Лекови

Граничните царински испостави на влез ја одобруваат постапката на внес на лекови, кои физичките лица (патници), државјани на Република Северна Македонија или странски државјани со живеалиште или одобрен престој во Република Северна Македонија, ги носат со себе, под услов предметната количина да одговара на личните потреби на патникот или примачот.
Во тој случај надлежниот царински службеник е должен од патникот да побара да му стави на увид соодветна потврда од матичната здравствена установа со податоци за идентификација на лекот и пациентот, видот на заболувањето, како и потпис на лекарот, од кои може да се увиди потребата за набавување на лековите од тој пациент.
При внесување на стоки од страна на странски физички лица (патници) граничните царински испостави на влез ја одобруваат постапката на транзит и привремен увоз доколку стоките се наменети за нивна лична употреба и доколку поседуваат потврда издадена од матична здравствена установа од нивната земја дека лековите што ги носат со себе во соодветната количина им се потребни за лична терапија.
Согласно член 45 д Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции лицата кои ја преминуваат државната граница смеат да поседуваат лек кој содржи психотропни супстанции класифицирани во листите II и III само врз основа на медицинска документација и во количина неопходна за лична употреба во траење најмногу до седум дена. Лицата кои се на супституциона терапија на болест на зависност или симптоматска терапија во терминална фаза на малигна болест, при преминување на државна граница смеат да поседуваат лек кој содржи супстанции класифицирани во листите II и III, врз основа на медицинска документација и во количина неопходна за лична употреба која е наведена во медицинската документација, во траење најмногу до 15 дена.