vesti

На 9 октомври 2016 година на граничниот премин Ќафасан, при спроведување на редовна царинска контрола, царинските работници спречија обид за шверц на наркотично средство – марихуана.

 

На наведениот датум, во 16 часот и 30 минути, за влез во Република Македонија се пријави македонски државјанин со иницијали Е.М. (43г.) со патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, сопственост на наведеното лице. На прашањето на царинскиот службеник дали има нешто да пријави за царинска контрола одговорил дека нема ништо за пријавување. Заради сомневање во неговата изјава, царинскиот службеник го селектирал возилото за преглед, при што во багажниот простор под резервната гума, пронајдени се 4 најлонски пакетчиња, наполнети со тревкаста материја со зеленкаста боја и карактеристичен мирис. При понатамошниот преглед, во кој беше користено и царинско куче за откривање на наркотици, беа пронајдени уште 8 најлонски пакетчиња со иста содржина, во багажниот простор во внатрешниот дел на левото задно крило, во делот за вентилација во предниот дел од моторот и во просторот над предната сијалица која се наоѓа на покривот од возилото.

Тестерот за наркотици покажа дека се работи за наркотично средство – канабис сатива. Вкупната тежина на откриената дрога изнесува околу 2 килограми и 688 грама.

Лицето е привремено лишено од слобода и предадено на инспекторите од Одделението за истраги заради превземање на понатамошни предистажни дејстивја. Од спроведената предистражна постапка, собрани се материјални и вербални докази кои укажуваат дека осомиченото лице дрогата ја купил од Елбасан, Р.Албанија за сума од 500 евра од лице државјанин на Р.Албанија. Во тек е вештачење на непознатата растителна материја по наредба на Јавен обвинител од ОЈО Струга. По комлетирање на сите докази Царинската управа против сторителот, ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното Јавно обвинителство, а сторителот ќе биде предаден на надлежен судија на претходна постапка.

 

Во текот на минатата недела, царинските службеници открија и една измама, уште еден еден обид за криумчарење марихуана и повеќе обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани златен прстен, готови пари, алат и фалсификати.

Задржана е следната стока:

 

Златен прстен

1 прстен од 18-каратно бело злато со 5 дијамантски камења, со вкупна маса од 6,42 грама, откриен при контрола на македонски автомобил, со кој за влез во државата на граничниот премин Меџитлија, се пријавиле двајца македонски државјани.

Првично, при извршената контрола на возилото, во преградата од совозачката врата била пронајдена хартиена кеса со кутија, сертификат и гаранција со дата 05.10.2016 година, за купен прстен, по што на раката на сопатничката во возилото бил забележан златен прстен за кој признала дека е истиот на кој се однесуваат пронајдените документи. По барање на царинските службеници, патничката обезбедила, преку интернет, сметка од продавницата во Турција од каде бил купен прстенот, врз основа на што е утврдено дека вредноста изнесува околу 199 илјади денари. За сторениот прекршок, против патничката ќе биде поведена соодветна постапка.

 

Готови пари

5.900 швајцарски франци, 1.800 евра и 400 американски долари, откриени во два одвоени случаи на скопскиот аеродром Александар Велики.

Во првиот случај, при личен претрес на македонски државјанин, кој пристигнал со лет од Цирих, биле пронајдени непријавени 16.900 швајцарски франци. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 11.000 франци, противвредност на 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, а 5.900 швајцарски франци биле привремено задржани.

Во вториот случај, при личен претрес и контрола на багажот на турски државјанин, кој имал намера да отпатува со лет за Истанбул, во мало торбиче сместено во неговата јакна и во патна торба, биле пронајдени непријавени вкупно 10.400 американски долари и 2.800 евра. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 10.000 американски долари и 1.000 евра, што е противвредност на 10.000 евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата, а 1.800 евра и 400 американски долари се привремено задржани.

Во двата случаи против прекршителите се поднесени барања за поведување прекршочни постапки.

199.000 денари, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од бугарски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Делчево. Во машка јакна, оставена на задното седиште на возилото, биле пронајдени 300.000 денари, додека во џебовите од панталоните на возачот биле пронајдени уште 3.300 евра и 19.000 денари, за кои не поседувал документи за потекло. Согласно законските прописи, на возачот му биле вратени 3.300 евра и 120.000 денари, а за сторениот прекршок ќе биде поведена прекршочна постапка.

2.000 евра, откриени при личен претрес на македонски државјанин кој управувајќи македонски автомобил, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Богородица. Во рачна ташна на патникот биле пронајдени 4.000 евра за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи, на патникот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот прекршок е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

 

Марихуана

Царинските службеници од граничниот премин Табановце автопат спречија обид за криумчарење на 3 грама марихуана. При личен претрес на полски државјанин, патник во полски автобус, пријавен за излез од државата, во мала торбичка за документи, биле пронајдени околу 3 грама зеленкаста тревкаста материја, спакувана во три мали хартиени пакувања, сместени во платнена вреќичка за наочари. При проверка на материјата со тeстер за марихуана, било утврдено дека се работи за опојна дрога марихуана.

Лицето и марихуаната се предадени на Министерството за внатрешни работи за понатамошна постапка.

 

 

Алат

6 рачни и електрични алати (пили и бормашини), 1 полнач за батерии, 3 батерии и 1 торба за алат, откриени на скопскиот аеродром Александр Велики, при контрола на багажот на македонски државјанин кој допатувал со лет од Рим. Непријавените производи се привремено задржани, а против патникот е поведена прекршочна постапка.

 

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

610 пара обувки (чевли, чизми, патики и топлинки) со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во два одвоени случаи, при контрола на два албански камиони, пријавени за влез во државата на граничниот премин Богородица. Двата камиони биле натоварени со стока со потекло од Турција, наменета за увозници од Косово.

Во првиот случај откриени се 480 пара женски и детски чевли, чизми, патики и топлинки, чија пазарна вредност е проценета на над 1,2 милиони денари доколку би се продавале како оригинали, додека во вториот случај се откриени 130 пара машки чевли и детски топлинки, чија пазарна вредност е проценета на околу 370 илјади денари доколку би се продавале како оригинали.         

13.022 литри разни овошни сокови со ознаки на заштитена трговска марка, откриени од страна на мобилните царинси тимови, при контрола на стока со потекло од Србија, наменета за увозник од Скопје, пријавена во поедноставена постапка на увозно царинење. Пазарната вредност на сомнителните сокови е проценета на околу 900 илјади денари доколку би се продавале како оригинални.

Во сите три случаи, поради сомневање дека се повредени права од интелектуална сопственост, производите се привремено задржани и согласно законските прописи ќе бидат поведени постапки за утврдување на нивната оригиналност.

 

Измама

Во царинската испостава Скопје 2 е откриен обид за избегнување плаќање на увозни давачки со погрешно тарифирање на стока.

Увозник од Скопје пријавил за увозно царинење дрвен мебел, деклариран во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5%. При извршената физичка контрола на стоката, царинските службеници утврдиле дека се работи за витрини за во тоалет, што согласно Водичот за царинење треба да се распоредат во тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 18%.

Врз основа на новоутврдената состојба, пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 280 илјади денари, а против увозникот е изготвен записник за царински прекршок.