ИНТЕГРИРАНА ТАРИФНА ОКОЛИНА (ИТО)

Интегрираната тарифна околина (ИТО) претставува бизнис концепт што ги групира повеќето комјутерски системи што служат за размена на информации помеѓу Европската комисија и земјите - членки на ЕУ. Главна цел на проектот е да ги усогласи царинските ИТ системи со соодветните тарифни системи што ја сочинуваат ИТО на Европската Унија.

Зошто го воведуваме ИТО?

За пристапување во ЕУ задолжително е воведување на ИТО со цел да се приближиме до заедничкиот eвропски пазар и Царинската унија на ЕУ. ИТО ќе го зајакне оперативниот капацитет на Царинската управа според стандардите на ЕУ, особено во однос на царинските тарифи, што се основа на царинските постапки. Целта е да се обезбеди целосна компатибилност и интероперабилност помеѓу ИТ системите на Царинската управа и соодветните ИТ системи на Царината на ЕУ.

Со овој проект, Царинската управа ќе имплементира бизнис процеси што се компатибилни со ИТО и исто така ќе ги воведе ИТ системите за поддршка на истите.

Од што се состои ИТО?

ИТО ги опфаќа следните системи: ТАРИМ (националната имплементација на ТАРИК- Интегрирана тарифа на Европската заедница), Европски задолжителни тарифни информации (ЕЗТИ), Систем за квоти, Систем за надзор, Европски попис на хемиски супстанци (ЕПХС) и Систем за управување со примероци (СУП).

Подетално, системите претставуваат:

  • ТАРИМ - содржи и модул за пресметка на царинските давачки што е од суштинско значење за доследна и ефикасна наплата на точни царински давачки и спроведување на другите економски мерки;
  • Систем за квоти - управува со квотите на ЕУ при увоз врз основа на принципот „прв дојден, прв корисник“;
  • Систем за надзор - служи за следење на увозот и извозот и ја поддржува примената на трговските мерки;
  • Европски задолжителни тарифни информации - систем за управување и објавување на задолжителни тарифни информации;
  • Европски попис на хемиски супстанци – листа на супстанци дефинирани според регулативата на ЕУ;
  • Систем за управување со примероци - содржи база на примероци од царински печати, пломби и потребни документи за царинските постапки.

Кои се предностите?

Пред пристапот во ЕУ, економските оператори ќе имаат придобивки од системот што ќе им овозможат поефикасна работа:

  • Он-лајн (електронски) пристап преку ТАРИМ системот до информациите кои претходно беа достапни како хартиени документи (во моментов достапни во прирачникот - Водич за царинење на стоки). Достапните информации ќе ги опфаќаат: царинските давачки, националниот ДДВ, националната акциза и националните нетарифни мерки, како што се ограничувањата при увоз и извоз (дозволи или одобренија);
  • ТАРИМ содржи дополнителни информации што ќе ја намалат потребата од консултација со законите;
  • Информациите во системот ќе бидат достапни и по истекување на нивниот рок на важење;
  • Пристап до модул за пресметки – можност за пресметка на царинските и другите давачки, како и добивање информации во однос на документите (дозволи/сертификати) потребни за увоз и извоз.

Сето ова значи побрз, полесен и потранспарентен пристап до информации за економските оператори, како и добивање на поефикасна услуга, што ќе има позитивно влијание врз секојдневната работа.

По пристапување во ЕУ, унифицираната примена на царинските мерки од страна на сите земји - членки на ЕУ ќе овозможи:

  • Интегрирани податоци – поголема транспарентност и поразбирливи информации;
  • Централизирано распределување на квоти – еднаков третман за сите земји членки на ЕУ;
  • Централизирано одржување и проверка на системот од страна на ЕУ;
  • Достапност за консултација на постари информации на ЕУ;
  • Поголема ефикасност во севкупното царинско работење;
  • Поголема стручност и поквалитетна услуга од страна на царинските службеници;
  • Заштита на економијата (на пример, преку употреба на анти-дампинг мерки);
  • Надгледување на увозот и извозот преку Системот за надзор.

Горенаведеното ќе овозможи заштеди за економските оператори и Царинската управа, во однос на следното:

  • Електронска објава на интегрираните тарифни информации;
  • Администрација и одржување на точни и ажурирани податоци;
  • Автоматска валидација на тарифните ознаки и други податоци;
  • Автоматско пресметување на царински давачки;
  • Унифицирана и доследна примена на регулативите.

Кога ИТО ќе стане оперативен?

Најважната апликација – ТАРИМ мора да се имплементира пред пристапувањето во Европската Унија. Кога ќе станеме дел од ЕУ, претходното искуство стекнато преку националните мерки ќе овозможи полесен премин кон мерките на ЕУ. Во меѓувреме, економските оператори ќе имаат придобивка од поефикасниот систем.

Scroll to top

.