Настани и интервјуа

ИНТЕРВЈУ СО ДИРЕКТОРОТ БОБАН НИКОЛОВСКИ ЗА МРТВ

Царинската политика согласно приоритетите на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски се заснова на два столба, економска трансформација и сузбивање на криминалот и корупцијата.
️Од први јули до сега резултатите покажуваат дека дисциплината е на високо ниво. Наплатените приходи од први јули до 16 септември повисоки од лани.
️Преземени конкретни чекори за олеснување на трговијата. Ги унапредивме партнерските односи со бизнис заедницата, при што после две години повторно на највисоко ниво го реактивиравме Советодавното тело во рамки на кое членуваат сите стопански комори и асоцијации. На сите гранични премини веќе е поставен системот за видео надзор и препознавање на регистарски таблички кој покрај безбедносна функција ќе делува и во насока на олеснување на трговијата преку алармирање кога одредена лента е оптоварена. Интензивно работиме и на отпочнување на проектот за автоматизација на терминалите со грант од ЕУ.
️Започнавме со усогласување на смените со Агенцијата за храна и ветеринарство.
️За сузбивање на корупцијата преземаме конкретни мерки, во скоро време ќе се набават 60 боди камери за што е обезбедена донација од амбасадата на САД.
️Размената на податоци е клучна за сузбивање на криминалот, но и за креирање ефективни реформски политики при што веќе се договорени конкретни активности со УЈП, Народна банка, Бирото за јавна безбедност, Државен завод за статистика.
Ова беа само дел од клучните пораки на директорот Бобан Николовски во вестите на МРТВ во 19.30 часот.
23.09.2024

Кутиров за Македонско Радио: Работиме на воведување „паметни граници“

Придобивките од дигитализацијата и олеснувањето на трговијата таргетираат над 11 илјади увозно-извозни домашни компании. Навремената и ефикасна имплементација на европските регулативи и системи го унифицира начинот на спроведување на царинските постапки со оние во развиениот свет. Ова е од особено значење за компаниите бидејќи овозможува поголема предвидливост, забрзување на процедурите и намалување на трошоците, вели директорката на Царинска управа, Славица Кутиров во интервју за Македонско Радио.

Во интервјуто директорката говори за дигитализацијата и мерките кои се носат за олеснување на трговијата и намалување на корупцијата, во чиј дел годинава е планирано да се имплементира и проектот за т.н. паметни граници.  

Во продолжение целиот текст од интервјуто.

Царинската управа работи на дигитализирање на своето работење. Како се одвива овој процес и што е направено до сега имајќи во предвид дека се повеќе зборуваме за електронски документи, а не хартиени, за едношалтерски систем каде што Царината е поврзана со повеќе други државни институции?

Кутиров: Царината е една од важните алки во меѓународниот синџир на снабдување со стоки, поради што работењето и развојот на Царината постојано се заснова на примена и имплементација на глобалните стандарди и правила за тргување, што е основа и во нашето работење.

Дигитализацијата на царинското работење е исто така многу значаен дел, на кој се фокусирани  сите земји во светот, пред се развиените и земјите од Европската унија. Целта на дигитализацијата е да се унифицира, олесни и забрза протокот на стоките и меѓународната трговија во целост и со тоа да се обезбеди поголема конкурентност на компаниите и раст на економијата.

Дигитализацијата е и значаен приоритет на Владата, заради обезбедување на што поефикасни услуги за граѓаните и деловната заедница, размена помеѓу институциите, со цел поефикасни контроли и намалување на сивата економија. Приоритетите на ЦУ во делот на дигитализацијата се пресликани преку повеќе проекти во нашиот тригодишен Акциски план за развој, на чија реализација ние активно работиме. 

Навремената и ефикасна имплементација на европските регулативи и системи на национално ниво, а особено директната интерконекција со централните европски системи, го унифицира нивото и начинот на спроведување на царинските постапки со оние во развиениот свет, што е значајно за нас како држава, но пред сѐ е значајно за домашните компании бидејќи дава предвидливост, влијае на забрзување на процедурите и истовремено намалување на трошоците, и е силен поттик при нивното учество на пазарите на ЕУ и пошироко.

Придобивките од дигитализацијата и олеснувањето на трговијата, таргетираат над 11.000 домашни компании - активни учесници во увозно – извозните царински постапки.

Поради сето тоа, изминатава декада, а особено во последните 5 години ЦУ е силно посветена на овој процес.

Значаен напредок, во таа насока, постигнавме во 2019 година, кога го ставивме во функција новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи, со што после 20 години воспоставиме технолошки нова исклучително комплексна платформа, која денес е основа за целосното бесхартиено работење кое се применува при царинењето на стоките.

Она што е многу значајно е дека оваа нова платформа обезбедува интеграција и интероперабилност со другите царински системи, наменети за електронско процесирање на сите царински постапки, како што се транзитните постапки - NCTS, електронското издавање на дозволите за увоз – извоз - EXIM, како и интеграција со царинските системи и базите на податоци за администрирање на давачките и мерките поврзани со царинската тарифа – ITO.

Оваа ИКТ платформа разменува податоци и со европски системи, а на национално ниво преку повеќе сервиси е поврзана со трезорскиот систем на Министерството за финасии, со системите на Централниот регистар, а од неоддамна и со Министерството за транспорт и врски, со системот за дозволи за превоз на патници.

