Во рамки на Неделата на Централно европскиот договор за слободна трговија – ЦЕФТА 2021, што официјално започна вчера во Скопје, денес (15.12.2021 година) се  одржува регионална  конференција за зајакнување на трговската соработка во Западен балкан / ЦЕФТА регионот, преку воспоставување на заеднички гранични премини и заеднички контроли. Конференцијата е во организација на USAID - EDGE,  во партнерство со ЦЕФТА, Транспортната заедница, Групацијата на Светска банка и Министерството за економија на Северна Македонија.

Директорката на Царинската управа на Северна Македонија г-ѓа Славица Кутиров со свое обраќање ја отвори Конференцијата, а потоа на присутните им се обратија претставникот на канцеларијата на УСАИД во Северна Македонија г. Ерик Јановски, директорот на Секретаријатот на ЦЕФТА г. Емир Џикиќ, директорот на Секретаријатот на Транспортната заедница г. Матеј Закоњшек и претставничката на Групацијата на Светска банка г-ѓа Виолејн Конар – Лиси.

Во своето обраќање, директорката на Царинската управа посочи дека  како дел од активностите во рамките на ЦЕФТА, Царинските управи имаат тенденција да ги користат најновите алатки и технологија,  прекугранична електронска размена на информации, дигитализација и меѓусебно признавање на документи, вклучително и управување со прекугранична е-трговија и поддршка на концептот на Овластен економски оператор на билатерално и регионално ниво.  Особено потенцираше дека воспоставените  заеднички царински контроли меѓу Република Северна Македонија и Република Србија на најфреквентниот граничен премин Табановце - Прешево даваат позитивни резултати, а се работи и на воспоставување на заеднички контроли со Република Албанија согласно потпишаниот договор меѓу двете земји, како и на воспоставување на истиот концепт и со Република Косово.

Присутните на конференцијата ги поздравија досегашните заеднички напори за олеснување на прекуграничната трговија, кои ќе помогнат на бизнис заедницата во регионот, а со тоа ќе се поттикне претприемништвото и се зголемува степенот на заштита на економијата и безбедноста во земјите на Западен Балкан и ЦЕФТА страните.

 

1
1
2
2
3
3
4
4
Previous Next Play Pause
1 2 3 4