ПЕМ Конвенција
Регионалната конвенција за пан-евро-медитеранските преференцијални правила за потекло (ПЕМ конвенција) е единствен документ чија главна цел е примена на идентични преференцијални правила за потекло на стока со која се тргува меѓу договорните страни кои се потписнички на овој документ.
Пан-евро-медитеранскиот систем на кумулација на потекло ги вклучува земјите членки на Европска унија, земјите членки на ЕФТА (Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн), земјите од Барселона процесот (Алжир, Египет, Израел, Јордан, Либан, Мароко, Сирија, Тунис, Турција и Палестина) и Фарските Острови, како и земјите од Западен Балкан учесници во процесот на стабилизација и асоцијација со ЕУ (Албанија, Босна и Херцеговина, Република Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Косово), Молдавија, Украина и Грузија. Овој систем е составен од мноштво на договори, во кои постојат протоколи за потекло со идентични правила за потекло кои овозможуваат дијагонална кумулација меѓу земјите од зоната. Покрај наведените, соседните држави и територии на договорните страни може да аплицираат да станат договорни страни на ПЕМ конвенцијата, под услов да имаат договор за слободна трговија кој уредува преференцијални правила за потекло, што отвара простор за примена на ПЕМ конвенцијата и во однос на други источноевропски земји, како и кавкаските земји.
Договорните страни што ја имаат ратификувано ПЕМ конвенцијата, имаат склучено билатерален договор за слободна трговија кој содржи одредби дека правилата за потекло се утврдени во ПЕМ конвенцијата од аспект на примена на преференцијално потекло може да ја применуваат оваа конвенција. ПЕМ Конвенцијата ја замени мрежата на повеќе од 60 билатерални протоколи за правила за потекло со единствен правен инстумент.
Примената на дијагоналната кумулација во рамките на Пан-евро-медитеранскиот систем на кумулација на потеклото се заснова на мрежа на билатерални договори за слободна трговија, чиишто протоколи за потекло се засноваат на идентични правила за потекло на стока. Со овој единствен документ се овозможува сите членки кои учествуваат во ПЕМ процесот, ако имаат помеѓу себе договори за слободна трговија, да можат да кумулираат со потеклото на стоките, односно да користат репроматеријали од земјите членки на процесот и добивање на статус на преференцијално потекло на стоките кои ги произведуваат, како и примена на преференцијални царински стапки во земјите од ПЕМ процесот каде извезуваат.
Конвенцијата беше изменета со Одлуката бр. 1/2023 на Мешовитиот комитет од 7-ми декември 2023 година (Рeвидирана ПЕМ Конвенција), заменувајќи ги правилата од 2012 година со правилата од 2023 година. Оваа измена влегува во сила на 1-ви јануари 2025 година во однос на сите Договорни страни (ДС) и истата е објавена во Службен весник на РСМ број 261/2024.
ПЕМ Конвенцијата е применлива по пат на упатување на неа со одредби вклучени во Протоколите за потекло на релевантните билатерални договори на договорните страни.
Ефективната примена помеѓу ДС на правилата од 2023 година е условена со воведување на упатување кон Конвенцијата како што е последно изменето и објавено во нивните билатерални договори (динамична врска). Во очекување на ажурирањето на билатералните договори помеѓу неколку ДС со повикување на Конвенцијата, важечките правила за потекло меѓу тие ДС ќе бидат правилата содржани во нивните билатерални протоколи (правилата од 2012 година или старите ПЕМ протоколи).
Почнувајќи од 1-ви јануари 2025 година, некои ДС ќе ги применуваат правилата од 2023 година, додека други сè уште ќе ги применуваат правилата од 2012 година или старите ПЕМ протоколи, со потенцијални промени на можностите за дијагонална кумулација што ќе влијаат на трговските текови во областа на ПЕМ.
Некои договорни страни посочија дека нема да бидат во можност да ги ажурираат своите билатерални протоколи за правилата за потекло со повикување на Конвенцијата согласно последните измени, пред 1 јануари 2025 година, заради времетраењето на нивните внатрешни процедури. Доцнењето на ажурирањето на билатералните протоколи со повикување на Конвенцијата согласно последните измени, од страна на некои ДС може да доведе до нарушување на постоечките можности за кумулација.
Со цел надминување на настанатата состојба за примена на кумулација, Заедничкиот Комитет на ПЕМ на 12ти декември 2024 година ја усвои Одлука 2/2024 за изменување и дополнување на Одлуката бр. 1/2023 на Заедничкиот комитет со цел вклучување преодни одредби на измените на Регионалната конвенција за Паневро-медитерански преференцијални правила за потекло кои се применуваат од 1 јануари 2025 година.
Главниот делокруг на преодните одредби е да се задржат правилата од 2012 година кои се применуваат паралелно со правилата од 2023 година помеѓу ДС за кои стапуваат на сила правилата од 2023 година. Ова ќе обезбеди зачувување на трговските текови врз основа на можностите за кумулација што постојат пред 1-ви јануари 2025 година. Економските оператори имаат можност да изберат помеѓу двете важечки групи правила, врз основа на нивните синџири на снабдување.
Табела со кои договорни страни може да се користи дијагонална кумулација може да се види во следново известување:
Објава на Комисијата која се однесува на примената на Регионалната конвенција за Паневромедитеранските преференцијални правила за потекло или на протоколите за правила за потекло кои овозможуваат дијагонална кумулација помеѓу договорните страни на Конвенцијата (C/2024/7561)
Објава на Комисијата која се однесува на примената на Регионалната конвенција за Паневромедитеранските преференцијални правила за потекло или на протоколите за правила за потекло кои овозможуваат дијагонална кумулација помеѓу договорните страни на Конвенцијата (C/2024/7561)
Прирачник за начинот на примена на Регионалната Конвенција за Пан-евро-медитеранските преференцијални правила за потекло во тек на 2025 година