Директорката на Царинската управа Славица Кутиров и помошник-дирекорот за меѓународна соработка Златко Ветеровски, учествуваат на годишното генерално собрание на Светската царинска организација (СЦО), што се одржува од 23 до 25 јуни 2022 година, во Брисел - Белгија. На собранието се дискутираат клучните теми во доменот на глобалната царинската соработка, како и прашања кои се од суштинска важност за хармонизација на царинското работење во светот, а учествуваат директори на царинските управи од 183 земји или територии. Овогодишното собрание е јубилејно, како одбележување на 70 годишнината од формирањето на Светската царинска организација. По тој повод, покрај обраќањето на генералниот секретар Кунио Микурија, обраќање имаат и Принцезата Астрид од Белгија и заменик претседателот на Владата на Белгија и Министер за финансии Винсент Ван Петегем.

 Главни теми за дискусија на седницата се глобалната царинска соработка во пост - ковид периодот, а во условни на глобална економска и енергетската криза. Посебни теми за дискусија се: улогата на царината во дигиталната трансформација, е-трговијата, „зелена царина“ и управувањето со границите. Презентиран е новиот Стратешки и Акциски план на СЦО, што ги содржат четирите клучни приоритети - олеснување на трговијата, наплата на приходи, заштита на општеството и организациски развој.

Една од темите е и новата стратегија на СЦО за електронска размена на податоци, со фокус на новите методи за регулирање на е-трговијата, која бележи значителен пораст во последните две години. Презентирана е и новата алатка за визуелизација на базата за размена на технички информации, а од технички аспект се дискутираа и теми од повеќе области: градење на капацитети на царинските служби, тарифно распоредување, потекло на стоки и царинска вредност, борба против недозволена трговија на регионално и меѓународно ниво и забрзување и поддршка на глобалниот синџир на снабдување.  

Советот за царинска соработка на Светската царинска организација  е глобален меѓународен признат центар на царинска експертиза и има водечка улога во развојот, промовирањето и спроведувањето на современи царински системи и процедури. Нашата држава како членка на СЦО е претставувана од страна на Царинската управа, и е договорна страна за повеќе конвенции и инструменти на СЦО, како што се: Конвенцијата за Хармонизиран Систем, Ревидираната Кјото Конвенција за олеснување и забрзување на царинските постапки, Рамката на стандарди за сигурност и безбедност на меѓународната трговија.

1
1
2
2
3
3
4
4
5
5
Previous Next Play Pause
1 2 3 4 5