Денес, на граничниот премин Табановце-Прешево, претставници на Царинска управа учествуваа на состанок организиран како дел од заедничките активности на Стопанските комори од Северна Македонија и Република Србија во рамки на иницијативата Отворен Балкан.
На состанокот присуствуваа и претставници на фитосанитарните и ветеринарните инспекции како и претставници на царинските и полициските гранични служби.
Присутните претставници од двете земји истакнаа дека иницијативата Отворен Балкан и воведувањето на зелените ленти, значително го забрзуваат протокот на стоки при што потребното време за целиот процес на проверки е скратено од 3 до 15 минути.
На работниот состанок се разговараше и за можностите за дополнително намалување на веќе скратеното време на чекање на граничните премини, како и проширување на соработката при размена на податоци на сите служби вклучени во царинските постапки.