Врз основа на Законот за Царинска управа и Упатството за мерење на успешноста на стоковите и граничните царински испостави, директорот на Царинската управа секои шест месеци донесува одлука за избор на најдобри цариници и најдобра гранична и внатрешна царинска испостава.

За периодот јули-декември 2016 година, најуспешни царински службеници се Зоран Дојранлиев од царинска испостава Гевгелија и Игор Костовски од царинската испостава Табановце автопат – отсек за патнички промет. Изборот на најуспешни царински службеници е извршен врз основа на критериумите: исполнување на планови, обем на работа и постигнати исклучителни резултати во работењето. 

За најдобра гранична царинска испостава избрана е царинската испостава Табановце-автопат, отсек за патнички промет. Второрангирана гранична испостава е Дојран, додека на трето место е  царинска испостава Богородица – отсек за патнички промет. Изборот на најуспешна гранична испостава е извршен врз основа критериумите: број на обработени царински декларации, откриени прекршочни и кривични дела, откриени случаи на нелегално пренесување на опојни дроги и психотропни супстанци, прекурзори, опасни материи, девизи и пари.

За најдобра внатрешна царинска испостава за втората половина од оваа година, избрана е царинската испостава Гевгелија. Второ и треторангирана внатрешна царинска испостава е царинска испостава Скопје 2 и царинска испостава Куманово. Критериумите за избор на најуспешна внатрешна испостава се број на обработени царински декларации, наплатени давачки по основ на царина, ДДВ, акцизи и надоместоци, утврдени неправилности по извршени контроли, откриени прекршочни и кривични дела поврзани со  нафтени деривати, опојни дроги и психотропни супстанци, прекурзори и опасни материи.