Голем предизвик, но и успех за нас е што во 2022 година преку оваа платформа обработивме над 1.3 милиони електронски документи и она што е многу важно обезбедивме 99,7% достапност на сите услуги кои се дел од неа.

Значајна новина со која во целост го заокруживме бесхариеното работење во царинските постапки и на што сме посебно горди се новите сервиси ставени во функција неоддамна со т.н. зелена царинска декларација. Сервисите кои ги нуди зелената царинска декларација им овозможуваат на економските оператори далечински, без интервенција и физичка интеракција со царинскиот службеник да ја завршат постапката за еден час и да ги пуштат стоките во слободен промет.

Поконкретно, од ноември минатата година економските оператори, односно царинските застапници како дирекни учесници, веднаш по пристигнувањето на стоките на царинските терминали, електронски ја поднесуваат увозната или извозната декларација преку нивните системи до системот на Царинската управа. Претходно, врз основа на добиените документи и информации од компаниите и транспортерите кои ги застапуваат, а која комуникација денес може да се врши електронски и многу брзо на различни начини, тие можат пред-пристигнување (pre-arrival) да ја подготват декларацијата. 

По пристигнувањето на стоките и по поднесувањето на декларацијата, во нашиот систем се врши автоматска проверка и валидација на податоците, електронско приложување на потребните документи, автоматска селекција на канал за контрола. Доколку системот за ризици на ЦУ не предвидува контрола и нема дополнителни сомневања, системот проверува дали се платени потребните давачки и автоматски ги ослободува стоките за еден час, за што електронски го известува застапникот.

Врз основа на тековните податоци и анализата која ја направивме за месец декември 2022 година, овие сервиси  овозможуваат за околу 80% од увозните декларации кои се селектирани на зелен канал царинската постапка да се комплетира за еден час.

Ме радува што за оваа новина веќе добиваме многу позитивни коментари од деловната заедница, бидејќи тоа забрзување за нив значи помалку трошоци и ресурси, а тоа пак влијае позитивно на нивната конкурентност.

Стратешка определба на Царинската управа е заштита на финансиските интереси на државава преку наплата на царина, ДДВ и акциза, воспоставување на ефективна царинска контрола. Г.ѓо КУТИРОВ, колкави финансиски средства се слеани минатата година во буџетот по овие основи и какви се плановите за годинава?

Кутиров: Изминатата година има одлична реализација на приходите со раст од 15% во однос на 2021 година, или за 49% повеќе во однос на 2020 година, која беше и најтешка пандемиска година.

Така, минатата година, се остварени приходи од 119,2 милијарди денари, што е за 15,6 милијарди денари повеќе од 2021 година.

Гледано од аспект на полнење на Буџетот, приходите кои ги остварува Царината учествуваат со речиси 48% во вкупните буџетски приходи.

Притоа најголемиот дел од приходите или 77,4 милијарди денари се остварени од ДДВ при увоз, што е речиси за 20 проценти или 12,8 милиони повеќе од претходната година. 

Ваквите податоци покажуваат дека економијата се опоравува односно се враќа на патеките пред пандемијата.

Низ Македонија поминуваат двата паневропските коридори 8 и 10. Г.ѓо КУТИРОВ, генерално колкав обем на стоки изразено во тони и во парична вредност се извезуваат од Македонија или транзитираат преку нашава држава?

Кутиров: Како што споменав претходно, во 2022 година се обработени 1.3 милиони електронски документи, од нив 1,14 милиони се увозни, извозни и транзитни деклрации. Анализата покажува дека во 2022 година се извезени над 3 милиони тони стока, со статистичка вредност од 409 милијарди денари (или 6,6 милијарди евра), додека се увезени 6,5 милијарди тони стока, со вредност од 692 милијарди денари.

Граничните премини се многу важни во сузбивањето на криминалот и корупцијата од секаков вид: криумчарење стоки, дрога, пари итн. Kако ја сузбивате нелегалната трговија и сивата економија? И колку царинарниците се обучени за сузбивање на шверцот и криминалот?

Кутиров: Безбедноста и заштитата на нашите граници, односно сузбивањето на криминалот и нелегалната трговија е наш врвен приоритет на кој сме силно фокусирани. Тоа го покажуваат и резултатите од минатата година, кога бележиме двоен раст на случаите на заплени во однос на претходните две години. Притоа во 114 случаи, беа запленети 8 тони  дроги и психотропни супстанци, како и девизи, злато и акцизна стока со вредност од над 2 милиони евра.

Во декември минатата година, мобилните тимови на ЦУ остварија рекордна заплена на злато и девизи во вредност од 1 милион евра, во автобус на излез од државата.

Царинската служба има врвни професионалци, во секторот за контроли и истраги, каде се и мобилните тимови, одделението за истраги, кои се добро обучени и кои со години работат на оваа проблематика. Тука имаме голема соработка со МВР, со обвинителството за организиран криминал, како и со повеќе меѓународни организации кои работат на сузбивање на нелегалната трговија.

Минатогодишните резултати се показател дека сме на добар пат. Секако дека и годинава продолжуваме во таа насока, со уште позасилено темпо.  

