Пријавување на акцизни марки

Производителот или увозникот месечните потреби за планирани количини од акцизни марки ги пријавуваат до надлежниот царински орган најдоцна до 10-ти во тековниот месец за наредниот месец. Пријавата се поднесува во електронска форма преку користење на компјутерскиот систем на Царинската управа од 1 до 10-ти во месецот за планирани количини за наредниот месец.

Трошоците за печатењето и за чувањето на акцизните марки ги определува надлежниот царински орган и ги наплатува од држателот на акцизен склад и увозникот со поднесување на пријавата за планирани количини на акцизни марки. Висината на трошоците се утврдува врз основа на трошоците за печатење, чување и издавање на акцизните марки.

Пред подигнување на акцизните марки производителот и увозникот се должни да поднесат гаранција во висина на акцизниот долг кој може да настане.

Издавањето на акцизните марки се врши по поднесено барање за подигнување на акцизни марки, кое се доставува до надлежниот царински орган. Рокот за подигнување на пријавените акцизни марки е една година од денот на пријавувањето на планираните количини. По истекот на овој рок со неподигнатите акцизни марки располага надлежиот царински орган.


Рокот за искористување на акцизните марки е најмногу 60 дена од денот на нивното подигнување.Рокот може да се продолжи за дополнителни 30 дена во случаите на виша сила, непредвидлива околност и неповолни настани поврзани со работењето на акцизниот обврзник, или за дополнителни 120 дена во случаите на увоз на тутунски производи од прекуокеански земји, по претходно одобрување од надлежниот царински орган по поднесено барање.

Производителот и увозникот се должни не подоцна од пет дена по истекот на рокот за искористување на акцизните марки на надлежниот царински орган да му достават извештај за подигнати, искористени и вратени акцизни марки.

Подигнатите акцизни марки за кои ќе се утврди дека се неисправни како резултат на грешка или оштетување настанати во процесот на нивното печатење, производителот и увозникот се должни да ги вратат на надлежниот царински орган најдоцна во рок од 15 дена од денот на утврдување на неправилноста, но не подоцна од 60 дена од денот на нивното подигнување. Надлежниот царински орган ќе ги замени неисправните акцизни марки со нови акцизни марки.

Акцизните марки кои не се искористени или се оштетени во процесот на производство, производителот или увозникот се должни да ги вратат на надлежниот царински орган, заедно со извештајот за подигнати, искористени и вратени акцизни марки најдоцна во рок од пет дена по истекот на рокот за искористување на акцизни марки.Извештајот за подигнати, искористени и вратени акцизни марки се поднесува во електронска форма преку компјутерскиот систем на Царинската управа.

За оштетените и неискористените акцизни марки производителот и увозникот немаат право на враќање на трошоците за печатење и чување на акцизните марки

За подигнатите акцизни марки за обележување на тутунски производи кои не се вратени или се трајно оштетени, производителот и увозникот е должен најдоцна во рок од пет дена по истекот на рокотза искористување на акцизни марки да поднесе акцизна декларација, да ја пресмета акцизата врз основа на податоците од ознаките на акцизните марки и веднаш да ја плати.

Акцизните марки за кои ќе се утврди дека се неисправни како резултат на грешка или оштетување настанати во процесот на нивното печатење и кои не се искористени или се оштетени во процесот на производство, се уништуваат под царински надзор.

Акцизните марки за обележување цигари и несогорлив тутунски производ се пријавуваат и издаваат во количина од најмалку 50.000 парчиња според ознаките на акцизните марки.

Scroll to top

.

logo footer

Содржините на оваа страница можат да се објавуваат без посебна дозвола со наведување на изворот. Секој упад и злоупотреба на веб страницата на Царинската управа е казнив по член 251 од Кривичниот закон.