Потекло на стока

Одредувањето на земјата на потекло, заедно со тарифното распоредување и утврдувањето на царинската вредност е суштински фактор за утврдување на износот на царинските давачки и даноците што треба да се платат. Потеклото на стоките, кое може да се дефинира како економска националност на стоките, е важно и за примена на сите мерки на трговска политика (квоти, антидампинг мерки, трговски забрани, ограничувања и слично).

Законски одредби кои се однесуваат на потеклото на стоката се пропишани во:

  • член 21 до 26 од Царинскиот закон,
  • член 11 до 60 од Уредбата за спроведување на Царинскиот закон.

Постојат два вида на потекло: преференцијално и непреференцијално потекло на стоките. Преференцијалното потекло се базира на правила дефинирани во билатерални и мултилатерални договори.

Преференцијално потекло

Преференцијалното потекло се доделува на стоки од одделни земји, кои исполниле одредени критериуми или правила што дозволуваат да се бара повластен, односно преференцијален третман (намалување или укинување на царинските давачки). Правилата врз основа на кои стоките се стекнуваат со преференцијално потекло се пропишани во протоколи/анекси за потекло во билатералните и мултилатерални договори кои Република Северна Македонија ги има склучено. Во моментот Република Северна  Македонија има склучено Спогодба за стабилизација и асоцијација со земјите членки на Европска унија и Договори за слободна трговија со ЕФТА земјите, земјите членки на ЦЕФТА, Турција и Украина како и Спогодба за партнерство, трговија и соработка помеѓу Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и Република Северна Македонија.  Дополнително во 2012 година Република Северна Македонија пристапи кон Регионалната пан-евро-медитеранска конвенција за преференцијални правила за потекло (ПЕМ Конвенција) што има за цел да ги замени сите претходни протоколи/анекси за потекло.

Регионалната конвенција за Пан-евро-медитерански преференцијални правила за потекло (ПЕМ Конвенција) е основа за примена на преференцијалните правила за потекло. Потписнички на ПЕМ Конвенцијата се земјите-членки на ЕУ, земјите членки на ЕФТА, ЦЕФТА страните, Турција, земјите потписнички на Декларацијата од Барселона и Фарските oстрови.

Упатство за примена на преференцијални докази за потекло

На следниот линк се наоѓа курсот за електронско учење за Потекло на стока (75 минути) кој е наменет како за царинските службеници, така и за деловната заедницата која ги применува царинските прописи.

Нови алтернативни правила за потекло на стоки

Преговорите за модернизација на ПEM Конвенцијата започнаa во 2012 година со цел да се прилагодат правилата за потекло на променетата економска реалност во трговијата во регионот и пошироко. Ревидираната ПЕМ Конвенција е потребно да биде одобрена и усвоена едногласно од сите потписнички во рамките на Мешовитиот комитет на ПЕМ, но неколку договорни страни сѐ уште изразуваат резерви за усвојување на ревидираната ПЕМ Конвенција. Затоа мнозинството од договорните страни на ПЕМ Конвенцијата одлучија да започнат со предвремена примена на новите ревидирани правила во меѓусебната трговија преку измена на билатералните договори, додека со останатите договорни страни и понатаму продолжуваат преговорите со цел за да се постигне заеднички договор за процесот на ревизија.

Ова привремено решение им овозможува на компаниите во договорните страни што ќе започнат со предвремена примена на новите ревидирани правила да  користат модернизирани, поедноставени и пофлексибилни правила за потекло. За таа цел, протоколите за потекло содржани во секој билатерален договор за слободна трговија потпишан од Република Северна Македонија и партнер земјите се во постапка на измена со цел во нив да се вклучи Додаток А. Додаток А е прилог кон секоја измена на договорот за слободна трговија и во него се содржани новите ревидирани (тнр. алтернативни или преодни) преференцијални правила за потекло на стоки, без да се нарушува примената на сегашните правила за потекло на ПЕМ Конвенцијата.

За прв пат новите правила се применуваат во трговијата со Европската унија преку објавата во Службен весник на Република Северна Македонија број 245 од 02.11.2021 година на Одлуката за предвремена примена на изменувањето на Протоколот 4 на Спогодбата за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Македонија, од една страна и Европските заедници и нивните земји-членки, од друга страна за дефинирање на поимот „производи со потекло“ и начини на административна соработка. Ова значи дека во трговијата со земјите членки на ЕУ има можност на користење и на алтернативен сет на правила за потекло, паралелно со правилата од Конвенцијата на ПЕМ, на билатерална основа во очекување на усвојувањето на ревидираната Конвенција. Овие нови правила содржат значителен број подобрувања и поедноставувања во споредба со сегашната ПEM Конвенција. 

Новите правила се применуваат и во трговијата со ЕФТА државите преку објавата во Службен весник на Република Северна Македонија број 279 од 15.12.2021 година на Законот за ратификација на измените и дополнувањата на Договорот за слободна трговија меѓу Република Македонија и ЕФТА државите. Законот за ратификација се однесува на Одлуката бр. 1/2021 на Мешовитиот комитет за измена на Протоколот Б кој се однесува на дефинирање на поимот „производи со потекло“ и методите на административна соработка. Со оваа одлука се менува Протоколот Б и во него се вградени одредби за примена на полибералните и нови алтернативни (преодни) правила за потекло во трговската размена помеѓу Република Северна Македонија и ЕФТА земјите.

примената на новите правила поедноставно може да се види преку објавата во Службен весник на Европска унија, серија Ц, број 426 од 21.10.2021 година, каде за прв пат е објавена табела со наслов Известување на Комисијата за примена на преодните правила за потекло кои обезбедуваат дијагонална кумулација помеѓу Договорните страни-применувачи во Паневромедитеранската (ПЕМ) зона.

Известување на Комисијата за примена на алтернативните правила за потекло

Прирачник за примена на алтернативните правила за потекло

Scroll to top

.

logo footer

Содржините на оваа страница можат да се објавуваат без посебна дозвола со наведување на изворот. Секој упад и злоупотреба на веб страницата на Царинската управа е казнив по член 251 од Кривичниот закон.