Simplified procedures

Поедноставените постапки ја заменуваат вообичаената постапка, овозможуваат извозот или увозот да се извршуваат надвор од царинскиот терминали и/или со помалку документи. Исто така ја намалуваат улогата на посредниците (застапниците) во царинските постапки со што се намалуваат трошоците на компаниите и се намалува времето за спроведување на царинските формалности, како и спроведување на царинските формалности надвор од редовното работно време на царинските власти.

За употреба на поедноставена постапка за декларирање потребно е во последните три години пред поднесување на барањето, да бидат исполнети следниве критериуми:

  • одговорното лице кај барателот или лицето кое има контрола над управувањето со правното лице и одговорното лице кај барателот за царински прашања не се сторители на тешка повреда или повеќекратни повреди на царинските и даночните прописи и не се сторители на тешко кривично дело во врска со неговата економска дејност,
  • барателот има административна организација која соодветствува со видот и обемот на деловните активности и е погодна за управувањето со движењето на стока, и има внатрешни контроли соодветни за спречување, откривање и исправка на грешки и спречување и откривање на нелегални и неправилни трансакции,
  • барателот има воспоставено задоволителни процедури за управување со дозволи и одобренија издадени во согласност со мерките на трговска политика,
  • барателот обезбедува дека соодветните вработени се упатени да ги информираат царинските органи секогаш кога ќе се откријат потешкотии со усогласеноста и има воспоставено процедури за информирање на царинските органи за таквите потешкотии,
  • барателот не е предмет на постапка на ликвидација,
  • барателот ги исполнил своите финансиски обврски поврзани со плаќање на царинските давачки и сите други давачки, даноци или трошоци кои се наплатуваат при или во врска со увозот или извозот на стоката и
  • барателот има добра финансиска состојба за исполнување на обврските и задолженијата поврзани со видот и обемот на неговата деловна активност, вклучувајќи и непостоење на негативни нето средства освен ако истите можат да бидат обезбедени.

За употреба на поедноставена постапка на локално царинење потребно е во последните три години пред поднесување на барањето, да бидат исполнети следниве критериуми:

  • барателот, одговорното лице кај барателот или лицето кое има контрола над управувањето со правното лице и одговорното лице кај барателот за царински прашања не се сторители на тешка повреда или повеќекратни повреди на царинските и даночните прописи и не се сторители на тешко кривично дело во врска со неговата економска дејност,
  • барателот води сметководствен систем кој соодветствува со општо прифатените сметководствени принципи кои се применуваат во Република Северна Македонија, кој овозможува спроведување на царинска контрола заснована на ревизија и води историски податоци кои овозможуваат ревизорска трага од моментот кога тие податоци се внесени во евиденцијата,
  • евиденцијата која ја води барателот за царински цели е вклучена во неговиот сметководствен систем или овозможува спроведување на вкрстени проверки на информациите со сметководствениот систем,
  • барателот му дозволува на царинскиот орган физички пристап до неговиот сметководствен систем, а кога е применливо до неговата трговска и транспортна евиденција,
  • барателот му дозволува на царинскиот орган електронски пристап до неговиот сметководствен систем, а кога е применливо до неговата трговска и транспортна евиденција кога тие системи или евиденции се чуваат електронски,
  • барателот има логистички систем кој препознава домашна од странска стока и ја означува,а кога е применливо нејзината локација,
  • барателот има административна организација која соодветствува со видот и обемот на деловните активности и е погодна за управувањето со движењето на стока, и има внатрешни контроли соодветни за спречување, откривање и исправка на грешки и спречување и откривање на нелегални и неправилни трансакции,
  • барателот има воспоставено задоволителни процедури за управување со дозволи и одобренија издадени во согласност со мерките на трговска политика,
  • барателот има воспоставено задоволителни процедури за архивирање на својата евиденција и информации, како и процедури за заштита од губење на информации,
  • барателот обезбедува дека соодветните вработени се упатени да ги информираат царинските органи секогаш кога ќе се откријат потешкотии со усогласеноста и има воспоставено процедури за информирање на царинските органи за таквите потешкотии,
  • барателот има воспоставено соодветни безбедносни мерки за заштита на неговиот компјутерски систем од неовластен влез како и обезбедување на неговата документација,
  • барателот има воспоставено задоволителни процедури за управување со увозните и извозните дозволи и одобренија поврзани со забрани и ограничувања, вклучувајќи и мерки за разликување на стоката која е предмет на забрани или ограничувања од другата стока и мерки за обезбедување на усогласеност со тие забрани и ограничувања,
  • барателот не е предмет на постапка на ликвидација,
  • барателот ги исполнил своите финансиски обврски поврзани со плаќање на царинските давачки и сите други давачки, даноци или трошоци кои се наплатуваат при или во врска со увозот или извозот на стоката и
  • барателот има добра финансиска состојба за исполнување на обврските и задолженијата поврзани со видот и обемот на неговата деловна активност, вклучувајќи и непостоење на негативни нето средства освен ако истите можат да бидат обезбедени.

Со поедноставени постапки се овозможува на имателот на одобрение:

  • да поднесе царинска декларација која не содржи некои од пропишаните податоци или кон неа да не приложи некои од пропишаните документи (постапка со непотполна декларација),
  • да поднесе поедноставена декларација, комерцијален или административен документ, заедно со барање за ставање на стоката во предметната царинска постапка наместо царинска декларација (поедноставена постапка за декларирање), и/или
  • да ја стави стоката во предметната царинска постапка во негови простории или друго одобрено место со запишување во својата евиденција, во кој случај може да не се бара да ја стави стоката на увид (постапка на локално царинење).

Со поедноставените постапки на економските оператори им се овозможува побрз проток на стока, заштеда на време и средства како и намалување на трошоци.

Барањето за поедноставена постапка се поднесува во електронска форма во модулот МЕОС во СОЦДАД и во хартиена форма до месно надлежната СНИО, на еден од обрасците кои се објавени на интернет страницата на Царинската управа, и тоа:Упатството за поедноставени постапкиПрилог 1 Барање за давање на одобрение за употреба на поедноставени постапки

Увозните и другите давачки се плаќаат со поднесување на електронската царинска декларација или со дополнителната декларација, како што е наведено во одобрението.

Доколку барателот на одобрение за поедноставени постапки е имател на одобрение за овластен економски оператор, се смета дека критериумите се исполнети.

Сите досега издадени одобренија за поедноставени постапки ќе бидат предмет на повторна проценка согласно новите критериуми, најдоцна до 31.12.2020 година.

Scroll to top

.