Во Службен весник на РСМ број 110 од 19 мај 2021 година е објавен Законот за изменување на Царинскиот закон.

Царинската управа ве известува дека со овој Закон се вршат следните измени:

Со новиот Закон за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/19 од 17 мај 2019 година), односно со членовите 26 и 36 за физичките и правните лицa, како и за одговорните лица во правните лица се пропишани максимални износи на глоби, кои се значително помали во споредба со максималните износи на глоби кои ги определуваше претходниот закон од 2015 година.

Воедно, со посочените два члена на законот се определи и дека за прекршоци од областа на даноците, царините, јавните набавки, јавните финансии и јавниот долг може да се пропише глоба во поголем паричен износ од затаената давачка или износ на набавката но најмногу во двократен износ од определените во ставот 1.

Од друга страна, со членот 49 став 2 од истиот закон се определи дека за одделни прекршоци за кои глобата е утврдена до најмногу 250 евра во денарска противвредност за физичко лице, 500 евра во денарска противвредност за одговорно  лице  во  правно  лице  и службено лице и 1000 евра во денарска противвредност за правни лица прекршочна постапка може да води и прекршочна санкција може да изрече прекршочен орган и овластено службено лице, а согласно став 3 на истиот член, по исклучок на ставот 2 прекршочна постапка може да води и прекршочна санкција може да изрече прекршочен орган за прекршоци за кои е предвидена глоба повисока од утврдената во ставот 2 на овој член, доколку тоа е предвидено со законодавството на Европската унија.

Со членот 132 став 1 од истиот закон се определи дека законите во кои се пропишани прекршочни санкции ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од 6 месеци од денот на влегување во сила на овој закон.

Оттука, а во насока на усогласување со цитираните одредби на Законот за прекршоците е донесен Закон за изменување и дополнување на Царински закон.

Со овој закон е пропишано прекршочниот орган на Царинската управа  да ја има надлежноста за водење на прекршочната постапка по сторени царински прекршоци и за изрекување на прекршочни санкции за пониските износи, а за повисоките износи на глоби се определува судска надлежност, што е во согласност со одредбите на Законот за прекршоците.

Текстот на Законот за изменување на Царинскиот закон е објавен: ТУКА

Почитувани кандидати,

Ве известуваме дека електронското полагање на поправниот испит од вториот дел на испитот за лиценциран застапник кој беше закажан за 27.05.2021 со почеток во 11:50 часот, се одлага за нов термин, за што ќе бидете дополнително известени.

За сите информации поврзани со испитот кои се однесуваат на датумот на неговото одржување местото и часот, ќе бидете известени со соопштение кое ќе биде објавено преку веб страната на Царинската управа.  

 

 

Информираме дека денес (14.05.2021 година), во 13.00 часот граничниот премин Богородица-Евзони е пуштен за влез во Република Грција и за патнички сообраќај.

Патници може да влегуваат во период од 07-23.00 часот,со потврда од вакцина (14 дена од втора доза) или ПЦР тест не постар од 72 часа и задолжително пополнет ПЛФ образец 24 часа пред патувањето.

Товарен сообракај е дозволен 24 часа,останува обврската за брз тест на граница за возачите и ПЛФ образец.

Линк за повеќе информации, протоколи и пополнување ПЛФ образец


https://travel.gov.gr/#/

   

 

  

Врз основа на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост  („Службен весник на РМ“ бр. 78/15, 106/15, 153/15, 190/16, 21/18 и „Службен весник на РСМ“ бр. 101/19 и 275/19), Законот за процена („Сл. весник на РМ” бр. 115/10, 158/11, 185/11, 64/12, 188/14, 104/15, 153/15, 192/15и 30/16), Одлуката за давање во закуп објекти на граничен премин за патен сообраќај бр. 40-4197/1 од 13.04.2021 година („Сл. весник на РСМ” бр. 84/21) и Одлуката за давање во закуп објекти на граничните премини за патен сообраќај бр. 40-4497/1 од 13.04.2021 година („Сл. весник на РСМ” бр.84/21), донесени од Владата на Република Северна Македонија

Заменикот на Претседателот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, заедно со директорот на Царинската управа, Горан Сугарески, денес (21.04.2021 година) беа во посета на граничниот премин Блаце, каде одржаа работен состанок со шефот на царинската испостава Блаце.

