Царинските службеници од граничниот премин Богородица вчера запленија 144 килограми марихуана.

Имено, на 12 април 2017 година на граничниот премин Богородица на излез од Република Македонија било запрено товарно возило со полуприколка со странски регистарски ознаки управувано од бугарски државјанин.

Кога осомничениот пристигнал на граничниот премин Богородица на царинските службеници им рекол дека нема ништо за пријавување и дека возилото е празно. Бидејќи царинските службеници се посомневале во неговата изјава, возилото било селектирано за контрола. При контрола на возило во страничните даски од полуприколката, царинските службеници забележале дека истите биле наполнети со наркотична дрога марихуана. Вкупната количина на запленетата марихуана е 144 кг.

Предистражната постапка е се уште во тек и се прибираат докази. Царинската управа поднесе кривична пријава против осомниченото лице до надлежното јавно обвинителство, поради постоење на основи на сомнение дека е сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“.