Плаќање на акцизата за енергенти
Акцизен период е еден календарски месец во кој настанала акцизата, освен ако поинаку не е уредено со Законот за акцизите.
Акцизниот обврзник е должен да поднесе акцизна декларација и да ја плати акцизата за секој акцизен период во рок од 15 дена по истекот на секој календарски месец, доколку поинаку не е уредено со овој закон. Акцизната декларација се поднесува кај надлежниот царински орган во електронска форма.
Држателот на акцизен склад поднесува акцизна декларација во во рок од 15 дена по истекот на секој календарски месец и тогаш кога не настанала акциза за соодветниот акцизен период.
Во случај на престанување на важењето на акцизната дозвола од член 16 став (3) од овој закон, држателот на акцизен склад е должен да ги заврши сите постапки кои произлегуваат од акцизната дозвола, вклучувајќи и попис на акцизните добра, во роковите предвидени за секоја поединечна активност. Поднесувањето на акцизната декларација и плаќањето на акцизата се вршат во рок од 30 дена од денот на престанувањето на важењето на акцизната дозвола, освен во случај на стечај или ликвидација. Aкцизната декларација покрај пресметаниот износ на акцизата за акцизниот период кога акцизната дозвола престанала да важи, ја содржи и акцизата која се плаќа за сите акцизни добра за кои истата не е платена, а кои се чуваат во складот после престанување на важноста на дозволата, како и за акцизните добра испратени од складот, а кои се во постапка на акцизно одложување, чие доставување до одредиштето, а во случаите на извоз чие изнесување надвор од акцизното подрачје, не е потврдено до денот на престанување на важењето на акцизната дозвола. Висината на акцизата за акцизните добра кои се чуваат во складот се пресметува со примена на акцизните стапки и износи кои се во важност на денот на престанувањето на важноста на дозволата,а за испратените акцизни добра, стапките и износите кои важат на денот на испраќање. Во случите ако доказот дека акцизните добра се доставени на нивното одредиште се добие еден ден после престанувањето на важност на дозволата, акцизниот обврзник може во рок од три години од датумот на испраќање на добрата, да поднесе барање за враќање на повеќе платената акциза за количината на акцизни добра доставени до нивното одредиште или извезени надвор од акцизното подрачје.
Ако држателот на акцизен склад за акцизните добра кои се на залиха, во околности на постапка на стечај или ликвидација престане да работи, поднесувањето на акцизната декларација и плаќањето на акцизата се врши во рок од 30 дена од продажбата на акцизните добра. Доколку во постапката на стечај или ликвидација не дојде до продажба на акцизните добра , држателот на акцизен склад не смее да пристапи кон поделба на истите и да ги отстапи на доверителите за намирување на обврските, без да поднесе акцизна декларација и да ја плати акцизата најдоцна до денот на отстапувањето.
Во случај на престанување на важење на одобрението за повластен корисник, повластениот корисник е должен да поднесе акцизна декларација и да ја плати акцизата во рок од 15 дена од денот на престанувањето на важењето на одобрението. За пресметката на акцизата, се применуваат акцизните стапки и износи кои се во сила на денот на престанување на важноста на одобрението.
По исклучок, лицата кои не се регистрирани во електронскиот Регистар на акцизни обврзници, а поседуваат, произведуваат, тргуваат, складираат, чуваат, преработуваат акцизни добра стануваат акцизни обврзници и поднесуваат акцизна декларација и плаќаат акциза согласно посебните одредби кои се однесуваат за наведените акцизни добра од овој закон
При увоз плаќањето на акцизата се врши согласно царинските прописи.
Исправка на акцизна декларација се врши по поднесено барање до надлежниот царински орган во рок од пет години од датумот на поднесената акцизна декларација. По исклучок, рок на исправка на пријавената количина на акцизни добра во акцизната декларација е три месеци, при што обврзникот доставува дополнителна акцизна декларација со изменети податоци, а надлежниот царински орган по извршена проверка, врши исправка на декларацијата. За утврдена помала акциза од пријавената се врши пребивање на повеќе платената акциза или враќање на акцизата по поднесено барање. За утврдена повисока акциза од пријавената, акцизниот обврзник врши доплата на разликата на акцизата во рок од 15 дена од исправката на декларацијата.