Царинската управа, денес, на 14-ти април одбележува 29 години од своето постоење како самостоен државен орган. Со оглед на условите предизвикани од пандемијата со КОВИД-19, директорот на Царинската управа г. Горан Сугарески, преку видео порака им се обрати на царинските службеници, соработниците, учесниците во царинските постапки, како и на сите граѓани и се осврна на постигнатите резултати во текот на изминатата година.

Соочени со посебни предизвици и потешкотии предизвикани од пандемијата, Царинската управа следејќи ги промените, со брзи реакции и флексибилност успеа проектите и активностите кои започнаа во 2019 година непрекинато да ги извршува и во 2020 година. Па така, изминатат година ја одбележаа повеќе настани и проекти меѓу кои и претседателството со Поткомитетот за царина и правила на потекло во рамки на ЦЕФТА, кој има големо влијание во олеснувањето на националната и прекуграничната трговија. Како претседавачи со овој комитет, успеавме да воспоставиме т.н. зелени коридори, преку кои за време на пандемијата сите земји членки на ЦЕФТА се обврзаа да обезбедат 24 часовна работа на граничните премини за извоз и увоз на стоки во рамки на ЦЕФТА, како и на клучните гранични премини со Европската Унија. Исто така, согласно потребите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат го развивме новиот модул РАВИО во рамките на ЕХИМ системот кој служи за автоматско следење и стопирање на лицата кои се обидуваат да излезат преку аеродромите од државата, а имаат решение за изолација.

Подетални податоци за сите постигнатите резултати на Царинската управа во изминатата година, може да погледнете во видео обраќањето на директорот на Царинската управа г. Горан Сугарески, на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=_zQZRxC1ENU&feature=youtu.be

Традиционално, на денот на Царината беше искажана благодарност на институции и поединци кои со својата работа дадоа придонес за успешната работа на Царинската управа и поддршка на реформите во царинското работење, а на царинските службеници кои одбележуваат 10, 20 и 30 години од своето работење, им беа доделени Благодарници во знак на признание за нивната посветеност при вршењето на должноста на царинскиот службеник.

Во рамки на годинашното одбележување на царинскиот празник, организирана беше и крводарителска акција, а својата хуманост царинските службеници ја искажаа и преку донација на мебел, инвертер клима уреди, постелнина, неколку кујнски апарати, детски играчки и друго за “Родителска куќа“, каде се сместени родителите чии деца се пациенти и примаат терапија на хемато-онколошкото одделение на Универзитетската клиника за детски болести.

Годишниот извештај за работењето на Царинската управа во 2020 година, може да го видите тука

https://issuu.com/bachevska/docs/godisen_izvestaj_carinska_uprava_2020_godina_so_ma  

 

По повод 14-ти Април, денот кога  Царинската управа одбележува 29 години од своето постоење како самостоен државен орган,  вработените традиционално организираа хуманитарна  акција.

Во Службен весник на РСМ број 77 од 6 Април 2021 година е објавен Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите.

Царинската управа ве известува дека со овој Закон се вршат следните измени и дополнувања:

-          Се врши прецизирање на роковите за поднесување на акцизна декларација и плаќање на акцизата од страна на лица кои не се регистрирани во електронскиот Регистар на акцизни обврзници, а поседуваат, произведуваат, тргуваат, складираат, чуваат, преработуваат акцизни добра. Овие лица стануваат акцизни обврзници и треба веднаш да поднесат акцизна декларација во компјутерскиот систем на Царинската управа (СОЦДАД) и најдоцна во рок од пет дена од прифаќањето на акцизната декларација да ја платат акцизата согласно посебните одредби кои се однесуваат за наведените акцизни добра од Законот за акцизите.

