Гаранции

Гаранција за обезбедување на царинскиот долг по правило се бара при ставање на стока во следните одложувачки постапки:

  • царинско складирање
  • увоз за облагородување со систем на одложено плаќање
  • преработка под царинска контрола
  • привремен увоз со царинска декларација во писмена форма

Гаранција исто така е потребна и при привремено чување на стока.

Гаранција се бара и при пуштање на стоката во слободен промет во следните случаи:

  • кога се одобрува одложување на плаќање на давачките,
  • кога се применуваат поедноставени постапки: за одобрено одложување на плаќање на давачките - во сите видови на поедноставени постапки или за обезбедување на евентуалниот царински долг кој може да настане - при непотполна декларација,
  • во случаите кога стоката се пушта пред целосно да заврши проверката (на пример земени мостри, проверка на доказ за потекло и друго).

Гаранција не се бара во случај кога лицето кое направило или може да направи царински долг е државен орган, општина, градот Скопје или јавно правен субјект. Царинскиот орган може да не бара поднесување на гаранција кога износот кој треба да се обезбеди не надминува 150 евра во денарска противвредност.

Гаранцијата по правило се поднесува од лицето кое е одговорно или кое може да стане одговорно за царинскиот долг. Должник по правило е декларантот. Во случај на индиректно застапување, освен декларантот, должник исто така е лицето за чија сметка е поднесена декларацијата (на пример: увозникот, примачот). Тоа значи дека во овој случај гаранцијата може да биде поднесена од било кое од овие две лица. Во случај на директно застапување може да се прифати гаранција и од застапникот доколку таквата можност со посебна клаузула е наведена во дадената гаранција. Гаранција се поднесува и од подносител на барање за спроведување на постапка со економски ефект.

Гаранција може да се поднесе во една од следниве форми:

  • готовински депозит или кој било инструмент еднаков на готовински депозит, во денари или
  • банкарска гаранција односно преземање на обврска од страна на гарантот.

Овие форми на гаранција може да се употребуваат како:

  • поединечна гаранција или
  • општа гаранција.

Банкарската гаранција се ослободува:

  • кога царинскиот долг за кој таа е дадена згасне и
  • кога царинскиот долг повеќе не може да настане,
  • по истекот на  рокот за наплата.
Scroll to top

.

logo footer

Содржините на оваа страница можат да се објавуваат без посебна дозвола со наведување на изворот. Секој упад и злоупотреба на веб страницата на Царинската управа е казнив по член 251 од Кривичниот закон.