Управата за финансиска полиција во соработка со Министерството за внатрешни работи вчера (25.06.2019 година), спроведе акција во скопското село Љуботен врз основа на сомнение за сторени кривични дела криумчарење на акцизна стока и царинска измама, при што се одземени над 12 тони режан тутун. Во акцијата нема уапсени лица, затоа што истрагата не е против физичките лица, туку таргет се четири правни лица кои нелегално го увезувале тутунот.

Нелегалната продажба на режан тутун го загрозува здравјето на граѓаните и е пропратена со непочитувања на одредбите од повеќе закони и подзаконски акти, а кои продуцираат и штети на државата и штети на државниот буџет.

Производството и продажбата на нелегален режан тутун е се позачестена појава и има штетни последици по здравјето на граѓаните. Овој вид тутун, кој нелегално се произведува и продава во државата, нема никакви документи кои го докажуваат неговото потекло, видот, квалитетот, начинот и местото на одгледување и чување, и секако не подлежи на процес на контрола на квалитетот од овластените институции во земјата.

Сериозноста на оваа појава создаде потреба од сеопфатен пристап кон сузбивање на нелегалната трговија со режан тутун, за кој што е резултат и спроведената акција. Во почетокот на годината Царинската управа заедно со Групација за производство на цигари при Стопанската Комора, формира посебно Работно тело за следење на оваа појава со цел размена на информации и превземање конкретни активности. Дел од овие активности на Царинската управа и Работното тело во координација со другите институции се во функција на борбата против нелегалната продажба на режан тутун во земјава.

Царинската управа во координација со Работното тело спроведе акција за проверка на квалитетот на режаниот тутун кој се продава нелегално на пазарите. Мострите од режан тутун се земени од неколку различни локации и градови во државата, пратени на испитување во овластени институции во соработка со Земјоделскиот факултет и со Министерството за здравство.

Согласно резултатите и анализите од испитувањето:

  • Во два од примероците е детектирано присуство на пестициди, поточно инсектицидот „BIFENTRIN“, кој веќе не е во продажба во нашата земја. Бифентринот кој кај нас е познат под името „ТАЛСТАР“ претставува невротоксин кој докажано предизвикува иритација на кожата и пореметувања во ендокриниот систем.
  • Дополнително, нелегалниот режан тутун содржи катран во количини над дозволеното, кој самиот по себе е отровен.
  • Начинот производство и карактеристиките на вкусот на режаниот тутун евидентно е дека е подготвуван во домашни, односно примитивни условикако што покажа и денешната акција и поради несоодветниот начин на обработка и чување содржи мувла и микотоксини. Микотоксините се токсини кои се појавуваат во одредени видови на мувла и штетните последици од истите се движат од акутно труење до појава на рак.

Исто така, Царинската управа врз основа на измените во Законот за тутун кој стапи на сила во мај оваа година, во координација со Министерството за земјоделие и Државниот инспекторат за земјоделие веднаш пристапи кон селектирање на компаниите за кои е дозволен внес на необработен тутун. Согласно одредбите од член 43 од Законот за тутун само 10 компании кои се регистрирани во Регистарот на откупувачи на тутун што го води Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во моментот можат да внесат необработен тутун за понатамошна доработка.

Во координација со Министерството за економија, а врз основа на член 49 од Законот за тутун се превземаа постапки за прочистување на списоците за компаниите кои можат да вршат дејност производство на тутунски производи и кои треба да се запишани во Регистарот на производители на производи од тутун и сродни производи што го води Министерството за економија.

Сите овие мерки значително ќе влијаат на можноста за увоз на необработен тутун и тутун во лист во државата, со што се стеснува можноста за злоупотреби како што беа евидентни и со последната акција во село Љуботен.

20190625_152912
20190625_152923
20190625_153026
20190625_153111
20190625_152832
Previous Next Play Pause
1 2 3 4 5