Мали независни производители на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели - мали дестилерии
Мал независен производител на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели – мала дестилерија, кој произведува етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци како дел од неговата регистрирана дејност треба да ги исполнува следниве услови:
- има вкупно годишно производство на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци од најмногу 2000 литри чист алкохол;
- правно и економски е независно од било кој друг производител на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци и
- неговите производствени и помошни објекти не се технолошки поврзани со производствените и помошните објекти на друго лице кое произведува етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци како дел од неговата регистрирана дејност.
Под вкупно годишно производство на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци произведени од мал независен производител на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци се подразбира вкупната количина на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци произведени во текот на календарската година.
Акцизната дозвола се издава врз основа на поднесено барање за издавање на акцизна дозвола во компјутерскиот систем на Царинската управа СОЦДАД со придружни документи пропишани согласно Правилникот за начинот на оданочување со акциза на алкохол и алкохолни пијалаци и тутунски производи.
Барањето за издавање на одобрение се поднесува во СОЦДАД на следниов линк: https://trader.customs.gov.mk/trader-meos-ui/protected/main.html
Пред започнувањето со работа надлежниот царински орган врши надзор и контрола на опремата и условите за производство и по потреба врши пломбирање на опремата за производство.
Малиот независен производител на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци е должен комерцијалните пакувања да ги обележи со акцизна марка согласно одредбите пропишани во член 61 од Законот за акцизите. Акцизната марка треба да биде залепена на затворачот на шишето, така што при отворање ќе мора трајно да се оштети.
Малиот независен производител на етил алкохол и жестоки пијалаци е должен комерцијалните пакувања да ги обележи со специјална етикета во која е наведено дека алкохолниот пијалок е произведен под посебен режим на намалена акциза. На етикетата треба да бидат наведени податоци во согласност со прописите за безбедност на храната, име и адреса на производителот, процент на алкохол, вид на производот, како и број од решение од Агенција за храна и ветеринарство дека производот е соодветен за консумирање.
Ако во текот на календарската година бидат произведени етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци со количина поголема од пропишаната количина 2000 литри чист алкохол, производителот е должен во рок од 15 дена да го извести надлежниот царински орган и да побара промена на акцизната дозвола, како и да изврши доплата на акцизата за разликата од целосната стапка и платената акциза по намалена стапка.
Малиот независен производител на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци не поднесува гаранција за пбезбедување на акцизен долг, освен во случаи на неисполнување на обврските кои произлегуваат од акцизната дозвола.