Директорката на Царинската управа вчера оствари работна средба со претставници од канцеларијата на УСАИД од Вашингтон и канцеларијата за Економски развој, управување и раст на претпријатијата - EDGE на УСАИД во Скопје. На состанокот се дискутираше за придобивките од досегашната успешна соработка и можни идни заеднички проекти.

Царинската управа ги запозна претставниците од УСАИД со активностите кои ги реализира во рамките на иницијативата Отворен Балкан и ЦЕФТА: воведување и проширување на зелените коридори на граничните премини, концептот ONE STOP SHOP - заеднички контроли на границите, взаемно признавање на компаниите со статус на Овластен економски оператор и размената на сертификати преку проектот SEED+, со кои во последниот период интензивно се работи, со цел подобрување на протокот во меѓународниот синџир на снабдување. Резултатите од неодамна спроведената студија за мерење на времето на царинење (Time Release Study), покажуваат значително намалување на времето на чекање на граничните премини.

Царинската управа со поддршка на УСАИД и канцеларијата за економски развој, минатата година успешно го реализираше Проектот за зајакнување на ефикасноста на заедничките контроли на граничниот премин Ќафасан, кој беше спроведен во соработка со царината на Република Албанија.

Претставниците на УСАИД изразија силна поддршка за активностите кои ги презема Царинската управа, а посебен акцент беше ставен на можностите и областите за идна соработката, во насока на реализирање на целите и стратешките приоритети за олеснување на трговијата, дигитализација и заштита на општеството.

 

1
1
2
2
3
3
Previous Next Play Pause
1 2 3