Во просториите на Владата, денеска беа потпишани договори за интероперабилност меѓу Министерството за правда и групата институции: Министерство за внатрешни работи, Царинска управа, Јавно обвинителство, Државна комисија за спречување на корупцијата, Агенција за цивилно воздухопловство М-НАВ, Управа за финансиска полиција, Управа за финансиско разузнавање, Централен регистар и Државна изборна комисија.
Платформата за интероперабилност овозможува електронска размена на податоци и документи меѓу институциите на стандардизиран, безбеден и унифициран начин. Размената помеѓу судовите и државните органи и институции ќе се одвива според дефинирани стандарди за безбедност, заштита, формат и структура на податоците.
ИКТ алатките и дигиталните решенија треба да го олеснат процесот, а со тоа ќе се добие на ефикасност, ефективност и оперативност во работењето врз основа на секои претходно детектирани процесни слабости за сметка за искористување на вредностите и придобивките.
Непречениот проток на информации преку Платформата за интероперабилност ќе го намали времето потребно за пренос на информациите до институциите со што се олеснува протокот на електронски информации кои се потребни за обезбедување на јавни услуги прилагодени за потребите на граѓаните.