Традиционалната новогодишна средба, годинава ја одржуваме во сосема поинакви услови, преку видео платформа. Дозвелете на почетокот да Ве поздравам и да се заблагодарам за присуството. Пред да кажам било што сакам да се заблагодарам на севкупниот труд и пожртвуваност на сите Вас во исполнувањето на работните обврски во ова исклучително тешко време глобална пандемија.

Годината што денес изминува сите ќе ја паметиме како една исклучително тешка и полна со предизвици. 2020-та ќе остане запаметена како година на пандемијата од КОВИД-19  која со неверојатна брзина  целосно ја освои територијата  на целиот свет, на сите ни ги промени навиките, ни ја наруши комфорната зона и ни го промени ритамот на животот. Јасно е дека веќе ништо не е исто како порано и сите ние ќе мораме да се навикнеме да функционираме и живееме по нови правила. Светот веќе цела година очајно се бори и изнаоѓа начини за поуспешно справување со пандемијата и заштитата на здравјето и животите на луѓето, како и за спасување на економиите кои се главен фактор за  егзистенцијата на луѓето и на стопанските субјекти.

Царинската управа на Република Северна Македонија имаше исклучително важна, сложена и одговорна функција во годинава што изминува. Нашата Царинска управа која важи за една од најнапредните во регионот и која е водечка институција во државава и покрај сите потешкотии и ограниченост во работата успешно се справи со сите предизвици кои ни ги наметна настаната ситуација со корона кризата. Верувам дека од оваа гледна точка, на крајот на оваа година, ако се осврнеме на изминатиот период сите ние како еден колектив ќе бидеме горди на тоа што сме успеале да го постигнеме.

Годината ја започнавме со тоа што од 01.01. на сила стапи новиот Закон за моторни возила кој всушност е прв донесен закон со еколошка компонента кој резултира со намален број на увезени возила, но сепак со зголемени приходи. Односно, бројот на вкупно увезени возила е намален за 1/3 од лани, а приходот е зголемен за над 55% во однос на 2019. На овој начин еколошките возила станаа економски поисплатлови за набавка, со што имаме директен импакт на увозот и користење на возила кои произведуваат пониска емисија на јаглерод диоксиод, односно кон намалување на загадувањето на воздухот со цел да се обезбеди здрава животна средина, што е основен предуслов за квалитетен живот на сите граѓани.

Исто така, стартувајќи од почетокот на 2020 година, целосно започна и  примената на Законот за акцизи во електронска форма, односно акцизната декларација се пополнува со користење на компјутерскиот систем на Царинската управа и се поднесува бесхартиено.

Изминатава година ја имавме честа нашата Царинска управа да биде претседавач на Поткомитетот за царина и правила на потекло во рамки на ЦЕФТА, кој всушност има големо влијание во олеснувањето на националната и прекуграничната трговија. Изработивме амбициозна програма, примарно во насока на реализација на заложбите за олеснување на трговијата на сите вклучени страни во ЦЕФТА, но и во однос на прекуграничната соработка и трговија со земјите членки на Европската унија. Како претседавачи со овој комитет на почетокот на месец март, кога драматично се промени целата ситуација и кога сите бевме погодени и под притисок поради новонастаната состојба со корона кризата, Царинската управа во соработка со сите органи и Министерства во Владата на Република Северна Македонија направи исклучителни напори за одржување на економската активност со цел границите во регионот да останат отворени. Односно, покренавме иницијатива за воспоставување на т.н. зелени коридори, каде сите земји членки на ЦЕФТА се обврзаа да обезбедат 24 часовна работа на граничните премини за извоз и увоз на стоки во рамки на ЦЕФТА регионот, како и на клучните гранични премини со Европската Унија, со приоритет за минување на свежите земјоделски и прехранбени производи, лековите и медицинската опрема.

Од потребноста и итноста за воведување на овие зелени коридори во време на кризна состојба во целиот регион, произлезе и ставот дека истите треба да останат во функција и во иднина со тоа што покрај важноста која ја имаат во ЦЕФТА земјите, да бидат проширени и да важат и за земјите од ЕУ, сè со цел да се обезбеди понатамошно слободно движење на стоките.

