Постапка на движење со примена на електронски административен документ (е-АД)

Движењето на акцизни добра во постапка на акцизно одложување е дозволено само ако е проследено со електронски административен документ (е-АД) во Системот за движење и контрола на акцизни добра (EMCS – Excise movement and control system) со кој се докажува дека наведените видови и количини на акцизни добра се движат во постапка на акцизно одложување. Електронскиот адмнинистративен документ се пополнува во согласност со кодексот на шифри кој е составен дел на Правилникот за движење на акцизни добра во постапка на акцизно одложување.

Пред започнувањето на движењето на акцизните добра во постапка на акцизно одложување, движењето се регистрира во Системот за движење и контрола на акцизни добра при што добива единствен административен референтен број на движење.

Испраќачот е должен да поднесе нацрт електронски административен документ во Системот за движење и контрола на акцизни добра не порано од седум дена пред датумот на започнување на движењето на акцизните добра во постапка на акцизно одложување наведен во е-АД. Системот за движење и контрола на акцизни добра врши проверка на податоците во нацрт електронскиот административен документ. Доколку податоците во нацрт електронскиот административен документ не се точни, системот му испраќа порака на испраќачот. Доколку податоците во нацрт електронскиот административен документ се точни, Системот му доделува единствен административен референтен број и испраќа порака за известување до испраќачот.

Во случаите кога акцизните добра се испраќаат од еден акцизен склад во друг акцизен, Системот за движење и контрола на акцизни добра испраќа порака за известување до примачот на акцизните добра - држателот на акцизен склад, со која го проследува електронскиот административен документ.

При извоз, електронскиот административен документ преку Системот за движење и контрола на акцизни добра му се испраќа на надлежниот орган каде што се поднесува извозната царинска декларација.

Испраќачот на акцизните добра е должен на превозникот на акцизните добра да му обезбеди испечатена верзија на електронскиот административен документ или било кој друг трговски документ кој го придружува акцизното добро на кој ќе биде наведен единствениот административен референтен број на движењето и по потреба да го приложи на надлежниот орган.

Испраќачот може да го откаже електронскиот административен документ се додека движењето не е започнато под условите од член 32 став (3) од Законот за акцизите.

Испраќачот може во текот на движењето користејќи го Системот за движење и контрола на акцизни добра да го промени местото на одредиште и да наведе ново одредиште кое што мора да биде едно од одредиштата наведени во член 32 став (2) точки 1) и 3) или член 33 став (1) точки 1), 2), 3) и 6) од Законот.

По приемот на акцизните добра на кое било одредиште, примачот е должен без одложување а најдоцна во рок од пет работни дена по завршувањето на движењето да поднесе потврда на прием, користејќи го Системот за движење и контрола на акцизни добра,освен во посебно оправдани случаи, одобрени од надлежниот орган

Системот за движење и контрола на акцизни добра врши електронска проверка на податоците во потврдата на прием. Доколку податоците во потврдата на прием не се точни, системот веднаш испраќа порака со известување до примачот. Доколку податоците во потврдата на прием се точни, Системот за движење и контрола на акцизни добра испраќа порака до примачот на акцизните добра дека потврдата на прием е регистрирана.

Во случаите на извоз, потврдувањето на извозот се врши во согласност со царинските прописи при што Системот за движење и контрола на акцизни добра до испраќачот на акцизните добра испраќа порака со известување за завршување на постапката на движење и потврда за извршен извоз.

Деталната постапка на движењето на акцизни добра во ЕМЦС е достапна на следниот линк:

 https://customs-taxation.learning.europa.eu/course/view.php?id=192&section=8

Scroll to top

.

logo footer

Содржините на оваа страница можат да се објавуваат без посебна дозвола со наведување на изворот. Секој упад и злоупотреба на веб страницата на Царинската управа е казнив по член 251 од Кривичниот закон.