Во текот на минатите две недели, царинските службеници од граничниот премин Табановце автопат, спречија два обиди за криумчарење дрога.

 

Во првиот случај, при контрола на романски автомобил, управуван од романски државјанин, пријавен за излез од државата, спречен е обид за криумчарење на околу 80 грама марихуана. Дрогата е пронајдена во жолта најлонска кеса, облепена со самолеплива бела лента, сокриена позади екранот за контрола на внатрешната климатизација за возилото. 

23.01.2017.1

Во вториот случај, при контрола на патничко комбе со англиски таблички, управувано од норвешки државјанин, пријавено за излез од државата, спречен е обид за криумчарење 5 исперфорирани споени ливчиња, со лого Smiley, од наркотичка дрога од видот LSD. Ливчињата се пронајдени во кожен несесер, сместен во платнен несесер со три прегради, закачен на задната врата на возилото. 

Двата случаи се предадени на Секторот за контрола и истраги при Царинската управа, за понатамошна постапка.

 

Покрај тоа, откриени се неколку обиди за криумчарење разна стока и две царински измами:

Девизи и мобилни телефони

 

- 29.400 евра и 2 мобилни телефони Iphone 7, откриени во два одвоени случаи на скопскиот аеродром Александар Велики.

 

Во првиот случај, при личен претрес на македонски државјанин кој допатувал со лет од Келн, во внатрешен џеб од неговата јакна бил пронајден плик со 37.000 евра. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, а 27.000 евра биле привремено задржани и против патникот е поведена прекршочна постапка за сторениот прекршок.

 

Во вториот случај, при контрола на багажот и личен претрес на македонски државјанин кој допатувал со лет од Цирих, во неговата патната торба бил пронајден плик со 9.250 швајцарски франци, а во внатрешен џеб од неговата јакна биле пронајдени уште 3.400 евра. Согласно законските прописи на патникот му биле вратени 9.250 швајцарски франци и 1.400 евра, противвредност на 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата, а 2.400 евра се привремено задржани и против патникот е поведена прекршочна постапки за сторениот девизен прекршок. Покрај тоа во патната торба на патникот биле пронајдени и 2 нови мобилни телефони Iphone 7, кои не биле пријавени, поради што истите биле привремено задржани, а против патникот е поведена и прекршочна постапка за сторен царински прекршок.

23.01.2017.2

Возило

На граничниот премин Меџитлија привремено е задржано употребувано италијанско товарно возило-комбе, марка VOLKSWAGEN FURGON, за кое царинските службеници утврдиле дека на територијата на Република Македонија се задржало подолго од законски дозволениот рок. Според изјавата на возачот, македонски државјанин, возилото било внесено во државата во август 2013 година, што било потврдено и од проверките во евиденцијата на Министерството за внатрешни работи, и до сега не било повторно изнесено надвор од територијата на Република Македонија. На тој начин со возилото било постапено како да е пуштено во слободен промет без да биде ставено во пропишаната царинска постапка и без да бидат платени увозни давачки за истото. Возилото е привремено задржано а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.

23.01.2017.3

Домашна ракија

- околу 110 литри домашна ракија, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на македонско товарно комбе, управувано од македонски државјанин, извршена на патниот правец Неготино –Велес, во близина на наплатната рампа Градско. Во товарниот дел на комбето, помеѓу јутани вреќи полни со мелен пипер, биле пронајдени и 6 пластични канти со ракија, за кои возачот не поседувал доказ за потекло и платени увозни и акцизни давачки. Ракијата е привремено задржана а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка. 

 

Друго

- 500 затворачи за чешми, 100 рачки за врати и 90 автоделови, откриени во два одвоени случаи на граничниот премин Табановце автопат, при контрола на едно патничко и едно товарно возило, пријавени за влез во државата.

Во првиот случај, при контрола на македонски камион, управуван од македонски државјанин, во осум картонски кутии сместени на креветите во кабината на возилото, биле пронајдени 500 бесконечни затворачи за чешми, 100 рачки за врати и 76 автоделови (ротор за алтернатор, автомат и бендекс за анласер, четкички, реглери и диодни плочи).

 

Во вториот случај, при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, во две картонски кутии сместени во багажникот на возилото, биле пронајдени 14 автоделови (фарови, задни светла, амортизери со спирали и светилки).

Во двата случаи непријавените производи се привремено задржани а против возачите се поведени соодветни постапки.

 

Измами

Во царинските испостави Скопје 2 и Гевгелија се откриени обиди за избегнување на плаќање увозни давачки, со погрешно тарифирање на стока.

Во првиот случај, во царинската испостава Скопје 2, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење стока декларирана во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 5%. При контрола на стоката било утврдено дека се работи за сетови со пенкала и нотеси, кои, согласно Водичот за царинење, треба да се распоредат во сосема друга тарифна ознака со пропишани стапка за царински давачки од 0% и стапка за ДДВ од 18%. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 82 илјади денари, а против увозникот е изготвен записник за царински прекршок. 

 

Во вториот случај, во царинската испостава Гевгелија, увозник од Скопје пријавил за увозно царинење лижавчиња декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 20% и стапка за ДДВ од 5%. Поради сомневање дека производите не се правилно распоредени според Водичот за царинење, земени се мостри и испратени на проверка во Царинската лабораторија, од каде е добиен одговор дека производите треба да се распоредат во сосема друга тарифна ознака, со пропишани стапка за царински давачки од 27% и стапка за ДДВ од 5%. Врз основа на новоутврдената тарифна ознака, изготвен е записник за распоредување на стоката според царинската тарифа, пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 5 илјади денари и спроведена е прекршочна постапка со мандатна казна против увозникот.