Заменик директорот на Царинската управа г-дин Муарем Асани, г-дин Илија Јаноски и г-дин Златко Ветеровски, зедоа учество на шестата неформална средба на директори и високи службеници од царински служби од Западен Балкан која се одржа во Тирана, Албанија. Оваа иницијатива е поддржана од Владата и Царинската и даночна служба на Обединетото кралство.
Овој состанок и неформална средба претставува добра основа за зајакнување на довербата помеѓу царинските администрации и помеѓу граничните инспекциски органи, за подобрување на соработката и поголема размена на информации и идеи.
На состанокот беа истакнати некои од најзначајните обврски кои царинските служби од регионот треба да ги исполнат, а се однесуваат на:
- Унапредување и размената на податоци преку електронски инструменти и воведување на заедничко управување со ризици согласно усвоената Регионална стратегија за заедничко управување со ризиците, како и акцискиот план од страна на ЦЕФТА.
- Спроведување на законските обрски и размена на информации во реално време.
- Напредок во областа на лиценцирање на овластени економски оператори и взаемно признавање во рамки на ЦЕФТА.
- Воспоставување на Зелени коридори за движење на стока и патници во регионот, како и на граничните премини со ЕУ.
- Соработка за создавање на Заеднички регионален пазар во рамките на Советот за регионална соработка.
- Воведување на заеднички гранични контроли како веќе потпишаниот договор за заеднички гранични и царински контроли помеѓу Република Северна Македонија и Албанија кој првично ќе се реализира на граничниот премин Ќафасан-Ќафтане.
Заменик директорот г-дин Муарем Асани посочи дека дигитализацијата и понатаму останува да биде приоритет на Царинската управа на Република Северна Македонија со цел брза обработка на документите за увоз, извоз и транзит и отстранување на бирократските бариери помеѓу земјите од Западен Балкан.