-          Се прецизираат одредбите кои се однесуваат на гаранцијата за обезбедување на акцизниот долг во постапка на акцизно складирање и акцизно повластено користење при што гаранција нема да се бара во случаите кога имателот на одобрението за повластен корисник е државен орган, јавна, научна или образовна институција или јавна здравствена установа. Се пропишуваат и одредби за утврдување на понизок износ на гаранција и употреба на готовински депозит за обезбедување на акцизата, рок за важност на банкарска гаранција, враќање или ослободување на банкарска гаранција и готовински депозит. Во овој закон се пропишуваат и обврска за доставување на гаранција за обезбедување на акцизен долг кој може да настане за обврзниците за електрична енергија, природен гас, јаглен, кокс, лигнит и нафтен кокс кои пред издавањето на одобрението треба да поднесат гаранција за обезбедување на акцизниот долг кој настанал или кој би можел да настане.

-          Истовремено, обврската за поднесување на гаранција за обезбедување на акцизен долг кој може да настане од страна на приватните здравствени установи кои се иматели на одобрение за повластен корисник се одложува до 01 јануари 2022 година.

-          Се врши допрецизирање и дополнување на членовите 61 и 87 од Законот за акцизите кои се однесуваат на акцизните марки за обележување на меѓупроизводи и жестоки алкохолни пијалаци и тутунските производи, при што акцизните марки за обележување на пури, цигарилоси, тутун за пушење, други тутунски производи и течност за полнење на електронска цигара се пријавуваат и издаваат во количина од најмалку 500 парчиња, а  во случаите кога се користат ексклузивни серии, ограничени количини наменети за промотивни цели или рачно изработени пури надлежниот царински орган може да одобри издавање на акцизни марки во број помал од 500 парчиња.

-          Се транспонираат одредбите од Уредбата со законска сила за примена на Законот за акцизите* за време на вонредна состојба (,,Службен весник на Република Северна Македонија” број 86/2020, 105/2020, 125/2020 и 169/2020), односно се пропишува износот и нов начин на пресметка на акцизата за безоловен бензин со содржина на олово до 0,013 грама на литар од тарифните ознаки 2710 12 31 00, 2710 12 41 00, 2710 12 45 00, 2710 12 49 00, 2710 12 51 00 и 2710 12 59 00 и за гасно масло како погонско гориво и како гориво за греење од тарифните ознаки 2710 19 43 00, 2710 19 46 00, 2710 19 47 00, 2710 19 48 00, 2710 20 11 00, 2710 20 15 00, 2710 20 17 00 и 2710 20 19 00. Се врши изедначување на износот на акцизата на гасното масло наменето како гориво за греење со акцизата на гасното масло како погонско гориво при што се пропишува враќање на дел од платената акциза. Со оглед дека Законот стапи во сила со денот на објавувањето во Службен весник, имателите на акцизна дозвола и увозниците на енергенти имаат обврска да направат попис на залихите и да извршат доплата на акцизата.

-          Во Законот за акцизите се додаваат два нови члена 98-а и 98-б кои се однесуваат на враќањето на дел од платената акциза за обележаното гасно масло наменето за греење во домаќинствата и обележаното гасно масло употребено во процес на производство или како додаток на друг енергент како гориво за греење во индустријата, како и начинот и постапката за остварување на правото за враќање на  дел од платената акциза за обележаното гасно масло наменето за греење во домаќинствата или употребено во процес на производство или како додаток на друг енергент како гориво за греење во индустријата.

-          Се одложува примената на одредбите од членот 13 ставови (1) и (2) од Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите („Службен весник  на Република Северна Македонија” број 275/19 од 27.12.2019 година) до 1 јануари 2022 година, а кои се однесуваат на производителите и увозниците на вино и акцизните обврзници за електрична енергија, природен гас, јаглен, кокс и лигнит.

