Денес, Царинската управа беше дел од онлајн состанокот на економските и трговските советници на земјите членки на ЕУ во Република Северна Македонија организиран од страна на Делегацијата на Европската унија во Скопје.
Обраќање на состанокот имаше Директорката на Царинската управа, м-р Славица Кутиров, која пред економските советници се обрати со презентација за формите и активностите на Царинската управа за олеснување на трговијата на економските оператори од Република Северна Мекедонија. Во презентацијата акцент беше даден на царинското законодавство, дигиталната трансформација и регионалната интеграција на царината.
Беше истакното и дека Царинската управа со успех ја заврши 2021 година во однос на вкупно наплатените приходи од царина, ДДВ и акциза. Во услови на COVID 19 криза, наплатените приходи во 2021 година се поголеми за 24,70% во однос на 2020 година, односно за 12,81% во однос на 2019 година.
Во рамки на презентацијата беа истакнати и идните чекори за реформа и модернизација на царинското работење, во законодавниот дел преку измена на Царинскиот закон, Законот за Царинска управа, Законот за царинско застапување, Законот за Царинска тарифа и Законот за акцизи.
Во областа на дигитализацијата, нови проекти на кои се работи се воведувањето на нов Национален едношалтерски систем, надградба и унапредување на Системот за обработка на царински и акцизни документи, изработка на нов Транзитен систем НКТС5, воведување на Систем за регистрација на економските опрератори - ЕОРИ.
Процесите на реформа вклучуваат и реконструкција и модернизација на граничните премини Деве Баир, Делчево, Маркова Нога, Ќафасан и Богородица. Исто така беше посочено дека посебен акцент во следниот период ќе се стави на воведување на напредни мерки и техники во борбата против корупцијата, преку воведување на граничните премини нов Автоматизиран систем за управување со терминалите, нов Систем за видеонадзор, како и Систем за т.н телесни (body) камери.
Економските и трговските советници го поздравија видливиот успех и позитивните резултати на Царината во последниот извештај на Европската Комисија за земјата. Овие видливи резултати треба да не мотивираат да продолжиме со напорна работа во насока на олеснување на трговијата.