Царинско складирање
Постапката на царинско складирање е постапка со која стоката се сместува во царински склад без плаќање увозни давачки, акциза и ДДВ, без примена на мерки на трговска политика кои се применуваат при пуштање на стока во слободен промет, со примена на мерките на трговска политика кои се однесуваат на внесување на стока во царинското подрачје.
Во царински склад се внесува стока која подоцна може да се пушти во слободен промет со плаќање царина и други увозни давачки или повторно да се извезе или да се одреди друго царински дозволено постапување или употреба на стоката.
Стоката може да остане во постапка на царинско складирање неограничено.
Царински склад претставува простор или просторија која се наоѓа под царински надзор. Царинскиот склад може да биде цела зграда, една или повеќе простории во една зграда функционално одвоен од другите простории, ограден отворен простор, силос, резервоар, базен и други слични објекти за сместување на стока (исклучени се стамбени објекти, гаражни простории, канцелариски простории и простории во кои се врши трговска дејност).
Царинските складови можат да бидат јавни и приватни.
- јавен царински склад е склад кој може да го користи секое лице за складирање на стоки, кои се прифатени од држателот на царинскиот склад;
- приватен царински склад е склад во кој што стоките се складираат од страна на држателот на складот. Во приватниот царински склад одговорноста ја сноси сопственикот на складот, кој истовремено е и корисник на истиот, но не е неопходно и сопственик на стоката.
Царинскиот склад потребно е да има воспоставен систем за безбедност и сигурност, како и заштита на стоката од временски услови на начин којшто не овозможува опаѓање на нејзината вредност. Царинскиот склад исто така треба да поседува соодветна опрема за истовар и утовар на стоката, вага за мерење на стоката, кои треба да бидат одржувани во исправна состојба.
За спроведување на постапката потребно е да се поднесе инструмент за обезбедување на плаќањето на царинскиот долг кој би можел да настане. Инструмент за обезбедување се поднесува од страна на имателот на одобрение на царинскиот склад.
Упатство за царинско складирање
Прилози кон Упатство за царинско складирање ЦС