Акцизни марки за обележување на жестоки алкохолни производи и меѓупроизводи

Пуштање во промет на меѓупроизводи и жестоки алкохолни пијалаци кои се произведени или увезени во акцизното подрачје е дозволено само доколку се обележани со акцизна марка издадена од Царинската управа на која се испечатени посебни ознаки и сериски број. Постапката на издавање на акцизните марки е пропишана со Правилникот за акцизни марки за обележување на жестоки алкохолни пијалаци и меѓупроизводи

Акцизните марки од Тип 1, Тип 2 и Тип 3 се со ширина 60 мм и висина 15 мм и се изработуваат од бездрвна самолеплива хартија во правоаголна форма и содржат холограмска лента со широчина од 5 мм вертикално поставена на левата страна од акцизната марка, заштитни ознаки со сериски број, податоци за зафатнината на пакувањето и податок за волуменскиот процент на алкохол во производот кој се обележува.

Акцизните марки од Тип 4 се со ширина 60 мм и висина 15 мм и се изработуваат од бездрвна самолеплива хартија во правоаголна форма и содржат холограмска лента со ширина од 5 мм вертикално поставена на левата страна од акцизната марка, заштитни ознаки со сериски број.

Акцизните марки од Тип 1 и Тип 4 се со основна сина боја, а текстот и ознаките се со црна боја и се користат за обележување на алкохолни пијалаци и меѓупроизводи кои се пуштаат во слободен промет од страна на увозници или држатели на акцизен склад за производство и/или складирање на алкохолни производи и/или меѓупроизводи.

Акцизните марки од Тип 2 се со основна црвена боја, а текстот и ознаките се со црна боја и се користат за обележување на алкохолни пијалаци и меѓупроизводи произведени од страна на мали независни производители на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели - мали дестилерии.

Акцизните марки од Тип 3 се со основна зелена боја, а текстот и ознаките се со црна боја и се користат за обележување на жестоки алкохолни пијалаци произведени од страна на земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци.

Акцизни марки може да добие држател на акцизен склад и увозник на меѓупроизводи и жестоки алкохолни пијалаци по поднесено барање до надлежниот царински орган.

Акцизната марка се лепи на соодветната амбалажа на алкохолниот пијалак, односно шишето, така што при отворањето ќе мора трајно да се оштети. Лепењето на акцизните марки може да се врши во акцизен или царински склад, освен кога производителот е земјоделец и лепењето на акцизните марки го врши во своите простории.

Меѓупроизводите и жестоките алкохолни пијалаци кои не се обележани со акцизна марка, или се обележани со оштетена акцизна марка или се обележани на друг начин различен од пропишаниот се сметаат за производи на кои не е пресметана и платена акциза и нивното пуштање во промет, купување и располагање на акцизното подрачје не е дозволено.

Scroll to top

.

logo footer

Содржините на оваа страница можат да се објавуваат без посебна дозвола со наведување на изворот. Секој упад и злоупотреба на веб страницата на Царинската управа е казнив по член 251 од Кривичниот закон.