Останато

Како се пресметува акциза при увоз на пиво?

Пресметката е следна:

3 (ден/степен алкохол/за литар) X 4,6% алкохол/за литар X ?? зафатнина на шише (пример 0,5 лит) = 6.9 денари (за пример на шише од 0.5 лит.)

Дополнително се пресметува и давачка од 1 ден/степен алкохол/лит, која понатаму се прераспределува за здравство.

1 (ден/степен алкохол/за литар) X 4,6% алкохол/за литар X ?? зафатнина на шише (пример 0,5 лит) = 2.3 денари (за пример на шише од 0.5 лит.)

Сакаме да внесеме мебел од странство за лична употреба. Каква ке биде постапката на царинење и кој документи треба да ги имаме?

Доколку се работи за мебел за лична употреба и во разумни количини кои не укажуваат на стока за комерцијална намена, тогаш постапката може да се спроведе на самиот граничен премин, а за спроведување на постапката доволни се само сметките или фактура за стоката. Ако стоката е со вредност до 800 ЕУР, постапката на царинење се спроведува со примена на единствена увозна давачка од 15% и стапка на ДДВ од 18%, а доколку пратката е со поголема вредност од 800 ЕУР, тогаш се применуваат стапки согласно Законот за царинска тарифа и во тој случај потребно е да ангажирате царински застапник кој ќе поднесе царинска декларација на образец ЕЦД.

Како физичко лице купив целосна лимарска работилница и стари предмети (поседувам ф-ра) па сакам да ги донесам во Македонија. Се работи за неколку рачни машини, разен ситен алат и ресто материјал и малку готови производи кои им останале непродадени. Ме интересира дали ми е потребна некаква документација или само на граница да пријавам што носам па тие ќе ми определат што треба да платам или сторам понатаму.

Бидејќи се работи за стока од трговски карактер и стока која е наменета за вршење на дејност, потребно е уште во Србија да се подготват извозни документи: фактура, товарен лист, купопродажен договор и слично, потоа извозна царинска декларација која ја подготвува и поднесува кај царинскиот орган овластен застапник (шпедитер). Исто и во Македонија, потребни се истите документи за спроведување на увозно царинење. Исто така и возилото во кое ќе се превезува стоката треба да ги исполнува критериумите за транспорт на стока преку граница (можност за пломбирање).

За да можете да ја увезете наведената стока во Република Македонија, потребно е да бидете регистриран за вршење дејност најмалку како трговец поединец, значи не може стоката да ја увезете ниту да ја купите како физичко лице.

Дали можам/смеам да увезам во Македонија 3 литра масло за менувач за автомобил од Америка? Колкав износ на давачки би платил?

За увоз на масла за менувачи, согласно Законот за царинска тарифа, царинската стапка изнесува 15% од царинската основица, која претставува збир од вкупната фактурна вредност плус додадени транспортни и други манипулативни трошоци. Данокот на додадена вредност е 18%. Даночната основица ја сочинува царинската основица зголемена за износот на пресметаната царина. Согласно Законот за акцизите, специфичната акциза за минералните масла од тарифните ознаки 2710 12 90 00, 2710 19 81 00, 2710 19 83 00, 2710 19 85 00, 2710 19 87 00 и 2710 19 91 00 и 2710 20 90 00 изнесува 7 ден/ кг.Специфичната акциза за препаратите од тарифните ознаки 3403 19 10 00, 340319 90 00 и 3403 99 00 00 изнесува 22 ден/кг.

Дали фирма Трговец поединец (занаетчија) има право на увоз на машини за поправка на обувки. При увоз на такви машини дали може истите да се царинат на фирма Трговец поединец или треба да фирмата да биде ДООЕЛ или друг вид на фирма.

Согласно одредбите на член 12 став (5) од Законот за трговски друштва одредбите од овој закон што се однесуваат за трговското друштво соодветно се применуваат и на трговецот-поединец, освен ако со овој закон поинаку не е определено.Според тоа доколку сте регистрирани како трговец-поединец чија што дејност е приоизводство или поправка на обувки имате право да извршите увоз на машини за поправка на обувки.

Сакам да прашам колку чинат трошоците за увоз на мотор ЕНДУРО 250кубика, од 2000 година до 2014 - половни. Дали има влијание годината на производство и од која година може да се увезуваат мотори?

Давачките за увоз на моторцикл во Република Македонија се следни:

  • царина 15%
  • ДДВ 18%

Треба да имате во предвид дека на износот на трансакционата вредност се додаваат трошоците за транспорт и осигурување до влез на моторциклот во Република Македонија. Доколку поседувате соодветен доказ за ЕУ преференцијално потекло на моторциклот тогаш давачката за царина е 0%.

За повеке информации околу мозноста за добиванје хомологација и регистрирање на моторциклот по извршеното увозно царинење, потребно е да се конслутирате со Бирото за метрологија.

Ме интересира колку кошта царина за обувки и облека да се увезат во Македонија од земји членки на Европската Унија.

Ве известуваме дека за увоз на наведените производи, согласно Законот за царинска тарифа, царинската стапка е различна во зависност од типот на стоката.Царинската стапка за текстилните производи изнесува 17,5%, за обувки од 15% до 25% од царинската основица, која претставува збир од вкупната фактурна вредност плус додадени транспортни и други манипулативни трошоци. Доколку стоката поседува доказ за потекло од ЕУ (ЕУР 1 или изјава во фактура)царинската стапка е слободна (0%).Данокот на додадена вредност е 18%. Даночната основица ја сочинува царинската основица зголемена за износот на пресметаната царина.

Scroll to top

.

logo footer

Содржините на оваа страница можат да се објавуваат без посебна дозвола со наведување на изворот. Секој упад и злоупотреба на веб страницата на Царинската управа е казнив по член 251 од Кривичниот закон.