Порано можевме да слушнеме за цариници кои во спрега со граничната полиција беа вклучени  во разни криманални активности. Г.ѓо КУТИРОВ, каква е сега состојбата? Имате ли изречено казни и суспензии?

Кутиров: Сузбивањето на коруптивните појави, во Царинската управа се третираат на системско ниво. Ние сме институција која има воспоставено посебна независна организациона структура за професионална одговорност, која покрај на откривање на отстапувања од професионално и етичко работење работи и на намалување на коруптивните појави.

Учесниците во царинската постапка, своите поплаки можат да ги достават преку отворената телефонска линија 197 или преку електронска пошта или писмено, по што задолжително се  постапува. Минатата година овој сектор има спроведени вкупно 159 внатрешни истраги и контроли, при што врз основа на наодите покренати се 20 дисциплински постапки по различни основи.

Она што дава нов импулс во таа наоска е тоа што минатата година презедовме низа дополнителни мерки и активности кои влијаат на справување со коруптивните појави. Од април 2022, започнавме со задолжителни ротации на царинските службеници, како една од најефикасните превентивни мерки која се применува и во земјите од Европската Унија. Тој процес ќе продолжи и годинава.

Исто така, во соработка со Амбасадата на САД, следејќи го позитивното искуство на Министерството за внатрешни работи, планираме воведување на т.н. боди или телесни камери, наменети пред сѐ за царинските службеници на граничните премини. Целта е да се обезбеди поголема транспарентност во комуникацијата помеѓу нив и патниците, да се поддржи професионалноста при постапувањето од една страна, и да се откријат евентуални нелегални или коруптивни појави од друга.

Сепак, дигитализацијата на која сме силно фокусирани, преку воведувањето на сите овие технолошки напредни алатки, како и новите сервиси  за целосно бесхартиено работење кои се применуваат без непосредна интеракција со царинските службеници, кои овозможуваат намалување на субјективизмот при одлучувањето, верувам дека е најсилното оружје за напредок на службата и паралелно за сузбивање и на ваквите појави.

Нашава држава е дел од иницијативата „Отворен Балкан“. Една од придобивките беше и отворањето на посебни ленти за камиони со назнака „Отворен Балкан“ на граничните премини на нашава земја со Србија и Албанија за да се забрза протокот на стоки меѓу земјите. Со Србија функционира алатката One Stop Shop. Г.ѓо КУТИРОВ, се уште на границата со Србија се чека долго во колони. Како да се намалат чекањето и долгите редици?

Кутиров: Движењето на стоки преку граничните премини е во дирекна надлежност на Царинската управа и тој проток се одвива со континуирана динамика, и со одредени процедури, независно од тоа дали е период на годишни одмори или празници.

Инаку, граничниот премин Табановце е најфреквентен премин на стоки односно товарни возила во нашата држава. Изминатата година преку овој премин бележиме проток на 39% од увозот и 24% од извозот на стоки од државата. Притоа, во 2022 година 190.000 товарни моторни возила влегле во државата преку овој премин, што во просек значи над 500 товарни возила дневно. Слични се бројките и на излез на товарни возила од државата, но бележат континуитет.

За товарните возила на ГП Табановце, има оддвоено две посебни ленти, кои се структуирани согласно стандарди за такви возила.  Овде можам да кажам дека состојбата со протокот на товарните возила кои носат стоки е вообичаена, без поголеми задржувања на преминот, освен во одредени исклучоци кога имаме прекин на некој од системите на царина или полиција од било која од двете држави. Во рамките на иницијативата Отворен Балкан, Царинската управа, реализираше повеќе активности во делот на усогласување на царинските процедури со Царините на Србија и Албанија, а секое усогласување значи и забрзување, а реализираше и повеќе активности од инфраструктурен карактер, и сите тие  имаа за цел дополнително забрзување на протокот, пред се на товарните возила, но во одредени делови и за патничките возила. И овие активности ќе продолжат и во следниот период.

Во екот на годишните одмори, кога се соочивме со огромен наплив  на патнички возила, за краток рок, во меѓусебна координација со граничните полиции и царини на двете држави, на влез во државата овозможивме непречено да функционираат 10 ленти, од кои 2 за товарни возила, една за автобуси и 7 за патнички возила, што претставува максимален број на ленти за влез на постоечката инфраструктура. Исто така, за товарните возила воспоставивме приоритетна лента за земјите од Отворен Балкан, како и за земјите од ЦЕФТА за возила со сензитивни стоки, и за стоки наменети за компании со статус на ОЕО, а отворивме и посебна брза лента за празни камиони и камиони кои превезуваат стока со европски транзитен документ NCTS, веднаш по граничната контрола, коишто повеќе не е потребно да влегуваат во граничниот царински терминал на Табановце, туку продолжуваат на автопат, кон узвозните терминали каде ќе ја спроведат постапката.

Со поддршка од ЕВН надминат е и долгогодишниот проблем со прекини на електричната енергија на преминот, кој предизвикуваше повремени падови на системите за евиденција и контрола на самиот граничен премин.

