Царинската управа во соработка со Меѓународната финансиска корпорациа (International Finance Corporation - IFC), на 17-18.01.2022 година и на 25.01.-02.02.2022 година ќе спроведе Студија за мерење на времето на царинење (TRS). Студијата ќе ја користи методологијата на Светската царинска организација.

Студијата за мерење на времето ќе се спроведува на патните гранични премини Табановце, Ќафасан и Богородица и на царинската испостава Скопје 3. Тие заедно покриваат околу 60% од целата трговска размена на стоки што влегува и излегува од Република Северна Македонија.

Студијата за мерење на времето на царинење (TRS) обезбедува веродостојни и потврдени информации за времето потребно на граничните агенции за обработка и обезбедување на дозвола на робата за увозните, извозните и транзитните трансакции. Студијата го одредува времето потребно за извршување на секој чекор во процесот на царинење кој ги вклучува барањата на царината и другите засегнати институции и агенции. Така, студијата обезбедува објективна основа според која влијанијата на реформите и модернизацијата може да се измерат и оценат со текот на времето: со анализа на резултатите од TRS студијата, владините агенции што ја регулираат трговијата можат да идентификуваат каде процедурите се неефикасни и да развијат стратегии и планови како да се поедностават, усогласат и рационализираат процесите со цел да се намалат трошоците и времето, односно да се олесни трговијата.