Во текот на минатата недела, царинските службеници открија еден обид за криумчарење хероин и неколку обиди за криумчарење разна стока, при што привремено се задржани  автомобил со бункер, автоделови, девизи и фалсификати. 

Хероин

Мобилните царински тимови во соработка со Министерството за внатрешни работи спречија обид за криумчарење на околу 1 килограм хероин. 

На 13.03.2019 година, околу 13:30 часот, на граничниот премин Табановце автопат за излез од државата се пријавил швајцарски автобус кој сообраќал на релација Струга – Берн. При контрола на автобусот, кај последниот ред седишта, под седиштето до прозорот, била пронајдена кеса со две пресувани пакувања со по околу 500 грама хероин. Хероинот беше предаден на Министерството за внатрешни работи за понатамошна постапка. 

Автомобил со бункер и автоделови

- еден албански автомобил и 22 резервни делови за товарни возила, откриени во два одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови.  

Во првиот случај, при контрола на албански автомобил марка Ford Focus, управуван од албански државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ќафасан, во просторот наменет за резервно тркало бил откриен дополнително вграден резервоар за гориво, одвоен од постоечкиот резервоар, кој според изјавата на возачот имал капацитет од околу 20 литри. 

Во вториот случај, во багажникот  на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, биле пронајдени 22 резервни делови за товарни возила (гуртни и цилиндри за кочници). 

Автомобилот со бункер и непријавените автоделови се привремено задржани а против возачите ќе бидат поведени прекршочни постапки.

Девизи

- 1.780 евра, откриени од страна на мобилните царински тимови, при личен претрес на македонски државјанин кој, со македонски автомобил, се пријавил за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Во торбичка на возачот биле пронајдени 3.780 евра за кои не поседувал документ потекло. Согласно законските прописи на возачот му биле вратени 2.000 евра, износ што резидент може слободно да го изнесе од државата, а за сторениот девизен прекршок ќе биде поднесено барање за поведување прекршочна постапка.  

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост

- 4.920 пара спортски обувки со лого на заштитена трговска марка, откриени при контрола на македонски камион, натоварен со стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Косово, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Поради сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост, производите се привремено задржани и согласно законските прописи ќе биде започната постапка за докажување на нивната оригиналност.

 

Avtodelovi,mobilna
Avtodelovi,mobilna
Devizi, mobilna
Devizi, mobilna
Heroin, mobilna
Heroin, mobilna
Vozilo so bunker,mobilna
Vozilo so bunker,mobilna
Previous Next Play Pause
1 2 3 4