И не застануваме тука. Во координација со колегите од Царинските управи и другите гранични институции од земјите од Отворен Балкан, се работи и на дополнителни олеснувања, кои се усогласени и со ЕУ праксата, а кои верувам дека дополнително ќе придонесат за намалување на времето на чекање на преминот.

Усогласувањето на процедурите и забрзувањето на протокот на патничките возила е пред се фокус на МВР и граничната полиција. Важно е дека сите овие активности се во насока на забрзување, со крајна цел овозможување на слободното движење на стоки и патници преку границата, што всушност е една од најголемите придобивки која не очекува со влезот во ЕУ.

Тоа е уште една причина поради која ние сме силно фокусирани на исполнување на тие критериуми и на тој процес.

Започнува процесот на преговори на земјава со Европската Унија. Во тек е скрининг процесот. Г.ѓо КУТИРОВ, дали Царинската управа е скенирана и верувам дека ќе добиете голем број препораки за да бидеме компатибилни со ЕУ царината?

Кутиров: Како што веќе споменав, усогласувањето со европската пракса е императив за развојот на Царинската управа, при воведување на секоја новина во работење. Ние сме силно посветени на процесот на пристапување во ЕУ, и тоа е нотирано со ниво на висока усогласенот и во неодамнешниот извештај за напредокот на земјата.

Започнувањето на процесот на скрининг, минатата година, а пред се билатералните состаноци кои не очекуваат оваа година, се од исклучителна важност и ќе даде нов импулс во напредокот на Управа, која е носител на Поглавје 29 – Царинска унија, но е учесник и во 12 други поглавја во делот на своите надлежности.

Во моментот се подготвуваат информациите кои ќе бидат презентирани на билатералните состаноци во Брисел, почнувајќи веќе од следниот месец. Добивањето на позитивен извештај во делот на политиките од областа на Царината, е основа и услов во исполнувањето на критериумите за функционирањето на единствениот пазар на Унијата.

Дали планирате отворање на нови гранични терминали спрема соседните земји?

Кутиров: Да, работиме на повеќе проекти за реконструкција на постоечки гранични премини, а и на изградба и воспоставување на нови.

Во тек се активности за реконструкција на граничните премини на Ќафасан и Деве Баир, кои ќе се реализирaат во текот на оваа година со поддршка и обезбедени средства преку заем од Светска Банка. Исто така, планирана е и реконструкција на ГП Делчево, за што се обезбедени средства преку националната програма на ИПА, и за овој проект се завршени сите подготвителни активности, а реализацијата се очекува да заврши во 2024 година.

Во однос на изградба на нови гранични премини, планирана е изградба на нов граничен премин Маркова нога со Грција, за кој исто така се обезбедени средства преку ЕУ ИПА национална програма. Во тек е изработката на финален проект, по што ќе започне фазата на изградба.

Исто така, во моментов во тек се активности за изработка на проектна документација за изградба на нов граничен премин со Бугарија, кај Берово (Клепало). Истиот ќе се реализира преку ЕУ средства – ИПА програма за прекугранична соработка со Бугарија. Крајниот датум за реализација на овој проект е 2029 година.

Паралено, годинава ќе започнеме и со воведување на еден нов концепт на т.н. паметни граници. Во рамките на овој концепт на сите граничните премини и терминали ќе поставиме нова опрема базирана на современи технологии, која ќе може да се интегрира со тековната ИКТ инфраструктура и системи. Оваа опрема вклучува нов систем за видео надзор и препознавање на регистарските таблички на возилата (CCTV и ANPR), интегриран со читачи на кодови на документи, нови автоматизирани рампи и ваги.
Целосната имплементација на овој нов концепт на работа, во кој повеќето процеси ќе се одвиваат автоматски, ќе придонесе за намалување на потребата од човечки фактор на граничните премини и терминали, ќе го забрза протокот, ќе влијае на поефикасни контроли и ќе придонесе за намалување на сивата економија и корупцијата.
Средствата за овие нови проекти во најголем дел се обезбедени од ИПА програмите преку Делегацијата на Европската Унија во Скопје, заем од Светска Банка, други странски донатори, како и  дел од Буџетот на државата.

Европскиот начин на работа на Царината подразбира и стручен и обучен кадар. Г.ѓо КУТИРОВ, колкав е бројот на вработени во Царината и како ќе ја зајакнувате кадровската база на Царината

Кутиров: Ова едно од најзначајните прашања и предизвик со кој се соочува нашата Царинска управа, но тоа е предизвик и за Царините во светот.

Инаку, во моментот Царинската управа има вкупно 1.226 вработени. Според структурата на образование: 716 од вработените се со високо образование, 69 магистри и 3 доктори на науки, а останатиот дел со средно образование.

Царинските службеници уште во првата година посетуваат основна обука со што се стекнуваат со компетенции неопходни за самостојно извршување на работните задачи. Понатаму, во континуитет посетуваат и многу специјализирани работилници и напредни обуки во делокругот на нивната работа.

Инаку, годинава и Светската царинска организација ја посветува на промоција на  важноста од споделувањето на царинското знање и на потребата од градење на капацитети на младите и идни генерации цариници, кои треба да бидат носители на развојот и напредокот на царинската служба.

