Царинска вредност

Царинската вредност е пропишана согласно одредбите на:

  • член 27 до 45 од Царинскиот закон,
  • член 61 до 93 од Уредбата за спроведување на Царинскиот закон и
  • одредбите на Договорот за примена на член 7 од Општиот договор за царини и трговија (GATT) од 1994 година и член 7 од Општиот договор за царини и трговија (GATT) од 1994 година.

Методи за утврдување на царинска вредност на стока

Методите за утврдување на царинската вредност се пропишани согласно членовите 28 до 34 од Царинскиот закон кои се применуваат по прецизно утврден редослед хиреархиски (доколку не може да се примени првиот метод, тогаш се применува вториот метод итн).

Основен метод за утврдување на царинската вредност е дефиниран согласно членот 28 од Царинскиот закон според кој царинската вредност на увезена стока претставува трансакциската вредност, а тоа е вистински платената цена или цената која треба да се плати за стоката која е продадена за извоз во Република Северна  Македонија.

При примената на овој метод на трансакциска вредност, покрај вистински платената цена или цената која треба да се плати, се додаваат одредени трошоци пропишани согласно членот 35 од Царинскиот закон и не се додаваат трошоците пропишани согласно членот 36 од истиот закон.

Ако царинската вредност на увезената стока не може да се утврди во согласност со одредбите на членот 28 од Царинскиот закон, како царинска вредност ќе се смета трансакциската вредност на идентична стока, продадена за извоз во Република Северна Македонија и извезена во исто или приближно исто време, како и стоката која се вреднува (член 29 од Царински закон) и ако така не може да се утврди, како царинска вредност ќе се смета трансакциската вредност на слична стока, продадена за извоз во Република Северна Македонија и извезена во исто или приближно исто време, како и стоката која се вреднува (член 30 од Царински закон).

При примена на овие два метода, стоката која се продава треба да е на исто комерцијално ниво и главно во иста количина, како стоката која се вреднува. Кога таква продажба не е пронајдена, се употребува трансакциска вредност на стока продадена на различно комерцијално ниво и/или во различна количина, со потребно прилагодување заради разликите во комерцијалното ниво и/или количината, а под услов таквото прилагодување да може да се изврши врз основа на доставени докази.

Кога царинската вредност неможе да се утврди во согласност со членовите 28, 29 и 30 од Царинскиот закон, царинската вредност се утврдува во согласност со одредбите на членот 32 од овој закон (метод на дедуктивна вредност). При примена на оваа метода царинската вредност се утврдува со „одење наназад“, односно од продажната цена на увезената стока во Република Македонија, или на идентична или слична увезена стока се одбиваат трошоците кои биле додадени на таа стока по извозот.

Ако царинската вредност не може да се утврди согласно одредбите на член 32 од Царинскиот закон, тогаш се утврдува согласно одредбите на член 33 од тој закон (пресметковен метод). При примена на оваа метода царинската вредност се утврдува врз основа на трошоците за производство на стоката која се вреднува, плус износот на профитот и општите трошоци кој вообичаено се искажува при продажба на стока од иста класа или вид како и стоката која се вреднува. Во одредени случаи оваа метода може да се употреби пред методата на дедуктивна вредност.

Ако царинската вредност на увезената стока неможе да се утврди врз основа на членовите 28, 29, 30, 31, 32 и 33 од Царинскиот закон, тогаш се утврдува согласно членот 34 на Царинскиот закон (расположиви податоци). Методата на paспoлoживи пoдaтoци се применува кога царинската вредност не може да се утврди со користење на претходно наведените методи. Според оваа метода, царинската вредност на стоката се утврдува врз основа на податоци кои се на располагање во Република Македонија, а не се во спротивност со исклучоците наведени во член 34 од Царинскиот закон. Оваа метода најчесто треба да се базира на претходно утврдени вредности, со пофлексибилен третман, односно да започне повторно од почеток и флексибилно да ја преиспита можноста за примена на некоја од претходните методи со цел да се утврди вредноста со користење на разумни средства и затоа методата на расположиви податоци е позната и како „флексибилна метода“ за утврдување на вредноста.

Права и обврски на царинските органи

Царинскиот орган во царинска постапка согласно одредбите на член 42 од Царинскиот закон може да ги бара од декларантот сите документи и податоци кои се потребни за утврдување на царинската вредност според членовите 28 до 36 на Царинскиот закон. Одредбите од членовите 27 до 45 на Царинскиот закон нема да го ограничат и да го доведат во прашање правото на царинскиот службеник да ја утврди вистинитоста и исправноста на која било изјава, документ или декларација поднесена заради утврдување на царинската вредност.

Согласно Царинскиот закон исто така е предвидено дека во рок од пет години од денот на прифаќање на декларацијата, царинскиот орган може после пуштање на стоката поради проверка на точноста на податоците наведени во декларацијата да изврши контрола на комерцијалните документи и податоци во врска со увозот или извозот на таа стока.

На писмено барање, увозникот има право на писмено објаснување од страна на царинскиот службеник, за начинот на утврдување на царинската вредност на увезената стока.

Утврдување на царинска вредност на носители на податоци

Утврдување на царинска вредност на стока што се увезува без плаќање на противредност

Намалувања на цената

Авторски права и надоместоци за лиценца

На следниот линк се наоѓа курсот за електронско учење за Царинска вредност (60 минути) кој е наменет како за царинските службеници, така и за деловната заедницата која ги применува царинските прописи.

Scroll to top

.