НАЧИН НА ПОПОЛНУВАЊЕ НА УВЕРЕНИЕ ЗА ДВИЖЕЊЕ

Начин на пополнување на поднесено барање за издавање на уверение за движење ЕУР.1 (во натамошниот текст уверение) од страна на извозникот или неговиот застапник:

Страна 1 (предна страна на „образец на уверение“)

Рубрика 1 (Извозник)

Назив на извозникот, неговата полна адреса и земјата на седиште. Ако извозникот е правно лице тој мора да е регистриран (резидент) во Република Северна Македонија.

Рубрика 2 (Уверението се применува во преференцијалната трговија помеѓу:)

Република Северна Македонија и името на договорната земја, група на земји или територија на крајна намена на стоката или само ЦЕФТА при извоз во било која земја членка на ЦЕФТА согласно Анекс 4 од ЦЕФТА договорот.

Рубрика 3 (Примач) (Незадолжителна)

Пополнувањето на оваа рубрика не е задолжително, а доколку е пополнета се запишува називот на примачот на стоката, неговата полна адреса и земјата на седиште која мора да е идентична со онаа запишана во рубриката 2. Ако стоката се извезува на изложба надвор од Република Северна Македонија и е наменета подоцна да се испрати во договорната земја, група на земји или територија, во оваа рубрика задолжително се запишува името и адресата на изложбата.

Рубрика 4 (Земја, група земји или територии од која производите се сметаат дека се со потекло)

Република Северна Македонија или во одредени случаи името на земјата, група земји или територија на потекло од која производите се сметаат дека се со потекло согласно Спогодбите/Договорите за слободна трговија кои Република Северна Македонија ги има склучено.

Во случај кога пратката содржи стока која потекнува од повеќе од една држава, во оваа рубрика се запишува „види рубрика 8“ („see box 8“). Во рубрика 8 тогаш мора да бидат наведени официјалните кратенки на државата на потекло и тоа на секоја позиција (за секој вид на стока наведен во рубрика 8). Кратенките се базирани на ИСО стандардите (ИСО - Алфа2 или Алфа3 кодови како што е наведено во Кодексот на шифра на земја од Правилникот за начинот на пополнување на царинската декларација и кодексот на шифри кои се употребуваат[1]). Иако не постои ИСО - Алфа код за Европската Заедница, кодовите EEC, EC, CEE или CE може да се прифатат.

Рубрика 5 (Земја, група земји или територија на намена)

Име на поединечна земја за каде е наменета стоката (податокот запишан во оваа рубрика мора да е идентичен со податокот запишан во рубрика 17 во извозната царинска декларација).

Рубрика 6 (Поединости за транспорт) (Незадолжителна)

Пополнувањето на оваа рубрика не е задолжително. Се препорачува оваа рубрика да не биде пополнета.

Рубрика 7 (Забелешки)

- ако се издава дополнително уверение, потребно е да биде запишана забелешката „Дополнително издадено“ на англиски јазик - Issued retrospectively,

- ако се издава дупликат на уверение потребно е да биде запишана забелешката „Дупликат“ на англиски јазик – Duplicate;

- при извоз на стоки во земји со кои Република Северна Македонија применува кумулација и ако стоката се стекнува со статус на потекло врз основа на членот за кумулација на потеклото, потребно е да биде запишан видот на доказот за потекло (уверение или изјава) и серискиот број на уверението или бројот на документот на кој е изготвена изјавата како доказ за преференцијално потекло врз основа на кои е докажана кумулацијата на потеклото;

- при извоз на стоки во земјите потписнички на Договорите за слободна трговија каде се применува образец со пополнета рубрика 7 и се применува членот за кумулација од Протоколот, се пополнува квадратчето со „х“ пред една од забелешките на англиски јазик:

¨ „CUMULATION APPLIED WITH ...............................................“

(име на земја(и) или територија(и))

или

  • „NO CUMULATION APPLIED“;
  • ако се издава заменско уверение (дел II4 од ова Упатство), се запишува забелешката „Замена на уверението број ______, со датум_____, издадено од ______”.

