Во Службен весник на РСМ број 110 од 19 мај 2021 година е објавен Законот за изменување на Царинскиот закон.

Царинската управа ве известува дека со овој Закон се вршат следните измени:

Со новиот Закон за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/19 од 17 мај 2019 година), односно со членовите 26 и 36 за физичките и правните лицa, како и за одговорните лица во правните лица се пропишани максимални износи на глоби, кои се значително помали во споредба со максималните износи на глоби кои ги определуваше претходниот закон од 2015 година.

Воедно, со посочените два члена на законот се определи и дека за прекршоци од областа на даноците, царините, јавните набавки, јавните финансии и јавниот долг може да се пропише глоба во поголем паричен износ од затаената давачка или износ на набавката но најмногу во двократен износ од определените во ставот 1.

Од друга страна, со членот 49 став 2 од истиот закон се определи дека за одделни прекршоци за кои глобата е утврдена до најмногу 250 евра во денарска противвредност за физичко лице, 500 евра во денарска противвредност за одговорно  лице  во  правно  лице  и службено лице и 1000 евра во денарска противвредност за правни лица прекршочна постапка може да води и прекршочна санкција може да изрече прекршочен орган и овластено службено лице, а согласно став 3 на истиот член, по исклучок на ставот 2 прекршочна постапка може да води и прекршочна санкција може да изрече прекршочен орган за прекршоци за кои е предвидена глоба повисока од утврдената во ставот 2 на овој член, доколку тоа е предвидено со законодавството на Европската унија.

Со членот 132 став 1 од истиот закон се определи дека законите во кои се пропишани прекршочни санкции ќе се усогласат со одредбите на овој закон во рок од 6 месеци од денот на влегување во сила на овој закон.

Оттука, а во насока на усогласување со цитираните одредби на Законот за прекршоците е донесен Закон за изменување и дополнување на Царински закон.

Со овој закон е пропишано прекршочниот орган на Царинската управа  да ја има надлежноста за водење на прекршочната постапка по сторени царински прекршоци и за изрекување на прекршочни санкции за пониските износи, а за повисоките износи на глоби се определува судска надлежност, што е во согласност со одредбите на Законот за прекршоците.

Текстот на Законот за изменување на Царинскиот закон е објавен: ТУКА