Царинската управа во врска со низата информации околу увозот и контрола на нафтени деривати го доставува следново известување, кое содржи повеќе информации: 

Информација 1: Начин на распоредување на стоките

Во царинското работење распоредувањето на стоките, односно нивно тарифирање во номенклатурата на царинската тарифа се врши согласно Законот за царинска тарифа. Овој закон претставува клучен закон, каде се содржани тарифните ознаки и царинските стапки што се применуваат при наплата на царинските давачки.

Распоредувањето, односно класифицирањето на стоките во соодветен тарифен број, се врши според описот на тарифните броеви, основните правила 1 и 6 за примена на Царинската тарифа, како и забелешките за распоредување на стоките кон Одделите, Главите и тарифните броеви.

Основна функција при царинењето на стоките е утврдување на точниот тарфен број каде треба да се распореди стоката, со цел правилно да се наплати царина, ДДВ и акциза при пуштањето на стоките во слободен промет. Така при секое поднесување на царинската декларација, царинските службеници треба:

  • Да ја идентификуваат стоката
  • Да спроведат документарна контрола, односно да проверат дали декларираниот опис на стоката во царинската декларација е идентичен со декларираниот опис на стоката во фактурата за увоз и
  • Во одредени случаи да проверат и физички дали станува збор за тој вид на стока.

При приемот на царинските декларации во процесот на документарна и физичка контрола, потребно е правилно да се утврди и царинската вредност, со цел правилна наплата на царинските давачки, ДДВ и акциза, да се утврди потеклото на стоките, односно да се утврди дали стоките се со преференцијално или непреференцијално потекло.

На крај, во процесот на царинење на стоките, потребно е да се спроведат и сите мерки на трговски политика, тнр. нетарифни мерки, односно, да се утврди дали за одреден вид на стока постои некој вид забрана, ограничување или дали е потребно да се приложи одреден цертификат, со цел заштита на здравјето на населенито и на општеството.

 

Информација 2: Мерки на трговска политика

Царинската управа на Република Северна Македонија ја известува јавноста дека постојат два вида мерки на трговска политика:

  • Мерки што се применуваа при внесување на стоката во царинското подрачје на Република Северна Македонијаи
  • Втор вид на мерки што се применуваат при пуштање на стоката во слободен промет, што вообичаено се нарекува увоз.

Информација 3: Увозот на мазут и ингеренциите на Царинската управа

Во врска со низата вести и информации што изминативе денови се објавуваат во разни медиуми, а во интерес на објективно и професионално информирање на граѓаните околу увозот на тнр. отровни масла, го доставуваме следното објаснување.

Во царинската тарифа, постојат различни видови на нафтени деривати, тнр. лесни, средни и тешки масла, односно масла за ложење кои уште се нарекуваат мазути. Во процесот на царинење на мазутот, основна функција на Царината е да утврди првенствено дали декларираниот мазут, навистина претставува мазут, или пак претставува некој друг вид на масло за горење. Ова е од исклучителна важност, бидејќи во секојдневната пракса, низа увозници сакаат да ги декларираат нивните производи како мазут, наместо како дизел горива, со цел да платат помала акциза, бидејќи мазутот има пониска акциза во однос на другите нафтени деривати. Од тој аспект, првенствена контрола на Царинската управа е контрола на фискалниот аспект на нафтените деривати, односно правилна наплата на царинските давачки, ДДВ и акцизата, како и правилно утврдување на царинската вредност.

Во периодот 2018-2020, Царината има откриено низа обиди за погрешно и неправилно пријавување на стоките, со цел плаќање на помали увозни давачки. Кај сите увозници се извршени дополнителни наплати и прибрани значителни финансиски средства.

Во оваа постапка, Царината ги користи и услугите на сопствената царинска лабораторија, чија основна функција е анализа на фискалните параметри на нафтените деривати, со цел правилно полнење на буџетот на државата. Овој вид на контрола е исто така, во согласност со препораките на Европската Унија за спроведување на царинските контроли, што се дефинирани во Поглавје 29.

Во однос на спроведувањето на мерките на трговската политика (дозволи, забрани и ограничувања) што се применуваат при внесување на мазут во царинското подрачје на Република Северна Македонија, предвидено е доколку мазутот содржи сулфур над 1% да не смее физички да влезе на територијата на државата. Од тие причини, Царината преку царинската лабораторија врши задолжителна контрола единствено на содржината на сулфурот. Доколку мазутот содржи поголема количина на сулфур од дозволеното, тој физички не смее да влезе во државата. Оваа одредба е содржана во Одлуката за распоредување на стоките на форми на увоз и извоз, каде е предвиден режимот на забрана.