Рубрика 8 (Реден број; Ознаки и броеви; Број и вид на пакувања; Опис на стока)

Се запишуваат редни (редоследни) броеви, идентификациони ознаки и броеви во просторот на левата стана од рубриката.

Реден број

Доколку различни видови на стока се искажани посебно во фактура(и), се запишува посебно секој вид на стока во уверението со редоследно нумерирање (1, 2, 3 итн.). При запишувањето не се остава празно место (празни редови) помеѓу различните редни броеви (видови на стока).

Идентификациони ознаки и броеви

Се запишуваат идентификациони ознаки и броеви од пакувањата.

Ако пакувањата се адресирани за примачот, се запишува адресата на примачот.

Ако пакувањата не се означни на било кој начин, се запишува „Нема ознаки и броеви“ (No marks and numbers).

Ако е спакувана заедно стока со потекло и стока без потекло, на крајот (после запишаниот податок за идентификациони ознаки и броеви) се запишува „Само за дел од содржината“ (Part contents only).

(Податоците се запишуваат во просторот на левата страна од рубриката).

Број и вид на пакувања (на пример, бали, картони, буриња ...)

Се запишува вкупниот број на пакувања и видот на пакувањето.

Ако стоката е во рефус односно не е спакувана, се запишува „Рефус“ (In bulc).

Количината (вкупниот број на пакувања) која се запишува мора да биде иста или да може да се поврзе со количина наведена во фактурата за стоката. На пример, ако во фактурата е наведено 100 кутии кои се натоварени на 10 палети, се запишува „100 кутии“, а не „10 палети“.

Опис на стока

Идентификувањето на стоката треба да биде со запишување на целосниот трговски назив, на пример „фотокопири“ или „машини за пишување“, наместо „канцелариски машини“.

Во случај кога во фактурите е наведена детална идентификација на стоката (која немора задолжително да вклучува детали за ознаки и броеви на пакувањата) може да се запише општ опис на стоката. Во вакви случаи, задолжително се пополнува Рубрика 10, во која се запишуваат броевите и датумите на фактурите. Ваквиот начин на пополнување на Рубрика 8 не може да се примени, ако наместо фактури се приложени други документи (евиденции).

Мешани пратки

За пратки составени од стока со потекло и стока без потекло, се запишува само опис на стоката која е со потекло.

Ако пратката е составена од стока со потекло и стока без потекло и во оваа рубрика е запишан општ опис на стоката и Рубриката 10 (број и датум на фактурите) е пополнета, задолжително во фактурите е потребно да се означи стоката која е без потекло. Означувањето на стоката во фактурата која е без потекло може да се изврши на пример, со ѕвезда –„*“. Во овој случај, во оваа рубрика веднаш под описот на стоката се запишува соодветна изјава, на пример: „Стоката означена со * во фактурата е без потекло и не е опфатена со ова уверение“ („Goods marked * on the invoice are non-originating and are not covered by this movement certificate“).

Празен простор

Кога после пополнувањето на оваа рубрика е останат празен простор, задолжително се повлекува хоризонтална линија после единствениот или последниот запишан податок, а празниот простор се исцртува со линии во „Z-облик“.

Рубрика 9 (Бруто маса (кг) или друга мерка (литри, м3, итн.))

Се запишува бруто масата на стоката изразена во килограми или количината на стоката наведена во фактурите изразена во други единечни мерки.

Изведени мерки (на пример тон, галон, итн.) се прифаќаат за искажување на бруто масата или количината на стоката, но се препорачува да се пишуваат количините изразени во метрички единици.

Празен простор

Кога после пополнувањето на оваа рубрика е останат празен простор, задолжително се повлекува хоризонтална линија после единствениот или последниот запишан податок, а празниот простор се исцртува со линии во „Z-облик“.

Рубрика 10 (Фактури) (Незадолжителна)

Пополнувањето на оваа рубрика не е задолжително. Се препорачува, кога е тоа можно, оваа рубрика да се пополни и тоа со запишување на бројот и датумот на фактурите во кои е наведена стоката опфатена со уверениeто.

Празен простор

Кога после пополнувањето на оваа рубрика е останат празен простор, задолжително се повлекува хоризонтална линија после единствениот или последниот запишан податок, а празниот простор се исцртува со линии во „Z-облик“.