Текстот на Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите е објавено: ТУКА

 

 

Во насока на промоција на отворената царинска линија за пријавување на корупција и Планот за борба против корупција, денеска заменикот на Претседателот задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, на граничниот премин Деве Баир, одржа работна средба со директорот на Царинската управа Горан Сугарески.

Царинската управа ги известува производителите, увозниците, трговците на големо и трговците на мало дека на 06.04.2021 година донесен е и објавен во Службен весник бр.77/2021 Закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите, кој стапи на сила веднаш.

Пресметката на акцизата на нафтените деривати се врши согласно движењето на средната дневна берзанска цена на Prem Unl 10ppm, 10 ppm ULSD и на Gasoil 0,1% на котација „Mediterranean cargoes FOB (Italy)” од Platt’s European Marketscan, а следењето го врши Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. За период од 1 до 15 во месецот и од 16 до крајот на месецот за износот на дополнителната акциза ДАБ, ДАД и ДАЕ соодветно ги известува Министерството за финансии и Царинската управа.

Согласно движењето на средната дневна берзанска цена на Prem Unl 10ppm, 10 ppm ULSD и на Gasoil 0,1% на котација “Mediterranean cargoes FOB (Italy)” од Platt’s European Marketscan во периодот од 16 до 31 март 2021 година, износот на дополнителната акциза за безоловен бензин Еуросупер БС 95 и Еуросупер БС 98, дополнителната акциза ДАБ изнесува 0 денари за литар, за гасното масло како погонско гориво Еуродизел БС (D-E-V) дополнителната акциза ДАД изнесува 2 денари за литар и гасното масло како гориво за греење Екстра лесно ЕЛ – дополнителната акциза ДАЕ изнесува 2 денари за литар.

Врз основа на тој податок вкупниот износ на акцизата почнувајќи од 00:01 часот на 06.04.2021 година изнесува:

-        Безоловниот бензин Еуросупер БС 95 и Еуросупер БС 98 износ на акциза од 22,00 ден/лит,

-        Гасно масло како погонско гориво Еуродизел БС (D-E-V) и Екстра лесно масло за домаќинство ЕЛ износ на акциза од 17,50 ден./лит

Согласно измените во членот 8 став 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за акцизите, а во врска со измените на износот на акцизата за авио бензин од тарифната ознака 2710 12 31 00 изнесува 25,00 денари за литар.

Согласно одредбите од член 104 од Законот за акцизите производителите, увозниците, трговците на големо и трговците на мало се должни на денот на почетокот на примената на зголемувањето на акцизата на енергентите (06.04.2021 година) да направат попис на затечените залихи на енергенти, да подготват записник за извршениот попис и да го поднесат до царинскиот орган не подоцна од 5 работни дена од датумот на зголемување на акцизата.

Покрај записникот од извршениот попис потребно е и да се достави до надлежниот царински орган (Царинска управа – Сектор за акцизи) акцизна декларација во електронска форма или во хартија (само за трговците кои не се регистрирани во СОЦДАД), а разликата од акцизата да се плати најдоцна во рок од 15 дена од денот на зголемувањето на акцизата односно најдоцна до 21.04.2021 година.

Согласно наведеното, разликата во акцизата која треба да се доплати изнесува:

-        Еуросупер БС 95 - 0,308 ден/лит,

-        Еуросупер БС - 98 - 0,308 ден/лит,

-        Еуродизел БС (D-E-V) - 2,379 ден/лит,

-        Екстра лесно масло за домаќинство ЕЛ - 11,18 ден/лит и

-        за Авио бензинот разликата во зголемената акциза изнесува 0,604 ден/лит,

Зa дополнителни појаснувања и консултации Ве упатуваме да го користите информативниот систем на Царинската управа на следниот линк Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите..