријат евентуални нелегални или коруптивни појави од друга.

Сепак, дигитализацијата на која сме силно фокусирани, преку воведувањето на сите овие технолошки напредни алатки, како и новите сервиси  за целосно бесхартиено работење кои се применуваат без непосредна интеракција со царинските службеници, кои овозможуваат намалување на субјективизмот при одлучувањето, верувам дека е најсилното оружје за напредок на службата и паралелно за сузбивање и на ваквите појави.

Нашава држава е дел од иницијативата „Отворен Балкан“. Една од придобивките беше и отворањето на посебни ленти за камиони со назнака „Отворен Балкан“ на граничните премини на нашава земја со Србија и Албанија за да се забрза протокот на стоки меѓу земјите. Со Србија функционира алатката One Stop Shop. Г.ѓо КУТИРОВ, се уште на границата со Србија се чека долго во колони. Како да се намалат чекањето и долгите редици?

Кутиров: Движењето на стоки преку граничните премини е во дирекна надлежност на Царинската управа и тој проток се одвива со континуирана динамика, и со одредени процедури, независно од тоа дали е период на годишни одмори или празници.

Инаку, граничниот премин Табановце е најфреквентен премин на стоки односно товарни возила во нашата држава. Изминатата година преку овој премин бележиме проток на 39% од увозот и 24% од извозот на стоки од државата. Притоа, во 2022 година 190.000 товарни моторни возила влегле во државата преку овој премин, што во просек значи над 500 товарни возила дневно. Слични се бројките и на излез на товарни возила од државата, но бележат континуитет.

За товарните возила на ГП Табановце, има оддвоено две посебни ленти, кои се структуирани согласно стандарди за такви возила.  Овде можам да кажам дека состојбата со протокот на товарните возила кои носат стоки е вообичаена, без поголеми задржувања на преминот, освен во одредени исклучоци кога имаме прекин на некој од системите на царина или полиција од било која од двете држави. Во рамките на иницијативата Отворен Балкан, Царинската управа, реализираше повеќе активности во делот на усогласување на царинските процедури со Царините на Србија и Албанија, а секое усогласување значи и забрзување, а реализираше и повеќе активности од инфраструктурен карактер, и сите тие  имаа за цел дополнително забрзување на протокот, пред се на товарните возила, но во одредени делови и за патничките возила. И овие активности ќе продолжат и во следниот период.

Во екот на годишните одмори, кога се соочивме со огромен наплив  на патнички возила, за краток рок, во меѓусебна координација со граничните полиции и царини на двете држави, на влез во државата овозможивме непречено да функционираат 10 ленти, од кои 2 за товарни возила, една за автобуси и 7 за патнички возила, што претставува максимален број на ленти за влез на постоечката инфраструктура. Исто така, за товарните возила воспоставивме приоритетна лента за земјите од Отворен Балкан, како и за земјите од ЦЕФТА за возила со сензитивни стоки, и за стоки наменети за компании со статус на ОЕО, а отворивме и посебна брза лента за празни камиони и камиони кои превезуваат стока со европски транзитен документ NCTS, веднаш по граничната контрола, коишто повеќе не е потребно да влегуваат во граничниот царински терминал на Табановце, туку продолжуваат на автопат, кон узвозните терминали каде ќе ја спроведат постапката.

Со поддршка од ЕВН надминат е и долгогодишниот проблем со прекини на електричната енергија на преминот, кој предизвикуваше повремени падови на системите за евиденција и контрола на самиот граничен премин.

И не застануваме тука. Во координација со колегите од Царинските управи и другите гранични институции од земјите од Отворен Балкан, се работи и на дополнителни олеснувања, кои се усогласени и со ЕУ праксата, а кои верувам дека дополнително ќе придонесат за намалување на времето на чекање на преминот.

Усогласувањето на процедурите и забрзувањето на протокот на патничките возила е пред се фокус на МВР и граничната полиција. Важно е дека сите овие активности се во насока на забрзување, со крајна цел овозможување на слободното движење на стоки и патници преку границата, што всушност е една од најголемите придобивки која не очекува со влезот во ЕУ.

Тоа е уште една причина поради која ние сме силно фокусирани на исполнување на тие критериуми и на тој процес.

Започнува процесот на преговори на земјава со Европската Унија. Во тек е скрининг процесот. Г.ѓо КУТИРОВ, дали Царинската управа е скенирана и верувам дека ќе добиете голем број препораки за да бидеме компатибилни со ЕУ царината?

Кутиров: Како што веќе споменав, усогласувањето со европската пракса е императив за развојот на Царинската управа, при воведување на секоја новина во работење. Ние сме силно посветени на процесот на пристапување во ЕУ, и тоа е нотирано со ниво на висока усогласенот и во неодамнешниот извештај за напредокот на земјата.