Една од многуте цели кои ги имаме зацртано е да бидеме партнер на деловната заедницата, сервис на граѓаните со што постојано предлагаме и спроведуваме мерки за олеснување на трговијата и транспортот. Оттука, како одговорна институција максимално се вложивме во меѓусебната соработка со економските оператори и другите владини институции кои се директно или индиректно инволвирани во царинските постапки. За таа цел, во време на кризна состојба, по покренатото барање од страна на Стопанската комора, Владата на Република Северна Македонија обезбеди дозволи за возачите на камиони со цел непречено вршење на дејноста на компаниите од специфични сектори и непречено да поминуваат на граничните премини. Континуираната иницијативност за изнаоѓање на решенија и надминување на предизвиците од ковид кризата ја покажавме и преку соработаката со Државниот санитарен и здравстевен инпекторат и безбедносните служби преку воспоставување на новиот систем РАВИО кој служи за автоматско следење и стопирање на лица кои се обидуваат да излезат преку аеродромите од државава, а кои имаат решение за изолација.

Република Северна Македонија преку Царинската управа е првата држава во ЦЕФТА која го започна процесот за меѓународно признавање на издадените одобренија за Овластен економски оператор (ОЕО) за царински поедноставувања. Моментално 15 трговски друштва имаат ОЕО одобрение, што претставува раст на бројот на издадени одобренија за овластен економски оператор. Взаемното признавање на ОЕО како клучен чекор за зајакнување и заштита на меѓународната трговија, преку намалувањето на контролите овозможува побрз проток на стоката и нивен приоритет на т.н. Зелени ленти секаде низ регионот.

Иако многумина мислат дека оваа година е крајно непродуктивна, ние можеме да го кажеме сосема спротивното. Спроведовме низа конкретни мерки за олеснување на работата на сите учесници во царинските постапки. Видливо, бевме насочени и кон стратешкиот приоритет – воспоставување на дигитална царина. Благодарение на нашите цели, заложби и макотрпната работа на колегите, станавме лидери во дигиталното работење, па така царинските постапки кои се реализираа на хартија ги заменивме со електронски постапки и од април 2020 година извозот од државата се врши целосно електронски и бесхартиено, а преку пилот проект активно работиме и на воведувањето на увозна царинска постапка без употреба на хартиени документи како прилог на царинската декларација.

Во однос на дигитализацијата, во годината која следи исто така продолжуваме да се надоградуваме со цел да останеме високо позиционирани при исполнување на зацртаните цели како лидери во дигитализацијата во регионот.  Во мај оваа година, од страна на Владата на Република Северна Македонија нашата Царинска управа беше назначена за носител и главен координатор на проектот за Новиот национален едношалтерски систем (National Single Window – NSW) во државава. Имено, проектот за изработка на Blueprint документот треба да заврши на крајот на март 2021 со што ќе ја имаме основата за развој на новиот систем.

Со реализација на овој проект се очекува да се развие и имплементира комплетно нов Национален едношалтерски систем чии корисници ќе бидат Царинската управа, другите владини институции и бизнис заедницата. Со воведување на овој систем ќе се интегрираат националните IT системи кои се користат во Царинската управа, односно ќе се изврши интеграција и со системите на другите владини институции и ќе се обезбеди единствена точка – прозорец за користење на услугите од страна на економските оператори.

Во следните неколку години ќе се развива и имплементира во рамките на компонентата за Олеснување на меѓугранична трговија на стоки од Проектот за олеснување на трговијата и транспортот во Западен Балкан (Western Balkans Trade and Transport Facilitation Project – WBTTFP), финансиран со заем од Светската Банка.

Во пракса веќе сме започнати со активности во насока на интеграција со ЕУ, односно согласно приоритетите за дигитализација на Царинската управа, а со цел отварање кон Заедничкиот регионален пазар, во периодот што следи продолжуваме да ги подготвуваме своите ИТ системи да бидат компатибилни со Европските во насока на олеснување на трговијата и интероперабилноста.

Во новата година во однос на компонентата “Олеснување на трговијата” планирана е имплементација на три проекти кои се поддржани од страна на ЕУ преку ИПА 3 програмите. Тука спаѓа имплементацијата на транзитниот систем NCTS5, проект преку кој ќе има усогласување на постојниот транс-европски систем NCTS со новите барања на UCC (Union Customs Code), и надградба и развој на интерфејси со други системи. Потоа Системот EORI2, односно национален систем за регистрација и идентификација на економските оператори усогласен со UCC, преку кој ќе се обезбеди надградба на постојниот транс-европски систем ЕОRI со воведување на царински регистар кој што ќе биде усогласен со Европскиот и ќе овозможи регистрација и идентификација на економските оператори, на операторите на Унијата и трети земји и лица.

