Заменикот на Претседателот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, заедно со директорот на Царинската управа, Горан Сугарески, денес (21.04.2021 година) беа во посета на граничниот премин Блаце, каде одржаа работен состанок со шефот на царинската испостава Блаце.

Царинската управа како институција која го штити македонското стопанство и ја унапредува меѓународната трговија треба да биде пример за исполнување на законите, спречување на корупцијата и криминалот. Во таа насока, на состанокот се дискутираше за новитетите кои што се воведуваат за зајакнување на контролните механизми во нашата држава преку кои ќе се унапредат процесите на системско функционирање на државата, а се однесуваат на воведување на задолжително поднесување на анкетни листови од проширена група на вработени во јавниот сектор.

Вицепремиерот Николовски посочи дека преку новите мерки се зголемува нивото на одговорност на политичарите и на администрацијата. Се подига нивото на транспарентност, се спречува злоупотреба на службената положба и оштетување на државниот буџет. Сите административни службеници што се на раководни позиции, инспекторите, како и царинските службеници, ќе мора да поднесуваат анкетни листови и изјави за судир на интереси. Мора да имаат одговорност пред работата и државата, но и пред се, пред граѓаните. И нема да има толеранција ако службената положба се користи за лични бизнис интереси, а на штета на државата и граѓаните.     

Директорот Сугарески истакна дека автоматизацијата и дигитализацијата што се спроведуваат во Царинската управа доведуваат до засилена одговорност, поради можноста за подоцнежна контрола и поради тоа улогата на Царината во спречувањето и откривањето на корупција и организиран криминал е дел од мерките од усвоениот План за борба против корупција. Исто така, најави и дека во текот на оваа седмица ќе се одржи експертски состанок помеѓу претставници на делегацијата на Европска Унија и Царинските служби на Република Северна Македонија и Косово на кој ќе биде разгледана можноста за воведување на концептот ONE STOP SHOP и на граничниот премин Блаце. Проектите на заеднички контроли на границите (One-stop-shop) се спроведуваат како мерка со која се намалува можноста за царински измами, поради непосредниот увид во комерцјалните документи кои ја следат стоката, а со тоа се намалува можноста за корупција и се зголемува стабилноста и сигурноста во целиот регион.

На овој начин, со системски мерки за спречување на корупција и криминал, вицепремиерот Николовски и директорот Сугарески најавија создавање на услови за поволна бизнис клима, за инвестициска сигурност и за унапредување на меѓународната трговија.

1
1
2
2
3
3
4
4
Previous Next Play Pause
1 2 3 4