Со донесување на новиот Закон за прекршоците („Службен весник на РСМ“ бр.96/19) се наметна потреба од измени на прекршочните одредби на Царинскиот закон, главно во насока на:

-          имплементирање на новото законско начело на пропорционалност,

-          пропишување на глобите во распон наместо досегашниот нивен фиксен износ, со определување на неколку квалифицирани облици на секој од овие прекршоци,

-          систематизирање на царинските прекршоци во 2 основни групи: тешки прекршоци, кои се со фискални имликации, односно се поврзани со избегнување на царинската контрола и надзор и/или со избегнување на плаќање на пропишаните увозни давачки, и лесни прекршоци кои се поврзани со пропуштање на рокови или со неисполнување на обврски кои главно се без фискални импликации,

-          јасно разграничување на прекршоците кои преоѓаат во надлежност на основните судови, од оние кои и понатаму остануваат во надлежност на Комисијата за одлучување по прекршок при Царинската управа, и

-          пропишување на нова постапка на порамнување со издавање само на прекршочни платни налози (повеќе нема издавање на мандатни платни налози).

Вака утврдените потребни измени се имплементирани во Законот за изменување и дополнување на Царинскиот закон, кој е објавен во „Службен весник на РСМ бр.110/21 од 19 мај 2021 година.

 

Со овие измени на Царинскиот закон се врши ново систематизирање на царинските прекршоци во 3 основни групи, и тоа во:

1.        член 263 (тешки прекршоци) кој сега содржи 21 царински прекршоци, односно во досегашниот член 263 покрај постоечките 12 се додадени 8 прекршоци од поранешниот член 263-а (точки 1 до 6, 8 и 18) поврзани со погрешни и невистинити податоци и приложени документи во царинските декларации кои во основа имаат ефект на избегнување или плаќање на давачките во помал износ, како и 2 прекршоци од поранешниот член 264 (точки 5 и 9) поврзани со избегнување на царинска контрола и надзор односно неовластено претоварање, преместување и слично на царински стоки под царински надзор и неовластено отстранување на царинско обележје (царинска пломба) ставено на транспортни средства или на царински стоки.

За сите прекршоци од членот 263 на Царинскиот закон досегашниот фиксен износ на глоба сега е заменет со глоба во распон во 3 квалифицирани облици зависно од износот на избегнатите давачки со прекршокот или вредноста на стоките предмет на прекршок, па така:

-          за првиот (основниот) облик на прекршок глобата изнесува од 50 до 500 евра за микро и мали трговци и од 250 до 700 евра за средни и големи трговци,

-          за вториот облик глобата изнесува од 500 до 1.000 за микро и мали трговци и од 700 до 1.000 за средни и големи трговци, а

-          за третиот облик изнесува од 1.000 до 2000 за микро и мали трговци, од 1.000 до 12.000 за средни и од 1.000 до 20.000 за големи трговци.

Глобата за овие прекршоци за одговорното лице и за физичко лице за првиот облик изнесува од 15 до 150 евра, за вториот облик изнесува од 150 до 250, а за третиот квалифициран облик изнесува од 250 до 1.000 евра за одговорното лице и од 250 до 500 евра за физичкото лице.

Треба да се знае дека за сите овие прекршоци од член 263 ако од страна на надлежниот прекршочен орган или надлежниот суд се утврди дека се сторени од користољубие, на сторителот на прекршок може да му се изрече глоба во сразмер со висината на избегнатите увозни давачки, други давачки и даноци, но најмногу до десеткратен износ од износот на максимално пропишаната глоба за сторениот прекршок.

2.       член 264 (лесни прекршоци), кој сега содржи 28 царински прекршоци, односно во истиот член на 17-те постојни прекршоци, се додадени преостанатите прекршоци од поранешниот член 263а (вкупно 9), како и се пропишани 2 нови прекршоци кои досега воопшто не беа определени со Царинскиот закон.

И за овие прекршоци од член 264 глобата е пропишана во распон според 3 квалифицирани облици, но овде во зависност од вредноста на стоките или должината (времетраењето) на пропуштениот рок за извршување на обврската, па така:

-          за првиот (основниот) облик на прекршок глобата изнесува од 50 до 200 евра за микро и мали трговци и од 250 до 500 евра за средни и големи трговци,

-          за вториот облик изнесува од 250 до 500 евра за микро и мали трговци и од 500 до 1.000 евра за средни и големи трговци, а

-          за третиот облик изнесува од 500 до 2000 евра за микро, 500 до 4.000 евра за мали трговци, од 1.000 до 12.000 евра за средни и од 1.000 до 20.000 евра за големи трговци.

Глобата за овие прекршоци за одговорното лице и за физичко лице за првиот облик изнесува од 15 до 50 евра, за вториот облик изнесува од 50 до 250, а за третиот квалифициран облик изнесува од 250 до 1.000 евра за одговорното лице и од 250 до 500 евра за физичкото лице.

3.       член 265, кој всушност е купопродажба, прикривање, чување, користење или било какво стекнување на сопстевност на стоки кои се предмет на царински прекршок член 263 до 264, за кој се изрекува истата глоба која се изрекува и на сторителот на основниот прекршок. Овој прекршок од член 265 најчесто е поврзан со управување и користење на моторни возила (патнички и товарни возила или мопеди) со странски регистарски таблци или без регистарски таблици.

Суштинска новина на овие законски измени на Царинскиот закон е тоа што отсега основните судови се надлежни за водење на прекршочната постапка и за изрекување на прекршочна санкција за царинските прекршоци од третиот квалифициран облик на членот 263 и членот 264 од Царинскиот закон, како и за царинските прекршоци од членот 265 поврзани со третиот квалифициран облик на членовите 263 и 264, што значи дека за овие прекршоци царинските органи повеќе нема да поднесуваат прекршочно барање до надлежната Комисија на Царинската управа туку истото ќе го поднесуваат до месно надлежниот Основен суд, според местото на сторување на прекршокот.

Новина е и тоа што за прекршоците од Царинскиот закон, царинските органи повеќе нема да издаваат мандатни платни налози, туку за прекршоците од член 264 ќе издаваат само прекршочни платни налози со право на сторителот да плати само половина од изречената глоба со прекршочниот налог, доколку ј плати во рок од 8 дена. Во овој дел, а бидејќи сега глобата за секој царински прекршок од член 264 е пропишана во распон, царинските органи се должни да водат сметка глобата што ќе ја изречат со прекршочниот налог да одговара со минимално пропишаната за соодветниот облик на прекршокот (пример: ако за откриениот прекршок од член 264 е пропишана глоба од 50 до 250 евра за микро трговец, царинските органи со прекршочниот платен налог на тоа правно лице ќе му изречат глоба од 50 евра).