Започната е процедура за набавка на нов видео надзор и ANPR - систем за регистрација на регистарски таблици на возилата. Надградбата на овој систем преку ваквата технологија ќе овозможи преглед на сите возила кои минуваат низ царинските испостави и граничните премини.

Се отпочна и со системот за идентификација и управување со пристап до царинските ИТ системи (System for Identity and Access Management (IAM), Систем кој треба на економските оператори да им овозможи единствена регистрација и пристап до сите царински ситеми и услугите кои тие ги нудат.

Во рамките на проектот на Светска Банка, обезбедени се средства и за имплементација на податочен склад и апликација за извештаи (Bussines intelligence  Data Warehouse). Целта на овој проект е специјално дизајнирана технолошка околина што овозможува собирање на поврзани податоци во форма погодна за анализа, што го олеснува процесот на донесување одлуки и обезбедува стандардизиран, флексибилен и ефикасен начин за отстранување на податоците во формат погоден за употреба во современи деловни системи и апликации. е имплементација на податочен склад, вклучително и апликација (софтвер) за генерирање на извештаи.

Започната е проектна документација за реконструкција на Деве Баир и Ќафасан, а со реализација на овој проект повторно ќе придонесеме кон намалување на времето на чекање и забрзувањето на постапките при царинење со што ќе се направи еден вид на стандардизација на граничните премини во поглед на инфраструктурната поставеност и начинот на функционирање.

Како полека завршува оваа година, сакам да споделам со Вас некои клучни податоци за наворешно-трговската размена во првите 11 месеци од оваа година. Според податоците со кои располага Царинската управа, вкупниот увоз во првите 11 месеци од 2020 година е помал за 7% во однос на истиот период минатата година, додека намалувањето на извозот е помало за 11%. Споредено со искучителната лоша економска состојба во светот, предизвикана од глобалната пандемија, овие бројки претставуваат солидни резултати, за што се вложени исклучителни напори од Владата на Република Северна Македонија и Царинската управа.

Сосема на крај би сакал да додадам и нешто за БРЕГЗИТ, односно излегувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија. Сите знаеме дека БРЕГЗИТ беше многу важен, не само за Европа и светот, туку и за Република Северна Македонија. Многумина можеби се прашуваат зошто, но одговорот е едноставен. Велика Британија е многу значаен трговски партнер за Република Северна Македонија.

Со излезот на Обединетото Кралство од ЕУ на 31.01.2020 година, земјата формално престане да биде членка на ЕУ, меѓутоа излегувањето од заедничкиот пазар е предвидено да биде со транзициски период од 11 месеци. Во текот на транзицискиот период требаше да се уредат трговските и другите односи помеѓу двете страни. Фактички, до 01.01.2021 година, Обединетото Кралство е дел од единствениот европски пазар и ги почитува правилата на ЕУ. За таа цел, Владата на Република Северна Македонија потпиша договор за слободна трговија со Обединетото Кралство што се нарекува Спогодба за партнерство, трговија и соработка и истата ќе почне да се применува од 01.01.2021 година. Овој договор има стратешко значење бидејќи и понатаму обезбедува правна сигурност и исто ниво на бесцарински увоз и извоз со Обединетото Кралство, како и до сега во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската Унија.

На крајот на оваа години би сакал искрено да Ви се заблагодарам на сите вработени што ми ја дадовте поддршката преку Вашата посветеност и пожртвуваност кон работата. За тоа што покажавте дека и во вакво крајно предизвикувачко време Вашиот потенцијал го користите правилно. Пред се, пристапувајќи кон проблемите со кои целиот свет се соочи со една огромна желба истите да бидат навремено решени за општото добро. Посебно благодарам на царинските службеници кои без прекин, активно и пожртвувано работеа во царинските испостави и граничните премини ширум државава.

 Бројката 21 е поврзана со среќа и зграпчување на шансите. Мојата желба за годината која следи е да продолжиме да делуваме проактивно и мислиме на иднината, преку градење на систем на одржливост во однос на сите наши стратешки приоритети, а притоа да останеме во служба на граѓаните, посветени да обезбедиме просперитет на општеството.

Драги колешки и колеги, Вам и на Вашите најмили, Ви посакувам пред сè да бидете здрави и среќни. Да бидете успешни во работата и продуктивно да ги користите своите способности. Нека Новата 2021 година донесе многу повеќе од очекуваното.

Среќна нова 2021 година!

1
1
2
2
3
3
4
4
Previous Next Play Pause
1 2 3 4