Рубрика 11 (Царинска заверка)

Доколку се исполнети условите за издавање на уверение, царинската испостава каде стоката извозно се царини ја заверува оваа рубрика и ги запишува следниве податоци:

- вид на извозниот царински документ (на пример, „ЕЦД“) и регистарски број со кој стоката наведена во уверението е извозно оцаринета;

- име на царинската испостава која го издава уверението;

- Република Северна Македонија;

- датум на издавање на уверението;

- своерачен потпис на царинскиот работник кој го заверува уверението за движење;

- службен печат пропишан за заверка на уверенија на царинската испостава која го издава (заверува) уверението.

Рубрика 12 (Изјава од извозникот)

Се запишува местото и датумот кога е побарано издавање на уверението, како и име, презиме и потпис на одговорното лице кај извозникот или кај неговиот овластен застапник. Не е дозволено потписот да биде механички репродуциран или направен со гумен печат. Со потпишување на образецот, извозникот, односно неговиот овластен застапник, изјавува дека стоката ги исполнува условите за стекнување на преференцијално потекло во согласност со одредбите од Спогодбата/Договорот за слободна трговија. Не е дозволено потпишување на оваа рубрика од страна на царински застапник доколку претходно нема добиено овластување (полномошно) од страна на извозникот.

Страна 2 (задна страна на „образец на уверение“)

Рубрика 13 (Барање за верификација, до)

- доколку уверението е издадено од странски царински орган, оваа рубрика ја пополнува Секторот за контрола и истраги,

- доколку уверението е издадено од царинска испостава на Република Северна Македонија, оваа рубрика ја пополнува странскиот царински орган.

Рубрика 14 (Резултат од верификација)

- доколку уверението е издадено од странски царински орган, оваа рубрика ја пополнува странскиот царински орган,

- доколку уверението е издадено од царинска испостава на Република Северна Македонија, оваа рубрика се пополнува согласно Упатството за верификација на докази за потекло, изготвено од Секторот за контрола и истраги.

Страна 3 (предна страна на образецот „барање за издавање на уверение“)

Страна 3 е копија на страна 1, односно пополнетите рубрики од 1 до 10 од страна 1 се пресликуваат на оваа страна. Таа не треба да биде своерачно потпишана (пресликаниот потпис се прифаќа).

Страна 4 (Изјава од извозникот) (задна страна на образецот „барање за издавање на уверение“)

  1. I. Во делот „ГИ НАВЕДУВАМ како што следува околностите кои овозможиле оваа стока да ги задоволи горенаведените услови:“ потребно е да се запишани следниве податоци:

- распоредување на стоката според Царинската тарифа на четирицифрено расчленување (тарифен број) и опис на производство/изработка;

- условите (законски основи) кои се исполнети и овозможуваат стоката да се стекне со преференцијално потекло за да се издаде уверението.

Како примери за ова се следниве изјави:

а) за целосно добиени производи

„Стоката е целосно добиена во Република Северна Македонија, односно ги исполнува условите од член ___ на Протокол/Анекс/Регионална конвенција за ПЕМ правила на потекло ___ од Спогодбата /Договорот за слободна трговија _______ “;

б) за доволно обработени или преработени производи

„Стоката е доволно обработена или преработена во Република Северна Македонија во согласност со член ___ на Протокол/Анекс/Регионална конвенција за ПЕМ правила на потекло ___ од Спогодбата/Договорот за слободна трговија/ _______, односно стоката ги задоволува правилата за потекло наведени во списокот на правила за обработка или преработка за Глава/Тар.број ______ и се надминати минималните операции предвидени со наведениот Протокол/Регионална конвенција за ПЕМ правила на потекло“.

(ако се применува општото толерантно правило потребно е да се наведе во изјавата);

в) за кумулација на потекло

“Стоката ги исполнува условите од член ___ на Протокол/Анекс/ Регионална конвенција за ПЕМ правила на потекло ___ од Спогодбата /Договорот за слободна трговија ______________ за примена на ___________ кумулација и се надминати минималните операции предвидени со наведениот Протокол/Регионална конвенција за ПЕМ правила на потекло “.

