Директорот на Царинската управа, Горан Сугарески денеска оствари средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Целта на средбата беше унапредување на соработката и на процесите кои Царинската управа ги има со сите институции со кои по надлежност соработува.

Заедничките активности и начинот на соработка, соработката на гранични премини и долж граничната линија, контролата на прекуграничниот сообраќај, контрола со едно застанување, соработката за спречување и борба против криминални активности и прекршоци, беа тема на денешниот состанок меѓу министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и директорот на Царинската управа, Горан Сугарески.

“Досегашната добра меѓуинституционална соработка ќе продолжи и понатаму во однос на идните начини за ефикасно преземање на непосредни заеднички активности за заштита на државната граница на Република Северна Македонија, зајакнување на активностите за борба против корупција, спречување и откривање на организиран и други видови криминал, олеснување и забрзување на движењето на стока и патници и поефикасно искористувње на расположивите ресурси” истакна Сугарески.

Министерот ја аргументираше борбата против криминалот и корупцијата со создавањето на Националниот центар за борба против корупцијата со седиште во МВР, во кој учестуваат сите институции кои имаат надлежности на прогон и истрага за борба против корупцијата, во кој, секако, спаѓа и Царинската управа.

„Нашите институции, кои се позиционирани ‘рамо до рамо’ во своите надлежности и законски обврски во борбата против корупцијата и организираниот криминал, мора интензивно да продолжат со активностите, а резултатите на таа борба ќе бидат резултати на нашата држава во целост“, истакна министерот Спасовски.

Во однос на сузбивањето на корупцијата и организираниот криминал беше посочено дека Министерството и Царинската управа ќе продолжат со креирање на модерни решенија и техника од кои е исклучен човечкиот фактор, како што е планираното опремување на сите гранични премини за полицијата и царината, со т.н.„боди камери“ и софтверско решение преку кое ќе се надгледува работата и на службениците.

Заеднички и од двете страни се потенцираше дека за успешна борба со организираниот криминал и корупцијата е потребна посилна соработка со Јавното обвинителство, која се очекува да достигне повисоко ниво.

На состанокот се разгледа и прогресот на шест големи идни проекти на постојана соработка меѓу МВР и Царинската управа, со цел нивна континуирана успешна имплементација. 

1
1
2
2
3
3
Previous Next Play Pause
1 2 3