Оваа година и наш посебен приоритет, ќе бидат обуките и стручното усовршување пред се на помладите колеги, но и сите останати, кои ќе имаат за цел стекнување на знаења од сите области на царинското работење.
Притоа, посебен акцент е ставен на мотивација и грижа и за поискусните колеги, експерти во различни области од царинското работење, кои долги годиниработат на развој на Управата и ги споделуваат своите знаења и искуства во службата, држејќи обуки, советувања, презентации и.т.н.
Секако, дека ја продолжуваме и соработката со деловната заедница и стопанските комори, но и со владините институции и партнери од меѓународните организации, со кои постојано работиме на унапредување на вештините и капацитетот на вработените.
Бидејќи сметам дека движечка сила на секоја институција се вработените. Грижата и влогот во нив, нивната постојана едукација и професионалност е многу значаен како за напредокот на институцијата, така и на државата во целост.

Линк до интервјуто

12.02.2023

Интервју на директорот на Царинска управа Ѓоко Танасоски за МРТ

Пред камерите на МРТ, директорот Ѓоко Танасоски говореше на темите актуелни за Царинската управа, за новините и планираните активности, новиот закон за акцизи и пуштањето во употреба на новиот систем за обработка на царински декларации и акцизни документи

24.07.2019

НАЈАВА НА НАСТАНИ 14 АПРИЛ ДЕН НА ЦАРИНСКАТА УПРАВА

По повод одбележувањето на 14 април - Денот на Царинската управа, организираме неколку настани со кои ќе одбележиме 27 година самостојна и независна Царинска Управа на Република Северна Македонија.

9 април 2019 (вторник):

Крводарителска акција на која учество ќе земат царински службеници од цела држава.

По повод 14 април – Денот на Царинската управа на Република Северна Македонија, традиционално организира Крводарителска акција под мотото „Вашата крв спасува живот – придружете ни се“ на територијата на целата држава.

Крводарителската акција ќе се одржи на 9 април 2019 година (вторник) во просториите на Царинската управа, со почеток во 9 часот (Аквариум сала).

11 април 2019 (четврток):

Со почеток од 12 часот, во Националната филхармонија ќе се одржи традиционалната Свечена церемонија. За време на свеченоста ќе се обратат Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г-дин Зоран Заев и директорот на Царинската управа г-дин Ѓоко Танасоски.

На свеченоста презентиран ќе биде новиот концепт на “Дигитална Царина” и Годишниот извештај за работата на Царинската управа во 2018 година. Изминатата година го завршивме проектот за имплементација на новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи и почнавме со негова пилот примена. Придобивките од овој систем ќе бидат прикажани преку промотивно видео, а исто така, ќе се прикаже и видео за начинот на спроведување на неколку царински постапки, кои се применуваат при увозот, извозот и транзитот на стоки во и од државата. На свечената церемонија доделени ќе бидат и плакети и пофалници, на организации, поединци, царински службеници и организациони единици од Царинската управа, кои во 2018 година дадоа значаен придонес во напредокот на институцијата.

24 април 2019 (среда):

ЈАВНА КАМПАЊА „СТОП ЗА ФАЛСИФИКУВАНИ ПРОИЗВОДИ“

Како дел од активностите организирани по повод одбележувањето на 14 април - Денот на Царинската управа, спроведуваме јавна кампања „Стоп за фалсификувани производи“. На 24 април 2019 година, во поголемите трговски центри во Скопје ќе биде поставен штанд на Царинската управа, каде граѓаните ќе имаат можност да се информираат за се што се презема во борбата против фалсификатите и за тоа како најлесно може да ги препознаат фалсификуваните производи.

Царинска управа на Република Северна Македонија

07.04.2019

“Свесни сме дека е-трговците се соочуваат со администратвни пречки” – Ѓоко Танасоски, директор на Ц

Преку-граничната е-трговија е еден од главните фокус точки на ЕУ легислативите со цел регулирање и олеснување на слободно движење на добра помеѓу земјите.

Ако сакате да ги пласирате и продавате вашите производи надвор од Македонија по електронски пат тогаш ќе треба да се информирате за царинските процедури кои треба да ги следите.

Додека истражувавме за Извештајот од анализата на е-трговијата во РМ ги прашавме е-трговците кои се предизвиците со кои се соочуваат во работењето. Еден од истакнатите предизвици (комплексни административни процедури за извоз и скапа испорака) беше токму и поводот за отпочнувањето соработка со Царинската управа. Првата средба ја остваривме пред неколку месеци каде ги запознавме повеќе со нашата работа и извештајот, а веќе во јули потпишавме меморандум за соработка. Бевме пријатно изненадени од интересот, како и расположението за фокус кон е-трговијата или по “царински речник” преку-гранична е-трговија. Бидејќи постоиме да ја застапуваме индустријата, да шириме знаење и да ја подобруваме состојбата многу скоро (во септември) организираме едукативна работилница со Царинската управа со цел запознавање на сите заинтересирани со олеснетите процедури, како и за одговорање на сите отворени прашања и нејаснотии за е-трговците во поглед на царинските постапки и извоз.

Разговаравме со Директорот на Царинската управа и го прашавме некои работи кои веруваме би ги интересирале сите инволвирани.

Нина Ангеловска: Почитуван г-дин Ѓоко Танасоски, според Вас, кои се главните предизвици од аспект на Царинската управа за креирање на раст и развој на е-трговијата во земјава?