- степенот на обработка или преработка или наведување на други податоци со кои се исполнува претходно наведениот услов.

Како примери за ова се следниве изјави:

а) за целосно добиени производи се наведува членот на Протокол/Анекс/Регионална конвенција за ПЕМ правила на потекло поради кој производот се смета за целосно добиен, односно се стекнува со преференцијално потекло;

б) за доволно обработени или преработени производи

- се наведуваат податоци со кои се исполнуваат правилата за потекло наведени во списокот на правила за обработка или преработка, и

- се наведува извршената операција која ги надминува предвидените минимални операции од соодветната Спогодба/Договор/Регионална конвенција за ПЕМ правила на потекло.

в) за кумулација на потекло се наведува името на земјата каде употребените материјали се здобиле со статус на преференцијално потекло и доколку е потребно се наведува извршената операција која ги надминува предвидените минимални операции од соодветната Спогодба/Договор/Регионална конвенција за ПЕМ правила на потекло.

  1. II. Во делот „ГИ ДОСТАВУВАМ следниве документи како доказ: “се запишуваат документите кои се приложуваат кон барањето кои служат како доказ дека стоката опфатена со уверението може да се стекне со преференцијално потекло.

Приложувањето на меродавна и целосна документација за докажување на преференцијалното потекло на стоката ќе ја скрати постапката на издавање на уверението, односно ќе ги намали сомневањата на царинската испостава во однос на статусот на потекло на стоката и потребата од дополнителна контрола кај извозникот (производителот).

Во исклучителни случаи, во зависност од видот на стоката и сложеноста на производството, кога книговодствената евиденција за докажување на статусот на потекло е премногу обемна, може да бидат поднесени одредени спецификации (збирни извештаи) во кои ќе се повика (наведе) соодветната книговодствена евиденција која го докажува статусот на потекло на стоката.

Документите кои се поднесуваат како доказ, мора да бидат соодветно оверени (име, презиме, функција и потпис на одговорното лице/датум/печат) од извозникот (производителот), заради докажување дека навистина се наоѓаат во неговата книговодствена евиденција.

Кога извозникот не е производител на стоката што е предмет на извоз, кон барањето задолжително се поднесува изјава од добавувач, доколку е потребно да се докаже потеклото на репроматеријалите.

III. Во делот кој се однесува за оверка на барањето од страна на извозникот/застапникот се запишуваат податоци кои се наведени во барањето.

Лицето кое ја потпишува оваа страна на барањето (изјавата од извозникот) мора да е истото лице наведено во рубрика 12 на страна 1 (на образецот-уверение).

Страна 5 и 6 (барање за издавање на уверение))

Страната 5 е идентична со страна 3 и не е потребно да се потпишува. Страната 6 е копија на страна 4. Овие страни се дупликат на барањето и се наменети за евиденција на извозникот. На страната 5 (во долниот непополнет дел), царинската испостава наведува одредени забелешки во однос на издавањето на уверението.

НАЧИН НА ИЗГОТВУВАЊЕ НА ИЗЈАВА ВО ФАКТУРА/ИЗЈАВА ЗА ПОТЕКЛО

При извозно царинење може да биде поднесена изјава во фактура/изјава за потекло, изготвена од извозникот, така што на фактурата, на испратницата или на некој друг трговски документ, е отчукана или испечатена, односно е ставен штембил со изјава чиј текст е наведен во соодветниот Протокол_/Анекс_/Регионална конвенција за ПЕМ правила на потекло – Додаток I. Доколку изјавата е пишувана со рака, таа треба да биде напи­шана со мастило и печатни букви на македонски јазик или на еден од пропишаните јазици.

Во текстот кој следи даден е пример на текстот на македонската и англиската верзија на изјавата.

Македонска верзија:

Извозникот на производите што ги покрива овој документ (царинскo одобрение бр ……(1)) изјавува дека, освен ако тоа не е јасно поинаку назначено, овие производи се со ............. (2) преференцијално потекло.

Англиска верзија:

The exporter of the products covered by this document (customs authorization No ........... (1)) declares that, except where otherwise clearly indicated, these products are of ............. (2) preferential origin.

