Заштита на правата од интелектуална сопственост

Правен основ

На нацинално ниво царинското спроведување на правата на интелектуална сопственост  е уредена со Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост (Сл. весник бр.88/15, ... и 110/21). Покрај Законот пропишани се и следните подзаконски акти:

  • Правилник за формата и содржината на барањето за преземање на царински дејствија како и потребната документација и формата и содржината на барањето за продолжување на периодот за преземање на царински дејствија (Сл. весник  бр.106/15  )
  • Правилник за формата и содржината на мандатниот платен налог (Сл. весник бр. 124/16 )
  • Уредба за начин на распределба на бесплатно отстапeна стока од државен орган, како и образец на извештај за бесплатно отстапена стока од страна на државен орган (Сл. весник бр.139/15)

Законот за царински мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост е усогласен со Регулатива (ЕУ) бр. 608/2013 во врска со царинското спроведување на правата на интелектуална сопственост и Регулативата за спроведување на Комисијата (ЕУ) бр. 1352/2013 во однос на формуларот за барање за преземање на царински дејствија.

Примена на законот

Законот се применува на стоката која е предмет на царински надзор или  царинска контрола во следниве случаеви:

  • Стока декларирана за пуштање во слободен промет, извоз или повторен извоз;
  • Стока која се внесува или изнесува од царинското подрачје на Република Македонија или кога е ставена во постапка на транзит;
  • Стока која е ставена во постапка на царинско складирање, увоз за облагородување, преработка под царинска контрола или привремен увоз, или која е ставена во слободна зона или слободен склад во согласност со царинските прописи.

Законот не се применува :

  • за стока пуштена во слободен промет наменета за крајна употреба
  • за стока од некомерцијална природа која се наоѓа во личниот багаж на патниците
  • на стока што е произведена со согласност на носителот на правото или за стока произведена од лице кое е овластено од носителот на правото да произведе одредена количина на стока, над договорената количина помеѓу тоа лице и носителот на правото

Права на интелектуална сопственост

„Право на интелектуална сопственост“ е:

а) трговска марка, согласно Законот за индустриска сопственост, како и меѓународни договори кои се ратификувани во Република Македонија;

Со трговска марка се штити знак кој може графички да се прикаже и кој е подобен за разликување на стоките или услугите на еден учесник во прометот од стоките или услугите на друг учесник во прометот. Со трговска марка се штитат знаци подобни за разликување како што се: зборови, букви, бројки, слики, цртежи, комбинации на бои, тродимензионални форми, вклучително и форми на стоките или нивните пакувања, како и комбинациите на сите напред наведени знаци.

б) дизајн, согласно Законот за индустриска сопственост, како и меѓународни договори кои се ратификувани во Република Македонија;

Дизајн е надворешен изглед на производот во целост или на негов дел кој е определен од неговите обележја особено линиите, контурите, боите, обликот, текстурата и материјалите од кои производот е сочинет или украсен како и/или негова орнаментација,

в) авторско право или сродно право, согласно Законот за авторски и сродни права;

Авторско дело, во смисла на овој закон, е индивидуална и интелектуална творба од областа на книжевноста, науката, уметноста и од други области на творештвото, независно од видот, начинот и формата на изразување, доколку со овој закон не е поинаку определено.

г) патент, согласно Законот за индустриска сопственост;

Со патент се штити пронајдок во сите области на технологијата, ако е нов, ако содржи инвентивен придонес и ако може да се применува во индустријата.

д) географска ознака, согласно Законот за индустриска сопственост,  е:

а) заштитена географска ознака или ознака на потекло на земјоделски и прехранбени производи, согласно Законот за квалитет на земјоделски производи;

б) ознака на потекло или географска ознака за вино, согласно Законот за виното;

в) географска ознака за ароматизирани пијалаци врз база на вино, согласно Закон за виното;

г) географска ознака, согласно меѓународните договори кои се ратификувани во Република Македонија.

Географска ознака е географскиот назив  на земјата, регионот или местото со кој се означува производот чиј квалитет, угледот или други карактеристики во суштина можат да се припишат на географското потекло. Географската ознака, за еден производ може да се штити под услов производството и/или постапката и/или подготовката на производот да се одвива во определено место на потеклото.  Географските називи кои не ги исполнуваат условите за заштита како ознака на потеклото можат да се заштитат како географски ознаки.   

ѓ) сертификат за дополнителна заштита на медицински производи, согласно Законот за индустриска сопственост;

е) сертификат за дополнителна заштита на производите за заштита на растенијата, согласно Законот за производи за заштита на растенијата;

Сертификатот се издава за производот кој е заштитен со основен патент, а за кој има одобрение за ставање во промет и за било која употреба на медицински производ или производи за заштита на растенија одобрен пред истекот на сертификатот. Правото за кое се издава сертификатот е идентично со правото на основниот патент и е предмет на истите ограничувања и обврски како основниот патент.