Ѓоко Танасоски: Е-трговијата претставува главен предизвик во меѓународната трговија. Некои можат да мислат дека таа претставува само друга форма на трговија, но сепак треба да се следат измените што придонесуваат за развојот на меѓународната трговија и да се обезбедат иновативни решенија за нејзино справување. Ефикасноста на царинењето и испораката на пратки со мала вредност е од суштинско значење за царинското работење. За да може Царинската управа да се справи со предизвиците на е-трговијата, потребно е да ги ангажираат сите релавантни учесници во постапката за е-трговија со цел правилно утврдување на соодветниот пристап, како од аспект на олеснувањето на трговијата и спроведување на правилна контролна постапка.

Во таа насока Царинската управа неодамна потпиша Меморандум за соработка со Асоцијацијата за електронска трговија што е потврда дека Царинската управа се води од заеднички принципи на постапување и делување, разбирање на партнерите, земајќи ги во предвид предностите и современите текови на електронската трговија што ги вклучува сите трансакции реализирани од далечина, со користење на електронски или дигитални платформи. Потписниците на Меморандумот соработката ќе ја остваруваат преку споделување на релевантни информации од областа на е-трговијата, заеднички ќе придонeсуваат за развојот на соодветни програми од областа на е-трговијата за потребите на корисниците на услугите, како и преку споделување на тековни и нови искуства, релевантни за област на дејствување и соодветната целна група.

За Царинската управа најважни карактеристики во е-трговијата се: брзината и осетливоста на времето за завршување на царинската постапка, високиот обем на мали пратки што се увезуваат преку пошта или брзи пратки, учеството на непознати играчи (во смисла на испорачатели на стоки), како и постапката на враќање на примени и неподигнати стоки.

Во е-трговијата, Царинската управа потребно е да се справи со предизвиците во следниве области: олеснување на трговијата и безбедноста на општеството, правилна и ефикасна наплата на царинските давачки и даноците и заштита на општеството од можната злоупотреба на е-трговијата за криминални активности. Во однос на олеснувањето на трговијата и заштита на општеството, најважни предизвици за Царинската управа на Република Македонија се: обезбедување на брзина и ефикасност во времето на царинење на брзите пратки во услови на зголемен обем на пратки, управување со промените што произлегуваат како резултат на промената на гломазните пратки во контејнери со голем број на мали пратки и пратки со ниска вредност, управување со ризик што произлегува од недоволното познавање на увозниците и синџирот на снабдување во е-трговијата, обезбедување на точност на податоците, како и дефинирање на улогата и одговорностите на операторите во е- трговијата.

Во однос на правилната и ефикасна наплата на царински давачки и даноци, најважни предизвици се: идентификација на злоупотреби при користење на правото на „минимална вредност“ заради целите на нелегална трговија (поделба на пратките на повеќе делови или пониско пријавување на вредноста), почитување на правилата за распоредување на стоките во Царинската тарифа и правилата за потекло на стоките и интеграција на е-трговијата наспроти традиционалната трговија.

Трета област на предизвици што се однесува на заштита на општеството од можната злоупотреба на е-трговијата за криминални активности ги опфаќа:создавањето на специјални организациони единици во Царинската управа што треба да вршат пребарување низ интернет, заради спречување, откривање, истражување и казннување на можни злоупотреби во е-трговијата (шверцување на дрога, фалсификувани и пиратски стоки, откривање на нелегални финансиски текови поврзани со перење на пари, обезбедување на меѓународна соработка и потврда дека договорите за меѓусебна соработка заради откривање и казнување на интернет страни што се хостирани надвор од царинското подрачје на Република Македонија и максимална употреба на постоечката технологија, особено оние поврзани со анализата на податоци.

НА: Моменталните процедури за купувачот кога нарачува нешто онлајн од друга земја со вредност над 22 евра и над 45 евра се прилично комплицирани. Дали се планираат промени во овој дел во насока на симплифицирање и дополнително дали се планира зголемување на прагот на вредноста на стоките кои се испратени од странство кои ќе бидат ослободени од плаќање ДДВ и царина?

ЃТ: Начелно, при пристигнување на поштенските пратки на царинското подрачје на Република Македонија, согласно одредбите на Уредбата за спроведување на Царинскиот закон под надзор на царински службеник се врши издвојување на пратките кои се пуштаат во слободен промет без обврска за поднесување на царинска декларација и тоа:
– поштенски картички и писма кои содржат само лични пораки,
– писма пишувани со Браилово писмо,
– печатен материјал кој не подлежи на плаќање на увозни давачки и
– сите други пратки од некомерцијална природа увозни давачки, а кои содржат ситни подароци, рекламен материјал, ситни мостри и слично, освен пратките кои содржат алкохол и пијалоци што содржат алкохол, парфеми и тоалетни води, тутун и производи од тутун. кои се испраќаат со писмо или со поштенски пакет од незначителна вредност, со вкупна вредност до 22 ЕУР во денарска противвредност, под услов да не постои обврска за плаќање.

