Постапување по барање за исправка на погрешна уплата или барање за поврат на погрешно уплатени средства
Царинската управа почнувајќи од 01.06.2010 година применува нов (поедноставен) начин на постапување со уплатените парични средства (јавни приходи) на евидентната сметка 845-ХХХ-00960 на Царинската управа, кои поради грешки при уплатата останале неповрзани со царинската декларација (ЕЦД) на која се однесуваат, како и со погрешно уплатените средства без да постои царински долг. Во таков случај се постапува на следниот начин:
1. Доколку уплатените парични средства не се поврзани со конкретно ЕЦД поради неправилности и пропусти во образецот ПП50 (вирман) во полето ,,повикување на број,, и ,,цел на дознака,, (од типот на погрешен референтен број и/или регистерски број на ЕЦД, погрешен број на управно решение, погрешна шифра на царинарница /или царинска испостава, погрешен податок за година, погрешен даночен број), треба да се поднесе Барање за ИСПРАВКА НА ГРЕШКАТА на следниот образец (Прилог 1).
Ова барање се поднесува со платена административна такса на износ од 50,00 денари и кон истото треба да се приложи оригинален примерок на вирманот од извршената уплата или извод од сметката на обврзникот доколку уплатата е извршена по електронски пат.
Заради итност на постапките, ова барање заедно со прилозите наведени кон Прилог 1 може да се достави и по електронски пат на e-mail адресa oddeleniezanaplata@customs.gov.mk, односно истото треба да е скенирано со потпис, печат и административна такса од 50,00 денари заедно со вирманот, а барателот има обврска истовремено да го достави и по редовна пошта. Секое непочитување од страна на барателите на обврската за доставување на барањето во оригинал по редовна пошта, предизвикува неодобрување на новоподнесени барања на овој начин.
2. Доколку се погрешно уплатени парични средства во смисла на погрешен даночен број на налогодавачот, број на сметка, како и кога одредени средства погрешно се уплатени без да постои обврска за плаќање на јавни приходи, треба да се достави Барање за ВРАЌАЊЕ НА ПОГРЕШНО УПЛАТЕНИТЕ ПАРИЧНИ СРЕДСТВА на следниот образец (Прилог 2).
Ова барање се поднесува со платена административна такса на износ од 50,00 денари и вирманска уплата од 500,00 денари на име административна такса, на сметката 840-ХХХ-03161, приходна шифра 722313 00 (ХХХ значи шифра на општината во која има седиште уплатувачот на таксата) и кон истото треба да се приложи оригинален примерок на вирманот од извршената уплата или извод од сметката на обврзникот доколку уплатата е извршена по електронски пат.