........................................................(4)

(место и датум)

...........................................................(5)

(Потпис на извозникот; името на лицето што ја потпишува изјавата мора да биде означено со јасни букви)

Исклучок во однос на текстот на изјавата е кога стоката се стекнува со статус на потекло врз основа на Анекс IV од Анекс 4 на Договорот за изменување и пристапување кон Централно европскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) и Анекс IV б од Протокол Б од Договорот за слободна трговија меѓу Република Северна Македонија и ЕФТА државите.

Во овој случај се применува следниов текст:

Македонска верзија:

Извозникот на производите што ги покрива овоj документ (царинскo одобрение бр. …… (1)) изjавува дека, освен ако тоа не е jасно поинаку назначено, овие производи се со .........………….(2) преференциjaлно потекло.

- cumulation applied with .......... (name of the country(s) or territory(s))

- no cumulation applied (3)

Англиска верзија:

The exporter of the products covered by this document (customs authorization No ..........(1)) declares that, except where otherwise clearly indicated, these products are of .......... (2) preferential origin.

- cumulation applied with .......... (name of the country(s) or territory(s))

- no cumulation applied (3)

........................................................(4)

(место и датум)

...........................................................(5)

(Потпис на извозникот; името на лицето што ја потпишува изјавата мора да биде означено со јасни букви)

Кога изјавата е изготвена од страна на одобрен извозник, бројот на одобрението на одобрениот извозник мора да биде запишан на местото опфатено со фуснота (1) во изјавата. Ако изјавата во фактура не е изготвена од страна на одобрен извозник, зборовите во заградата може да бидат испуштени или местото да биде оставено празно.

Во делот на изјавата означен со фуснота (2) мора да биде јасно и недвосмислено означено потеклото на стоката.

Ако документот (фактурата) на кој се изготвува изјавата содржи стока со преференцијално потекло од повеќе од една земја, потеклото на стоката (имињата или официјалните кратенки на земјите) мора да биде наведено во зборовите во изјавата во фактура (во делот означен со фуснота (2)). Во овој случај, секоја позиција од документот (фактурата) треба да се означи со името или официјалната кратенка на земјата на потекло.

Ако документот (фактурата) на кој се изготвува изјавата содржи стока со и без потекло, со текстот на изјавата не треба да биде опфатена (означена) стоката без потекло. Во овој случај, во документот (фактурата) мора да се означи стоката без потекло и тоа на прецизен начин за да се избегне било какво недоразбирање.

За извоз согласно ЦЕФТА или ЕФТА договорот текстот за примена на кумулација (опфатен со фуснота (3)) се наведува во зависност од конкретниот случај. На пример: кога се применува членот за кумулација под текстот на изјавата е потребно да биде напишан текстот на англиски јазик - cumulation applied with - името на земја(и) или територија(и). Доколку не се применува кумулација се пишува текстот на англиски јазик - no cumulation applied.

Податоците за место и датум (опфатени со фуснота (3) или (4)) во изјавата во фактура, може да бидат изоставени (да не се пополнат), ако тие се наведени на друго место на документот на кој е изготвена изјавата.

Изјавата во фактура изготвена од било кој извозник мора да го содржи името (читливо и јасно напишано) и оригинален потпис на извозникот во ракопис, (опфатени со фуснота (4) или (5)) без разлика дали документот (фактурата) на кој е изготвена изјавата е во оригинал или во копија. Тоа значи, изјавата изготвена на копија од фактура ќе може да се прифати само ако содржи оригинален потпис на извозникот во ракопис. Меѓутоа, изјавата во фактура изготвена од одобрен извозник не мора да го содржи името и оригинален потпис на извозникот во ракопис, без разлика дали документот (фактурата) на кој е изготвена изјавата е во оригинал или во копија.

[1] Правилникот за начинот на пополнување на царинската декларација и кодексот на шифри со сите измени и дополнувања како екстерен акт е објавена во Депозитарот согласно Процедурата за депозитар на документација на Царинската управа.

Scroll to top

.

logo footer

Содржините на оваа страница можат да се објавуваат без посебна дозвола со наведување на изворот. Секој упад и злоупотреба на веб страницата на Царинската управа е казнив по член 251 од Кривичниот закон.