Во однос на останатите мерки на трговска политика што се применуваат при пуштање на стоката во слободен промет (тнр. увоз), за мазутот се предвидени одредни карактеристики за квалитет што се предвидени во Правилникот за квалитет на нафтени деривати. Како и кај сите останати видови на стоки за кои се предвидени различни стандарди за квалитет, за квалитетот на мазутот, надлежни институции за спроведување на контролата се Министерството за економија- Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина.

Овие стандарди за квалитет се однесуваат на пуштање на стоката во слободен промет на внатрешниот пазар, и од логична причина што на пазарот на Република Северна Македонија се појавуваат и нафтени деривати што се произведени од домашни производители.

На ист начин е регулирана и потребата за добивање на лиценца, која како документ е задолжителна за пуштање на стока во внатрешниот промет.

Царинската управа на Република Северна Македонија уште еднаш нагласува дека согласно националното законодавство и европското законодавство, особено одредбите од Поглавје 1 – слободно движење на стоки и Поглавје 29 – царинска унија, потребно е јавноста да биде објективно запознаена и информирана за мерките на трговска политика што се применуваат при внес во царинското подрачје и мерките на трговска политика што се применуваат при пуштање во слободен промет, односно внатрешен промет, со цел вистинско осознавање на потребата за контрола на квалитет на мазутот, заштита на здравјето на граѓањето и обезбедување на услови за фер конкуренција.

 

 

Во Службен весник на РСМ број 110 од 19 мај 2021 година е објавен Законот за изменување на Царинскиот закон.

Царинската управа ве известува дека со овој Закон се вршат следните измени:

Со новиот Закон за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/19 од 17 мај 2019 година), односно со членовите 26 и 36 за физичките и правните лицa, како и за одговорните лица во правните лица се пропишани максимални износи на глоби, кои се значително помали во споредба со максималните износи на глоби кои ги определуваше претходниот закон од 2015 година.

Воедно, со посочените два члена на законот се определи и дека за прекршоци од областа на даноците, царините, јавните набавки, јавните финансии и јавниот долг може да се пропише глоба во поголем паричен износ од затаената давачка или износ на набавката но најмногу во двократен износ од определените во ставот 1.

Од друга страна, со членот 49 став 2 од истиот закон се определи дека за одделни прекршоци за кои глобата е утврдена до најмногу 250 евра во денарска противвредност за физичко лице, 500 евра во денарска противвредност за одговорно  лице  во  правно  лице  и службено лице и 1000 евра во денарска противвредност за правни лица прекршочна постапка може да води и прекршочна санкција може да изрече прекршочен орган и овластено службено лице, а согласно став 3 на истиот член, по исклучок на ставот 2 прекршочна постапка може да води и прекршочна санкција може да изрече прекршочен орган за прекршоци за кои е предвидена глоба повисока од утврдената во ставот 2 на овој член, доколку тоа е предвидено со законодавството на Европската унија.

Со членот 132 став 1 од истиот закон се определи дека законите во кои се пропишани прекршочни санкции ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од 6 месеци од денот на влегување во сила на овој закон.

Оттука, а во насока на усогласување со цитираните одредби на Законот за прекршоците е донесен Закон за изменување и дополнување на Царински закон.

Со овој закон е пропишано прекршочниот орган на Царинската управа  да ја има надлежноста за водење на прекршочната постапка по сторени царински прекршоци и за изрекување на прекршочни санкции за пониските износи, а за повисоките износи на глоби се определува судска надлежност, што е во согласност со одредбите на Законот за прекршоците.

Текстот на Законот за изменување на Царинскиот закон е објавен: ТУКА

Почитувани кандидати,

Ве известуваме дека електронското полагање на поправниот испит од вториот дел на испитот за лиценциран застапник кој беше закажан за 27.05.2021 со почеток во 11:50 часот, се одлага за нов термин, за што ќе бидете дополнително известени.

За сите информации поврзани со испитот кои се однесуваат на датумот на неговото одржување местото и часот, ќе бидете известени со соопштение кое ќе биде објавено преку веб страната на Царинската управа.  

 

 

Информираме дека денес (14.05.2021 година), во 13.00 часот граничниот премин Богородица-Евзони е пуштен за влез во Република Грција и за патнички сообраќај.

Патници може да влегуваат во период од 07-23.00 часот,со потврда од вакцина (14 дена од втора доза) или ПЦР тест не постар од 72 часа и задолжително пополнет ПЛФ образец 24 часа пред патувањето.