Започнувањето на процесот на скрининг, минатата година, а пред се билатералните состаноци кои не очекуваат оваа година, се од исклучителна важност и ќе даде нов импулс во напредокот на Управа, која е носител на Поглавје 29 – Царинска унија, но е учесник и во 12 други поглавја во делот на своите надлежности.

Во моментот се подготвуваат информациите кои ќе бидат презентирани на билатералните состаноци во Брисел, почнувајќи веќе од следниот месец. Добивањето на позитивен извештај во делот на политиките од областа на Царината, е основа и услов во исполнувањето на критериумите за функционирањето на единствениот пазар на Унијата.

Дали планирате отворање на нови гранични терминали спрема соседните земји?

Кутиров: Да, работиме на повеќе проекти за реконструкција на постоечки гранични премини, а и на изградба и воспоставување на нови.

Во тек се активности за реконструкција на граничните премини на Ќафасан и Деве Баир, кои ќе се реализирaат во текот на оваа година со поддршка и обезбедени средства преку заем од Светска Банка. Исто така, планирана е и реконструкција на ГП Делчево, за што се обезбедени средства преку националната програма на ИПА, и за овој проект се завршени сите подготвителни активности, а реализацијата се очекува да заврши во 2024 година.

Во однос на изградба на нови гранични премини, планирана е изградба на нов граничен премин Маркова нога со Грција, за кој исто така се обезбедени средства преку ЕУ ИПА национална програма. Во тек е изработката на финален проект, по што ќе започне фазата на изградба.

Исто така, во моментов во тек се активности за изработка на проектна документација за изградба на нов граничен премин со Бугарија, кај Берово (Клепало). Истиот ќе се реализира преку ЕУ средства – ИПА програма за прекугранична соработка со Бугарија. Крајниот датум за реализација на овој проект е 2029 година.

Паралено, годинава ќе започнеме и со воведување на еден нов концепт на т.н. паметни граници. Во рамките на овој концепт на сите граничните премини и терминали ќе поставиме нова опрема базирана на современи технологии, која ќе може да се интегрира со тековната ИКТ инфраструктура и системи. Оваа опрема вклучува нов систем за видео надзор и препознавање на регистарските таблички на возилата (CCTV и ANPR), интегриран со читачи на кодови на документи, нови автоматизирани рампи и ваги.
Целосната имплементација на овој нов концепт на работа, во кој повеќето процеси ќе се одвиваат автоматски, ќе придонесе за намалување на потребата од човечки фактор на граничните премини и терминали, ќе го забрза протокот, ќе влијае на поефикасни контроли и ќе придонесе за намалување на сивата економија и корупцијата.
Средствата за овие нови проекти во најголем дел се обезбедени од ИПА програмите преку Делегацијата на Европската Унија во Скопје, заем од Светска Банка, други странски донатори, како и  дел од Буџетот на државата.

Европскиот начин на работа на Царината подразбира и стручен и обучен кадар. Г.ѓо КУТИРОВ, колкав е бројот на вработени во Царината и како ќе ја зајакнувате кадровската база на Царината

Кутиров: Ова едно од најзначајните прашања и предизвик со кој се соочува нашата Царинска управа, но тоа е предизвик и за Царините во светот.

Инаку, во моментот Царинската управа има вкупно 1.226 вработени. Според структурата на образование: 716 од вработените се со високо образование, 69 магистри и 3 доктори на науки, а останатиот дел со средно образование.

Царинските службеници уште во првата година посетуваат основна обука со што се стекнуваат со компетенции неопходни за самостојно извршување на работните задачи. Понатаму, во континуитет посетуваат и многу специјализирани работилници и напредни обуки во делокругот на нивната работа.

Инаку, годинава и Светската царинска организација ја посветува на промоција на  важноста од споделувањето на царинското знање и на потребата од градење на капацитети на младите и идни генерации цариници, кои треба да бидат носители на развојот и напредокот на царинската служба.

Оваа година и наш посебен приоритет, ќе бидат обуките и стручното усовршување пред се на помладите колеги, но и сите останати, кои ќе имаат за цел стекнување на знаења од сите области на царинското работење.
Притоа, посебен акцент е ставен на мотивација и грижа и за поискусните колеги, експерти во различни области од царинското работење, кои долги годиниработат на развој на Управата и ги споделуваат своите знаења и искуства во службата, држејќи обуки, советувања, презентации и.т.н.
Секако, дека ја продолжуваме и соработката со деловната заедница и стопанските комори, но и со владините институции и партнери од меѓународните организации, со кои постојано работиме на унапредување на вештините и капацитетот на вработените.
Бидејќи сметам дека движечка сила на секоја институција се вработените. Грижата и влогот во нив, нивната постојана едукација и професионалност е многу значаен како за напредокот на институцијата, така и на државата во целост.

Линк до интервјуто

Scroll to top

.

logo footer

Содржините на оваа страница можат да се објавуваат без посебна дозвола со наведување на изворот. Секој упад и злоупотреба на веб страницата на Царинската управа е казнив по член 251 од Кривичниот закон.