Извоз

Со постапката на извоз, царинскиот орган одобрува домашна стока да се изнесе од царинското подрачје. Извозот вклучува примена на формалности за извоз и изнесување, мерки на трговската политика, и ако е пропишано, плаќање на извозни давачки. Со извоз извезената домашна стока го менува статусот во странска стока.

Постапка на извозното царинење

Извозната постапка овозможува домашната стока да го напушти царинското подрачје на Република Северна Македонија.

За стоката која се извезува се поднесува царинска декларација (во рубриката 1 од ЕЦД-то се запишува ознаката ЕХ буква (А,B или Z).

Домашната стока пријавена за извоз се наоѓа под царински надзор од моментот на приемот на царинската декларација, па се до изнесувањето на стоката од царинското подрачје на Република Северна Македонија, тоа значи дека пуштањето на стоката за извоз се одобрува под услов предметната стока да се изнесе од царинското подрачје во иста состојба (вид и количина) во која се ноаѓала во моментот на прифаќање на извозната царинска декларација.

Мерки на царински надзор

Стоката која се става во извозна постапка не се пушта доколку не е пломбирана.

Пломбирањето се врши на просторот во кој се наоѓа стоката, од транспортното средство, како погодно за пломбирање или на секој поединечен колет во останатите случаи. Пломбите треба да ги имаат карактеристиките дадени во Прилог 35 од УСЦЗ.

Транспортните средства може да се прифатат како погодни за пломбирање под услов:

  • пломбите да можат да се наместата на нив на едноставен и ефикасен начин;
  • да се така конструирани за стоката да неможе да биде остранета или внесена без да се остават видливи траги или без да се оштетат пломбите;
  • да не содржи скришни простори каде што може да се скрие стоката, просторот наменет за товарот да е лесно пристапен за проверка од страна на царинскиот орган.

Секое патно возило, приколка, полуприколка или контејнер, одобрен за превоз под царинска пломба согласно конвенцијата ТИР се смета за погодно за пломбирање.

Појдовната царинска испостава може да се откаже од пломбирање доколку со примена на други мерки стоката може веднаш и лесно да се идентификува според нејзиниот опис даден во извозната декларација или нејзините придружни документи.

Описот на стоката може да допринесе за идентификација на стоката, кога тој едоволно прецизен за да може да се обезбеди лесна идентификација на количината и видот на стоката.

Начин на поднесување на извозната декларација

Извозната декларација се поднесува во електронска форма со примена на Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи – СОЦДАД.

Електронската декларација за извозна постапка е задолжителна, додека хартиените декларации се применуваат само во случај на примена на резервна постапка.

Извозник е лице со седиште во Република Северна Македонија во чие име е поднесена царинска декларација и кој е сопственик на стоката или има слични права за располагање со неа во моментот на прифаќање на декларацијата. Кога сопственоста или слични права на располагање со стоката припаѓаат на лице со седиште надвор од Република Северна Македонија согласно договорот на кој е заснован извозот, за извозник се смета договорната страна со седиште во Република Северна Македонија.

При извоз во рубриката 37 од ЕЦД-то се запишува шифрата 10.

Царински орган за извоз

Извозната декларација се поднесува кај царинската испостава која е надлежна за надзор на местото каде што извозникот е регистриран или местото каде што се врши пакување или натовар на стоката за извоз.

Царинска испостава за извоз е царинската испостава каде се прифаќаат декларациите за ставање на стоката во извозна постапка.

Царински орган на излез 

Царинска испостава на излез е царинската испостава каде стоката треба да се стави на увид со цел да се заврши извозната постапка. Тоа е последната царинска испостава пред стоката да го напушти царинското подрачје на Република Северна Македонија.

Ако стоката се извезува преку железница, пошта, воздух или воден пат, царинскиот орган на излез е оној орган во кој што се превзема стоката под еден транспортен договор, за транспорт во друга земја од страна на изведувач на железничка компанија, поштенски служби, авио или езерски компании.

За стока извезена по цевководи или за електрична енергија, царински орган на излез е оној орган кој е одреден од страна на Царинската управа на Република Северна Македонија.

Пораката IE599 е порака која системот ја праќа за излез на стоката од царинското подрачје на Република Северна Македонија. Таа има иста важност како и печатот кој се става на задната страна од листот бр. 3 од ЕЦД, кој служи како доказ дека стоката ја минала границата во случај на користење на резервна постапка.

Упатство за спроведување на извозна постапка со примена на СОЦДАД

Scroll to top

.

logo footer

Содржините на оваа страница можат да се објавуваат без посебна дозвола со наведување на изворот. Секој упад и злоупотреба на веб страницата на Царинската управа е казнив по член 251 од Кривичниот закон.