Земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци

Земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци се лица кои како суровина користат овошје и грозје за производство на жестоки алкохолни пијалаци наменети за натамошна продажба. Тие се должни до надлежниот царински орган да му поднесат барање за регистрирање во  компјутерскиот систем на Царинската управа СОЦДАД со придружни документи пропишани согласно Правилникот за начинот на оданочување со акциза на алкохол и алкохолни пијалаци и тутунски производи.

http://carina.mk/images/documents/zakoni/zakon-akcizi/PravilnikAlkoholTutun.pdf

Барањето се поднесува во СОЦДАД на следниов линк:

https://trader.customs.gov.mk/trader-meos-ui/protected/main.htm

Максимално дозволена количина на годишно производство е 2500 литри жесток алкохолен пијалак со просечна јачина од 45%, во распон од +/-5% алкохол. Под годишно производство се подразбира производство во една календарска година.

Земјоделецот – мал производител на жестоки алкохолни пијалаци пред да започне со дестилирање на овошјето е должен да го извести надлежниот царински орган дека ќе започне со производство, наведувајќи ги точната дата и време во кое ќе се одвива производството без прекин, местото на дестилирање, видот на овошјето кое ќе го дестилира, количината на комина и очекуваната количина на жесток алкохолен пијалок.

Земјоделецот – мал производител на жестоки алкохолни пијалаци веднаш, а најдоцна во рок од пет дена по завршување на производството, до надлежниот царински орган поднесува известување за произведената количина на жесток алкохолен пијалок, при што поднесува и барање за подигање на акцизни марки потребни за обележување на произведената количина на жесток алкохолен пијалок. Во барањето за подигање на акцизни марки се наведува количината и зафатнината на садовите во кои се планира продажбата на жестокиот алкохолен пијалок за крајните купувачи – физички лица и угостителски објекти.

Земјоделецот – мал производител на жестоки алкохолни пијалаци акцизата за произведената количина на жесток алкохолен пијалок ја плаќа пред подигнување на акцизните марки, а најдоцна во рок од 30 дена по поднесеното барање. Жестоките алкохолни пијалаци произведени од страна на земјоделците – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци се пакуваат во садови со зафатнина најмногу до 5 литри за крајните купувачи – физички лица и за продажба во угостителски објекти.

Земјоделецот – мал производител на жестоки алкохолни пијалаци е должен комерцијалните пакувања да ги обележи со акцизна марка согласно условите од член 61 од Законот за акцизите.  Акцизната марка треба да биде залепена на затворачот на шишето, така што при отворање ќе мора трајно да се оштети. Земјоделецот – мал производител на жестоки алкохолни пијалаци е должен да го означи пакувањето на жестокиот алкохолен пијалак со специјална етикета во која е наведено дека жестокиот алкохолен пијалок е произведен под посебен режим на намалена акциза и да го наведе бројот на регистрацијата во електронскиот Регистар на земјоделци – мали производители на жестоки алкохолни пијалаци. На етикетата треба да се наведе, името и адресата на земјоделецот – мал производител, процентот на алкохол, видот на производот, како и бројот од решението од Агенција за храна и ветеринарство дека производот е соодветен за консумирање.

Доколку земјоделецот – мал производител произведе жестоки алкохолни пијалаци во количина поголема од пропишаната должен е на надлежниот царински орган да му достави изјава за вкупно годишно производство на жестоки алкохолни пијалаци. Надлежниот царински орган со решение ќе ја утврди и пресмета акцизата на разликата од количината која е произведена над пропишаната во износ пропишан во член 58 став (5) од овој закон и дополнително ќе му издаде акцизни марки за обележување на жестоките алкохолни пијалаци произведени над пропишаната количина.

Мали независни производители на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели -  мали дестилерии

Мал независен производител на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци за комерцијални цели – мала дестилерија, кој произведува етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци како дел од неговата регистрирана дејност треба да  ги исполнува следниве услови:

  • да има вкупно годишно производство на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци од најмногу 2000 литри чист алкохол;
  • правно и економски да е независно од било кој друг производител на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци и
  • неговите производствени и помошни објекти не се технолошки поврзани со производствените и помошните објекти на друго лице кое произведува етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци како дел од неговата регистрирана дејност.

Под вкупно годишно производство на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци произведени од мал независен производител на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци се подразбира вкупната количина на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци произведени во текот на календарската година.

Акцизната дозвола се издава врз основа на поднесено барање за издавање на акцизна дозвола во компјутерскиот систем на Царинската управа СОЦДАД со придружни документи пропишани согласно Правилникот за начинот на оданочување со акциза на алкохол и алкохолни пијалаци и тутунски производи. http://carina.mk/images/documents/zakoni/zakon-akcizi/PravilnikAlkoholTutun.pdf

Барањето се поднесува во СОЦДАД на следниов линк:

https://trader.customs.gov.mk/trader-meos-ui/protected/main.htm

Пред започнувањето со работа надлежниот царински орган врши надзор и контрола на опремата и  условите за производство и по потреба врши пломбирање на опремата за производство.

