Со оглед на тоа дека транспарентноста и отчетноста претставува врвен приоритет за Царинската управа, ги демантираме во целост обвинувањата во текстот со наслов: “КОЛОНИ КАМИОНИ ЗАГЛАВЕНИ НА БОГОРОДИЦА, ОД ЦАРИНАТА НЕ КАЖУВААТ ЗОШТО, ВЕЛАТ НА ПРЕМИНОТ Е НОРМАЛНО”, што е објавен на вашиот портал „Сакам да кажам“ на ден 16.08.2018 година.

 Во нашата претходна комуникација со Вас, при одговор на вашето барање за образложение (упатено на 15 август) за километарска колона од камиони што долго чекаат за минување на границата за да продолжат кон Грција и за камионите кои во колони чекаат за влез во Македонија, настапивме со укажување на моменталната ситуација на граничниот премин Богородица која во моментот на упатување на нашиот одговор на вашето прво прашање не отстапуваше од нормално одвивање на протокот на возила и патници. Заклучивме дека времето на задржување и на влез во земјата и на излез од земјата е минимално и не трае повеќе од 5 минути.

Во вашето реагирање на нашиот прв одговор потенциреавте дека вашата реакција се однесува на период од година и пол наназад и побаравте Царината да се произнесе за конкретниот проблем на кој се повикувате и за она што се бара од возачите на товарните возила, со имплицитно обвинување дека тие се соочуваат со дополнителни неоправдани  барања од Царината.

За таа цел во вториот одговор, се повикавме на конкретни податоци за број на процесирани возила и документи во царински постапки на влез во земјата и на излез од земјата, во надеж дека тоа сепак ќе биде доволно да се разубедите од лошата, погрешна претстава што ја имате стекнато за работењето на Царинската управа.

Изразивме исто така спремност да настапиме аргументирано со бројки за конкретен датум што Вие би го избрале како пример на констатиран застој во пропуштање на товарните возила преку границата на Република Македонија.

Жалиме што во вашето новинарско известување не го опфаќате она што беше изнесено во нашиот дополнителен одговор до Вас, на кој исто така не повикавте за одговор со доза за обвинување.

Повторно ќе нагласиме дека до сега немало неколкучасовен застој на граничниот премин Богородица и дека нема евидентирани или пријавени случаи  каде се бара нешто дополнително вон вообичаените пропишани документи потребни за завршување на царинските постапки и формалности.

Со оглед на тоа дека потенцирате дека состојбата трае една година, Ви доставуваме статистички податоци за период од една година, кои ги негираат наводите од текстот објавен од ваша страна. Имено, во периодот од 01.08.2017 до 01.08.2018 година, Царинската испостава Богородица има околу 80.000 евидентирани возила на влез во Република Македонија и за завршувањето на царинските постапки и формалности (каде е вклучено и вагањето, мерењето на возилата) било потребно просечно по околу 6,5 минути на влез во Република Македонија. Во истиот период околу 100.000 возила биле евидентирани на излез од Република Македонија, или за завршување на царинските постапки и формалности било потребно просечно по околу 5,3 минути на излез.

Сакаме да Ви пружиме можност да бидете пореални набљудувачи на нашето работење пред констатирање со обвинување и затоа во оваа пригода Ве покануваме да дојдете  на лице место и да се уверите дека ниту едно товарно возило не се задржува непотребно и  не чека повеќе од потребното време за завршување на царинските постапки и формалности.

На крај  молиме содржината на демантот веднаш и во целост да биде објавена на вашиот медиум.

Со почит,
Царинска управа