ж) права за одгледување сорти на растенија, согласно Законот за семенски и саден материјал за земјоделски растенија;

Сорта е група на растенија во рамките на значењето на најниска ботаничка класификација, ако е можно да се:

- определи со изразени карактеристики кои произлегуваат од одреден генотип или од комбинација од генотипови,

- разликува од која било друга група на растенија, барем по една од изразените карактеристики и

- третира како целина доколку тие карактеристики во размножувањето се постојани

з) топографии на интегралните кола, согласно Законот за заштита на топографијата на интегралните кола;

Топографии на интегралните кола значи на било кој начин прикажан тродимензионален распоред на елементите од кои најмалку еден е активен и меѓуврската во интегралното коло, или таков тродимензионален распоред подготвен за производство на определено интегрално коло.

Надлежни органи за спроведување на законот

Царинската управа преку своите организациони единици  има надлежности за спроведување на Законот. Воспоставена е Служба за заштита на правата од интелектуална сопственост во рамки на Одделение за нетарифни мерки и заштита на правата од интелектуална сопственост - при Сектор за акцизи. Службата е надлежна за прием на барањата и внесување во електронската евиденција, доставување на известувања до носителот на правото и изготвување на акти поврзани со привремено задржаната стока.

Сектор за контрола и истраги и царинарниците се надлежни за идентификување и привремено задржување на стока ставена во царинска постапка за која постои основано сомневање дека повредува право од интелектуална сопственост.

Поднесување на барање

Заштитата на правата може да се спроведува врз основа на прифатено барање за преземање на царински дејствија. Барањето се поднесува во седиштето на Централна управа, во хартиена форма, на пропишан образец. Подносител може да биде носител на право, лица овластени да ги користат правата на интелектуална сопственост од носителот на право или група на производители за географски ознаки. Кон барањето се доставуваат сите документи и податоци кои се потребни за лесно препознавање на предметната стока како и доказ дека барателот има право да поднесе барање. Рок на одлучување е 30 работни дена. Важи една година, може да се продолжи за една година. Барањето за продолжување се поднесува најмалку 30 дена пред истекот на рокот на претходно одобреното барање.

Барањето се пополнува согласно начинот на пополнување наведен во Упатство за пополнување на Барањето за преземање на царински дејствија од страна на подносителот на барањето кое е составен дел на барањето.

Постапување на царинскиот орган

Доколку царинскиот орган идентификува стока за која постои сомневање за повреда на правата правата од интелектуална сопственост опфатена со прифатено барање за преземање царински дејствија, го одложува пуштањето на стоката или ја задржува истата. За ова го известува декларантот или лицето кое ја поседува стоката како и носителот на правото и се бара во определeниот рок од 10 работни дена а за лесно расиплива стока во рок од 3 работни дена писмено да се произнесе во однос на оригиналноста на стоката и притоа му доставува фотографии од задржаната стока по електронски пат.

Доколку царинскиот орган идентификува стока за која постои сомневање дека повредува право на интелектуална сопственост, која не е опфатенa со прифатено барање за преземање царински дејствија, може освен во случај на расиплива стока, да го одложи пуштањето на стоката или истата да ја задржи. Во овој случај лицето кое има право да поднесе барање истото треба да го поднесе во рок 4 работни дена. Во случај да никој не поднесе барање тогаш за  стоката продолжува натамошната царинска постапка.

Стоката за која е утврдено дека повредува право од интелектуална сопственост и доколку се исполнети условите за уништување согласно законот истата се уништува согласно Упатството за уништување на стока.

Бесплатно отстапување на стока

Согласно одредбите од Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост, на предлог на Царинската управа, Владата на РСМ може да донесе одлука стоката за која е утврдено дека повредува право од интелектуална сопственост, бесплатно да се отстапи на државен орган, во случаи на ублажување на последиците од елементарни непогоди, како и за помош на приматели на социјална помош. Oтстапените стоки се текстилни производи и обувки кои се распоредуваат во Главите 61, 62 и 64 од царинската номенклатура според Законот за царинската тарифа.

Напоменуваме дека Царинската управа нема надлежност да постапува во случаите на таканаречен „паралелен увоз“, односно кога економски оператор кој нема договор за дистрибуција или застапништво увезува оригинални производи.

Прилог :

Барање за преземање на царински дејствија

Барање за продолжување на периодот за преземање на царински дејствија

Барање за уништување

Scroll to top

.