Согласно член 1 став 3) од Уредбата за спроведување на Царинскиот закон и член 2 став 1) точка д) од Уредбата за поблиските критериуми и начинот на спроведување на ослободувањето од плаќање на увозни давачки, како и вредноста, количината и видот или намената на стоката која може да се ослободи од плаќање на увозни давачки, како пратки од некомерцијална природа се сметаат оние пратки кои се испратени од едно на друго физичко лице, повремено се увезуваат и нивниот вид и количина укажува дека се наменети за приватна, лична и семејна употреба на примачот или која очигледно е наменета за подарок.Овие пратки се ослободени од плаќање на царински давачки и ДДВ до вредност од 45 ЕУР.

Согласно член 87 од Уредбата за спроведување на царинскиот закон е предвидено дека прилагодување на декларираната вредност нема да биде направено во поглед на трошоците при утврдување на вредноста на пратките од некомерцијална природа, што значи дека за стока од некомеријална природа, транспортните трошоци не се засметуваат во царинската вредност на стоката.

Пратките кои не подлежат на давачки согласно став 3 од членот 144 од Уредбата за спроведување на Царинскиот закон се смета дека се ставени на увид на царинскиот орган во смисла на член 73 од Царинскиот закон, дека царинската декларација е прифатена и дека е одобрено пуштање на стоката, во моментот кога стоката е испорачана до примачот. Овие пратки, после извршената контрола од страна на царинскиот орган во изменичната пошта можат да се пуштат во слободен промет без царински формалности.

Овие правила и прагови, особено во делот на ослободување од плаќање на ДДВ се целосно усогласени со Директивите за ДДВ на Европската Унија и Република Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ и во согласност со Националната програма за усвојување на правото на ЕУ е должна да ги применува во целост и да се усогласува со нив.

НА: Многу често коментарите на е-купувачите се дека толкувањата за вредноста на стоките купени за лична употреба во отсуство на прикажана фактурна вредност (а понекогаш и кога ја има) се субјективни и зависат од случај до случај. Дали планирате промени во овој дел со цел зголемување на транспарентноста и довербата кај купувачите кои прават нарачки од странски веб сајтови?

ЃТ: Сите поштенски пратки кои содржат стока, а кои се испратени од странство од страна на правни лица, како и сите пратки кои се предмет на купопродажба, подлежат на пресметка на царински давачки и ДДВ, независно дали служат за лична употреба на примачот. При тоа од плаќање на царински давачки се ослободуваат пратките чија што вредност не надминува 45 ЕУР, а од плаќање ДДВ се ослободуваат пратките чија што вредност не надминува 22 ЕУР, што значи дека за пратките со вредност до 45 ЕУР се плаќа само ДДВ.

Во постапката на царинење на стоката во поштенските пратки, независно дали се спроведува на поштенско царинска декларација или единствена царинска декларација (ЕЦД), се утврдува царински долг што треба да се плати. Царинскиот долг го сочинуваат царината и ДДВ и евентуално други пропишани давачки во зависност од видот на стоката. Пропишаната царинска стапка се пресметува на царинската вредност на стоката. Царинската вредност на стоката ја сочинува трансакциската вредност, односно стварно платената цена на стоката или цената која што треба да се плати, прилагодена за дополнителните трошоци кои се настанати до пристигнувањето на стката на царинското подрачје на Република Македонија. По правило во царинската вредност на стоката испратена по пошта влегуваат трошоците за поштарина кои настануваат надвор од царинското подрачје на Република Македонија. Трошоците за поштарина не влегуваат во царинската вредност на стоката која по пошта ги испраќа едно физичко лице на друго, освен кога се работи за стока превезена со брза пошта позната како ЕМС. Во царинската вредност, исто така, не се вклучуваат и евентуалните дополнителни трошоци кои настануваат во Репубика Македонија, а кои ги наплаќа поштата.

Даночната основица ја сочинува износот на царинската вредност зголемена за износот на пресметаната царина.

Основен документ за утврдување на царинската вредност претставува фактурата, односно сметката. Доколку кон поштенската пратка не е приложена фактура или сметка, царинскиот службеник ќе го повика примачот на стоката да достави докази за вредноста на стоката. Доколку примачот на пратката не достави никакви податоци за вредноста на стоката, царинскиот службеник ја пресметува царинската вредност согласно одредбите од членовите 29 до 34 од Царинскиот закон.

Сакам да нагласам дека во овој сегмент преку соработката со АЕТМ предвидуваме повеќе начини за зголемување на соработката и транспаретноста во поглед на подигање на свеста на учесниците во е-трговијата за начините на утврдување на царинската вредност и елемнтите што ја сочинуваат царинската вредност.

НА: Во извештајот на анализата на е-трговијата во Македонија, кој го објави АЕТМ, како дел од предизвиците на е-трговците кои продаваат на странски пазари посочени се комплицираните административни пречки и царинските процедури за извоз. Какви се плановите на Царинската управа за олеснување на овие процедури?

ЃТ: Царинската управа има големо значење во спроведувањето на политиките на Владата и реализација на целите за национален развој. Таа често е првиот прозорец преку кој надворешниот свет ја гледа земјата, затоа без добро обучена и ефикасна Царинска управа, не можат во целост да се остварат целите во поглед на заштита на општеството од голем број интернационални, економски и безбедносни закани. Од неодамна, од Царинската управа, како и од многу други царински администрации ширум светот, беше побарано да ја преземе улогата на олеснувач на трговијата. За исполнување на оваа улога Царинската управа треба да усвои конкретни практики што треба да овозможат олеснување на трговијата и подобрување на царинските постапки. Овие подобрени практики, исто така, се усвоени од други земји и се развиени во рамките на Светската царинска организација (СЦО) и Светската трговска организација (СТО).