Товарен сообракај е дозволен 24 часа,останува обврската за брз тест на граница за возачите и ПЛФ образец.

Линк за повеќе информации, протоколи и пополнување ПЛФ образец


https://travel.gov.gr/#/

   

 

  

Врз основа на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост  („Службен весник на РМ“ бр. 78/15, 106/15, 153/15, 190/16, 21/18 и „Службен весник на РСМ“ бр. 101/19 и 275/19), Законот за процена („Сл. весник на РМ” бр. 115/10, 158/11, 185/11, 64/12, 188/14, 104/15, 153/15, 192/15и 30/16), Одлуката за давање во закуп објекти на граничен премин за патен сообраќај бр. 40-4197/1 од 13.04.2021 година („Сл. весник на РСМ” бр. 84/21) и Одлуката за давање во закуп објекти на граничните премини за патен сообраќај бр. 40-4497/1 од 13.04.2021 година („Сл. весник на РСМ” бр.84/21), донесени од Владата на Република Северна Македонија

Заменикот на Претседателот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, заедно со директорот на Царинската управа, Горан Сугарески, денес (21.04.2021 година) беа во посета на граничниот премин Блаце, каде одржаа работен состанок со шефот на царинската испостава Блаце.

Царинската управа, денес, на 14-ти април одбележува 29 години од своето постоење како самостоен државен орган. Со оглед на условите предизвикани од пандемијата со КОВИД-19, директорот на Царинската управа г. Горан Сугарески, преку видео порака им се обрати на царинските службеници, соработниците, учесниците во царинските постапки, како и на сите граѓани и се осврна на постигнатите резултати во текот на изминатата година.

Соочени со посебни предизвици и потешкотии предизвикани од пандемијата, Царинската управа следејќи ги промените, со брзи реакции и флексибилност успеа проектите и активностите кои започнаа во 2019 година непрекинато да ги извршува и во 2020 година. Па така, изминатат година ја одбележаа повеќе настани и проекти меѓу кои и претседателството со Поткомитетот за царина и правила на потекло во рамки на ЦЕФТА, кој има големо влијание во олеснувањето на националната и прекуграничната трговија. Како претседавачи со овој комитет, успеавме да воспоставиме т.н. зелени коридори, преку кои за време на пандемијата сите земји членки на ЦЕФТА се обврзаа да обезбедат 24 часовна работа на граничните премини за извоз и увоз на стоки во рамки на ЦЕФТА, како и на клучните гранични премини со Европската Унија. Исто така, согласно потребите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат го развивме новиот модул РАВИО во рамките на ЕХИМ системот кој служи за автоматско следење и стопирање на лицата кои се обидуваат да излезат преку аеродромите од државата, а имаат решение за изолација.

Подетални податоци за сите постигнатите резултати на Царинската управа во изминатата година, може да погледнете во видео обраќањето на директорот на Царинската управа г. Горан Сугарески, на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=_zQZRxC1ENU&feature=youtu.be

Традиционално, на денот на Царината беше искажана благодарност на институции и поединци кои со својата работа дадоа придонес за успешната работа на Царинската управа и поддршка на реформите во царинското работење, а на царинските службеници кои одбележуваат 10, 20 и 30 години од своето работење, им беа доделени Благодарници во знак на признание за нивната посветеност при вршењето на должноста на царинскиот службеник.

Во рамки на годинашното одбележување на царинскиот празник, организирана беше и крводарителска акција, а својата хуманост царинските службеници ја искажаа и преку донација на мебел, инвертер клима уреди, постелнина, неколку кујнски апарати, детски играчки и друго за “Родителска куќа“, каде се сместени родителите чии деца се пациенти и примаат терапија на хемато-онколошкото одделение на Универзитетската клиника за детски болести.

Годишниот извештај за работењето на Царинската управа во 2020 година, може да го видите тука

https://issuu.com/bachevska/docs/godisen_izvestaj_carinska_uprava_2020_godina_so_ma  

 

По повод 14-ти Април, денот кога  Царинската управа одбележува 29 години од своето постоење како самостоен државен орган,  вработените традиционално организираа хуманитарна  акција.

Во Службен весник на РСМ број 77 од 6 Април 2021 година е објавен Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите.

