Гаранција за обезбедување на акцизен долг

Држателот на акцизен склад и имателот на одобрение за повластен корисник на акцизни добра се должни до надлежниот царински орган да поднесат гаранција за обезбедување на плаќањето на акцизниот долг кој може да настане за акцизните добра кои се наоѓаат во постапка на акцизно одложување во согласност со одредбите од Законот за акцизите.

Исто так, држателот на акцизен склад, производителот или увозникот, како и малиот независен производител на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели – мала дестилерија се должни да поднесат и гаранција за обезбедување на акцизниот долг кој може да настане од подигнатите акцизни марки.

Гаранција за обезбедување на акцизниот долг кој може да настане се поднесува и за акцизните добра кои се движат во постапка на акцизно одложување на акцизното подрачје, освен во случаите кога акцизните добра се испраќаат преку фиксни цевководи на територијата на Република Македонија или кога акцизните добра се движат помеѓу акцизни складови на ист држател.

Акцизните обврзници до надлежниот царински орган поднесуваат барање за прифаќање на гаранцијата за обезбедување на акцизниот долг. Надлежниот царински орган по прифаќање на гаранцијата за обезбедување на акцизниот долг, ја внесува во својата евиденција.

Ослободување од поднесување на гаранција

Гаранција не се поднесува за акцизни добра чиј износ на акциза изнесува нула денари.

Исто така гаранцијата за обезбедување на акцизниот долг нема да се бара во случаите кога држателот на акцизен склад е државен орган и кога имателот на одобрението за повластен корисник е државен орган, научна, образовна институција или здравствена институција.

Видови гаранции

Гаранцијата за обезбедување на акцизен долг може да биде поднесена во форма на банкарска гаранција и на готовински депозит.

Износ на гаранција

Износот на гаранцијата за обезбедување на акцизниот долг кој може да настане за акцизните добра кои се произведуваат, преработуваат, складираат или примаат во акцизниот склад во постапка на акцизно одложување, како и износот на гаранцијата за обезбедување на акцизниот долг кој може да настане за акцизните добра кои се примаат, складираат и користат во местото на повластено користење, го утврдува надлежниот царински орган во зависност од износот на акцизниот долг кој може да настане во акцизниот период.

Висината за обезбедување на акцизниот долг за држателот на акцизен склад се определува согласно следната формула:

Г=20 x ACC1+100 x АСП
100

при што:

  • Г е износ на гаранција;
  • АСС1 е износ на акциза за просечна месечна количина на складирани акцизни добра за секој вид акцизно добро, и
  • АСП е износ на акцизата на просечна месечна количина на акцизни добра пуштени во слободен промет по ставка за секој вид на акцизни добра.
  • При тоа, под “просечна месечна количина“ се подразбира следното:
    • за складирани акцизни добра,вкупната годишна количина на акцизните добра што е сместена во акцизниот склад на последниот ден од секој месец од годината, поделена со 12
    • за акцизните добра пуштени во промет, вкупната годишна количина пуштена во промет секој месец, поделена со 12.

Висината за обезбедување на акцизниот долг за повластен корисник на акцизни добра се определува согласно следната формула:

Г=50 X ПКАД
100

при што:

  • Г е износ на гаранција и
  • ПКАД претставува износ на акциза за годишна планирана количина на акцизни добра наменети за повластено користење.

Акцизата за планираната количина на акцизни добра се утврдува врз основа на податокот за секој поединечен вид на акцизно добро кое се планира да биде користено во текот на годината и кое е одобрено и содржано во одобрението за повластено користење.

Износот на гаранцијата за акцизните добра кои се движат во постапка на акцизно одложување на акцизното подрачје, се утврдува во висина на целиот износ на акцизниот долг кој може да настане за тие акцизни добра.

Scroll to top

.

logo footer

Содржините на оваа страница можат да се објавуваат без посебна дозвола со наведување на изворот. Секој упад и злоупотреба на веб страницата на Царинската управа е казнив по член 251 од Кривичниот закон.