Сите се согласуваме дека е важно деловната заедница да биде информирана за спроведувањето на реформите за олеснување на трговијата, опфатени во Спогодбата на Светската трговска организација за олеснување на трговијата и утврдувањето на минималните барања што треба да се спроведат за да се зголеми ефикасноста на прекуграничните постапки.

Свесни сме дека е-трговците се соочуваат со администратвни пречки. Следејќи ги препораките од Извештајотна АЕТМ, а во насока на олеснување на работата на е- трговците, Царинската управа го промовира концептот на локално царинење при извоз со употреба на поедноставени постапки. Со употребата на овие поедноставени царински постапки, е-трговците ќе можат секојдневно 24/7 да вршат испорака на нивните пратки во странство само со комерцијална фактура, а царинска декларација да поднесуваат еднаш на секои 10 или 15 дена. На овој начин преку значително намалување на трошоците за извоз ќе можат да вршат и поврат на ДДВ со што значително ќе им се олеснат условите за работа. Во соработка со АЕТМ планирано е во месец септември да се организира работилница со сите е-трговци со цел да бидат запознаени со овие поволности.

НА: Минатиот месец Светската Царинска Организација (WCO) објави Рамка на стандарди за преку-гранична е-трговија. Кои од овие стандарди сметате дека се клучни и дали се планира имплементација на истите во Македонија?

ЃТ: Растечкиот тренд во прекуграничната трговија обезбедува огромни можности за глобалната економија, со што се создаваат нови услови за раст, развој на нови трговски текови, нови трендови во потрошувачката и создавање на нови работни места. Овој огромен раст го револуционаризира начинот на кој потрошувачите и купувачите ги рекламираат, продаваат и купуваат стоките, нудејќи пошироки можности за избор, плаќање и начини на испорака. Со е-трговијата се отвораат нови економски можности за микро, малите и средните претпријатија во услови на поширок пристап кон странските пазари.

Недостатокот на глобални стандарди за ефикасно управување со прекуграничната е-трговија имаше влијание на олеснувањето на трговијата, сигурноста и безбедноста, како и почитувањето на законските прописи. Од таа причина, неопходно беше усвојувањето на овие глобални стандарди што треба да бидат клучна алатка во поставуувањето на новите канали на трговијата како главна машина за глобалниот економски раст.

Царинската управа на Република Македонија во рамки на плановите за воведување на новиот систем за обработка на царински декларации што треба да се применува од наредната година, планира широко воведување на овие глобални стандарди на Светската царинска организација. Ова пред се ќе се однесува на можноста за безхартиено царинско работење, воведување на информации пред пристигнување на стоката и претходно утврдување на висината на царинските давачки. Во однос на стандардот за јавно информирање, како што споменав и претходно во месец септември со АЕТМ планираме организирање на едукативен настан со цел пошироко запознавање на е-трговците со поедноставувањата во царинската постапка.

Глобалната рамка на стандарди треба да биде од голема помош за владите, особено за царинските управи, приватниот сектор и другите учесници во е-трговијата во исполнувањето на нивните индивидуални цели и приоритети.

НА: За крај, каква е ситуацијата со легислативата во ЕУ во контекст на преку-гранична е- трговија, кои се лоцираните предизвици и кои се промените кои се предлагаат?

ЃТ: Законодавство на ЕУ во најголема мерка е насочено кон олеснување и дигитализација на прекуграничната е-трговија. Тоа пред се, овозможува царинските органи да имаат увид во сите податоци што се однесуваат на пратките пред нивното пристигнување на Царина во поглед на видот на стоката, количината, вредноста, името на испраќачот и името на примачот на стоката. На овој начин преку користење на алатката за управување со ризик и информации пред престигнување царинскиот орган уште пред да пристигне пратката го информира превозникот – поштата или курирскиот превозник, кои пратки се ослободени од плаќање на царина и давачки, кои пратки треба да се прегледаат, а кои треба да бидат предмет на физичка контрола. Ваквиот начин на царинење овозможува значително забрзување и скратување на времето за царинење на брзите пратки и намалување на трошоците.

Царинската управа од мај оваа година почна да применува ваков начин на царинење за брзите пратки што пристигаат на аеродром преку брзите пошти и ваквиот начин на царинење во изминативе месеци покажа мошне солидни резултати во поглед на времето и трошоците за царинење на брзите пратки. Следна фаза претставува воведување на електронско плаќање на царина и воведување на ваквиот начин на царинење во поштенскиот сообраќај.

Царинската управа на Република Македонија и понатаму ќе продолжи да го поддржува растот на е-трговијата придонесувајќи за екомомскиот развој и иновациите, преку обезбедување на поедноставено царинско опкружување што треба да придонесе за успех и одржливост на е-трговијата. Ова ќе го постигнеме преку хармонизација со европските процеси за царинење на пратки со мала вредност.

29.08.2018
Scroll to top

.