Царинската управа ве известува дека со овој Закон се вршат следните измени и дополнувања:

-          Се врши прецизирање на роковите за поднесување на акцизна декларација и плаќање на акцизата од страна на лица кои не се регистрирани во електронскиот Регистар на акцизни обврзници, а поседуваат, произведуваат, тргуваат, складираат, чуваат, преработуваат акцизни добра. Овие лица стануваат акцизни обврзници и треба веднаш да поднесат акцизна декларација во компјутерскиот систем на Царинската управа (СОЦДАД) и најдоцна во рок од пет дена од прифаќањето на акцизната декларација да ја платат акцизата согласно посебните одредби кои се однесуваат за наведените акцизни добра од Законот за акцизите.

-          Се прецизираат одредбите кои се однесуваат на гаранцијата за обезбедување на акцизниот долг во постапка на акцизно складирање и акцизно повластено користење при што гаранција нема да се бара во случаите кога имателот на одобрението за повластен корисник е државен орган, јавна, научна или образовна институција или јавна здравствена установа. Се пропишуваат и одредби за утврдување на понизок износ на гаранција и употреба на готовински депозит за обезбедување на акцизата, рок за важност на банкарска гаранција, враќање или ослободување на банкарска гаранција и готовински депозит. Во овој закон се пропишуваат и обврска за доставување на гаранција за обезбедување на акцизен долг кој може да настане за обврзниците за електрична енергија, природен гас, јаглен, кокс, лигнит и нафтен кокс кои пред издавањето на одобрението треба да поднесат гаранција за обезбедување на акцизниот долг кој настанал или кој би можел да настане.

-          Истовремено, обврската за поднесување на гаранција за обезбедување на акцизен долг кој може да настане од страна на приватните здравствени установи кои се иматели на одобрение за повластен корисник се одложува до 01 јануари 2022 година.

-          Се врши допрецизирање и дополнување на членовите 61 и 87 од Законот за акцизите кои се однесуваат на акцизните марки за обележување на меѓупроизводи и жестоки алкохолни пијалаци и тутунските производи, при што акцизните марки за обележување на пури, цигарилоси, тутун за пушење, други тутунски производи и течност за полнење на електронска цигара се пријавуваат и издаваат во количина од најмалку 500 парчиња, а  во случаите кога се користат ексклузивни серии, ограничени количини наменети за промотивни цели или рачно изработени пури надлежниот царински орган може да одобри издавање на акцизни марки во број помал од 500 парчиња.

-          Се транспонираат одредбите од Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите* за време на вонредна состојба (,,Службен весник на Република Северна Македонија” број 86/2020, 105/2020, 125/2020 и 169/2020), односно се пропишува износот и нов начин на пресметка на акцизата за безоловен бензин со содржина на олово до 0,013 грама на литар од тарифните ознаки 2710 12 31 00, 2710 12 41 00, 2710 12 45 00, 2710 12 49 00, 2710 12 51 00 и 2710 12 59 00 и за гасно масло како погонско гориво и како гориво за греење од тарифните ознаки 2710 19 43 00, 2710 19 46 00, 2710 19 47 00, 2710 19 48 00, 2710 20 11 00, 2710 20 15 00, 2710 20 17 00 и 2710 20 19 00. Се врши изедначување на износот на акцизата на гасното масло наменето како гориво за греење со акцизата на гасното масло како погонско гориво при што се пропишува враќање на дел од платената акциза. Со оглед дека Законот стапи во сила со денот на објавувањето во Службен весник, имателите на акцизна дозвола и увозниците на енергенти имаат обврска да направат попис на залихите и да извршат доплата на акцизата.

-          Во Законот за акцизите се додаваат два нови члена 98-а и 98-б кои се однесуваат на враќањето на дел од платената акциза за обележаното гасно масло наменето за греење во домаќинствата и обележаното гасно масло употребено во процес на производство или како додаток на друг енергент како гориво за греење во индустријата, како и начинот и постапката за остварување на правото за враќање на  дел од платената акциза за обележаното гасно масло наменето за греење во домаќинствата или употребено во процес на производство или како додаток на друг енергент како гориво за греење во индустријата.

-          Се одложува примената на одредбите од членот 13 ставови (1) и (2) од Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите („Службен весник  на Република Северна Македонија” број 275/19 од 27.12.2019 година) до 1 јануари 2022 година, а кои се однесуваат на производителите и увозниците на вино и акцизните обврзници за електрична енергија, природен гас, јаглен, кокс и лигнит.

Текстот на Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите е објавено: ТУКА

 

 

Во насока на промоција на отворената царинска линија за пријавување на корупција и Планот за борба против корупција, денеска заменикот на Претседателот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, на граничниот премин Деве Баир, одржа работна средба со директорот на Царинската управа Горан Сугарески.