Царинската управа во континуитет работи на модернизација на инфраструктурата на граничните премини. Во следниот период еден од приоритетите е реконструкцијата на граничниот премин Деве Баир, која има за цел осоврменување и обезбедување на поголема функционалност и услови за забрзан проток на стоки и патници преку граничниот премин кој ги поврзува двете држави, Република Северна Македонија и Република Бугарија.
Реконструкцијата се реализира во рамките на Проект за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан, финансиран со заем од Светската Банка и истата опфаќа:
- Проектирање и изведба на две дополнителни сообраќајни ленти на влез во Република Северна Македонија
- Целосна реконструкција на асфалтните површини на целата гранична лира и меѓуграничниот простор
- Целосна реконструкција на пристапниот пат до царинскиот терминал вклучувајќи и работа во зимски услови
- Целосна реконструкција на управната зграда за царина и полиција
- Целосна реконструкција и проширување на надстрешниците на влез и излез
- Реконструкција или изградба на нова пречистителна станица на постоечката локација
- Реконструкција на целокупното осветлување на граничниот премин и царинскиот терминал
Во моментот во тек се активностите за изработка на проектната документација, по што треба да започне реконструкцијата, која се очекува да заврши во текот на 2024 година.