Малиот независен производител на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци е должен комерцијалните пакувања да ги обележи со акцизна марка согласно одредбите пропишани во член 61 од Законот за акцизите.  Акцизната марка треба да биде залепена на затворачот на шишето, така што при отворање ќе мора трајно да се оштети.

Малиот независен производител на етил алкохол и жестоки пијалаци е должен комерцијалните пакувања да ги обележи со специјална етикета во која е наведено дека алкохолниот пијалок е произведен под посебен режим на намалена акциза. На етикетата треба да бидат наведени податоци во согласност со прописите за безбедност на храната, име и адреса на производителот, процент на алкохол, вид на производот, како и број од решение од Агенција за храна и ветеринарство дека производот е соодветен за консумирање.

Ако во текот на календарската година бидат произведени етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци со количина поголема од пропишаната количина 2000 литри чист алкохол, производителот  е должен  во рок од 15 дена да го извести надлежниот царински орган и да побара промена на акцизната дозвола, како и да изврши доплата на акцизата за разликата од целосната стапка и платената акциза по намалена стапка.

Малиот независен производител на етил алкохол и жестоки алкохолни пијалаци не поднесува гаранција за пбезбедување на акцизен долг, освен во случаи на неисполнување на обврските кои произлегуваат од акцизната дозвола.

 

Мали независни пиварници

Мала независна пиварница произведува пиво како дел од регистрираната дејност врз основа на издадено одобрение за мала независна пиварница од надлежен царински орган, и ги исполнува следниве услови:

  • има вкупно годишно производство на пиво не повеќе од 150.000 литри;
  • правно и економски е независен од било кој друг производител на пиво;
  • неговите производствени и оперативни објекти не се технолошки поврзани со производствените и оперативните објекти на друго лице кое произведува пиво како дел од неговата регистрирана дејност и
  • не произведува пиво со лиценца.

Под вкупно годишно производство на пиво произведено од мала независна пиварница се подразбира вкупната количина на пиво произведена во текот на календарската година. Кога две или повеќе мали пиварници соработуваат меѓусебно и нивното заедничко годишно производство не надминува 150.000 литри, тие мали пиварници може да се сметаат како една мала независна пиварница.

Малата независна пиварница е должна пред започнување на производството на пиво да поднесе барање за издавање на одобрение за мала независна пиварница во компјутерскиот систем на Царинската управа СОЦДАД со придружни документи пропишани согласно Правилникот за начинот на оданочување со акциза на алкохол и  алкохолни пијалаци и тутунски производи.

http://carina.mk/images/documents/zakoni/zakon-akcizi/PravilnikAlkoholTutun.pdf )

Барањето се поднесува во СОЦДАД на следниов линк:

https://trader.customs.gov.mk/trader-meos-ui/protected/main.htm

Во случај на извоз на пиво произведено од мала независна пиварница, по барање на малата независна пиварница надлежниот царински орган ќе овозможи поднесување на електронски административен документ согласно одредбите со кои е уредено движењето на акцизните добра во постапка на акцизно одложување. Малата независна пиварница е должна да го извести надлежниот царински орган и да достави податоци за извоз на пивото во постапка на акцизно одложување најдоцна седум дена пред испраќањето. Малата независна пиварница не поднесува гаранција за обезбедување на акцизата, освен во случаи на неисполнување на обврските кои произлегуваат од издаденото одобрение за мала независна пиварница, по барање на надлежниот царински орган.

Мали производители на  вино за комерцијални цели – мала винарница

Мал производител на вино за комерцијални цели – мала винарница треба да ги исполнува условите за производство и промет на вино со вкупно годишно производство на вино не поголемо од 100.000 литри.

Малиот производител на вино за комерцијални цели е должен пред започнување на производството на вино да поднесе барање до надлежниот царински орган за издавање на одобрение за мал производител на вино за комерцијални цели во компјутерскиот систем на Царинската управа СОЦДАД со придружни документи пропишани согласно Правилникот за начинот на оданочување со акциза на алкохол и алкохолни пијалаци и тутунски производи. http://carina.mk/images/documents/zakoni/zakon-akcizi/PravilnikAlkoholTutun.pdf )

Барањето се поднесува во СОЦДАД на следниот линк:

https://trader.customs.gov.mk/trader-meos-ui/protected/main.htm

Во случај на извоз на вино произведено од мал производител на вино за комерцијални цели, по поднесено барање надлежниот царински орган ќе овозможи поднесување на електронски административен документ согласно одредбите со кои е уредено движењето на акцизните добра во постапка на акцизно одложување. Малиот производител на вино за комерцијални цели е должен да го извести надлежниот царински орган и да достави податоци за извоз на виното во постапка на акцизно одложување најдоцна седум дена пред испраќањето.

Малиот производител на вино за комерцијални цели не поднесува гаранција за обезбедување на акцизата, освен во случаи на неисполнување на обврските кои произлегуваат од издаденото одобрение за мал производител на вино за комерцијални цели, по барање на надлежниот царински орган.