Ослободување од акциза енергенти и електрична енергија
Енергентите се ослободени од плаќање на акциза во постапка на повластено користење од член 49 од Законот за акцизите, во случај кога:
- се користат за други намени, а не како погонско гориво или гориво за греење, со исклучок на енергентите од член 93 од законот;
- се користат во воздушен сообраќај, со исклучок на користењето во воздушниот сообраќај за приватни намени;
- ги набавуваат Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи за специјалните возила за целите на одбраната и безбедноста;
- кога имаат двојна употреба;
- кога се користат во минеролошки процеси;
- производителот на енергенти и електрична енергија ги користи во своите производствени погони за понатамошна преработка, односно производство на други енергенти и електрична енергија, освен ако се користат како погонско гориво за возила и
- се користат за заедничко производство на топлинска и електрична енергија во единствен процес (когенерација).
Под воздушен сообраќај за приватни потреби се подразбира употреба на воздухоплов од страна на неговиот сопственик или од страна на физичко или правно лице преку изнајмување или на друг начин, за некомерцијални цели и не се употребува за превоз на патници или стоки, како и за давање на услуги со надоместок или пак за потребите на државните органи.
Под двојна употреба на енергентите се подразбира нивната употреба како гориво за греење и во исто време за намена која не е како погонско гориво или гориво за греење (употреба на енергенти за хемиско-редукциски, електролитски и металуршки процеси).
Под минеролошки процеси, во смисла на Законот за акцизите се подразбираат процесите кои се распоредуваат во Оддел 23 од Националната класификација на дејности НКД Рев.2 во Република Северна Македонија.