Директорот на Царинската управа, г. Сугарески беше домаќин на Францускиот амбасадор Н.Е. Сирил Бомгартнер, г. Жулиен Отре,  царинско аташе на Франција задолжено за Југоисточна Европа и Балкан и г. Стефан Ропер, аташе за внатрешна безбедност. На средбата беше потврдена  взаемната  билатерална соработка која веќе подолг период успешно се реализира преку семинари, студиски посети, обуки и донирана техничка опрема.

Со осврт кон актуелните услови, развојните движења на двете служби и нивните оперативни капацитети, беа посочени посебните залагања и интерес за поблиско соработување во доменот на следење и координирано делување за сузбивање на недозволената трговија со опојни дроги, лекови, оружје, движење на капитал помеѓу двете земји, културни добра. Поодлучно и заедничко организирано настапување беше најавено за разоткривање и разбивање на криминални организации.

Царинската управа на Република Северна Македонија издвои конкретни предлози за идни активности во рамки на билатералната техничка помош која би била фокусирана во континуитет на истражни и разузнавачки операции. Помошта од француските колеги е добредојдена и за усогласување со законодавството на ЕУ од областа на акцизите.