НКТС
Новиот компјутеризиран транзитен систем (НКТС) употребува напредни компјутерски технологии и електронска обработка на податоци. Претставува современа алатка за спроведување на транзитната постапка, преку размена на електронски пораки помеѓу економските оператори и царинските испостави, како и помеѓу самите царински испостави. Служи како алатка за управување и контрола на транзитните операции и овозможува модерно и ефикасно управување со истите. Нашата држава е членка на Конвенцијата за заедничка транзитна постапка со што транзитната постапка се спроведува со единствена електронска декларација во рамките на земјите членки на конвенцијата.
СОЦДАД
Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД) овозможува непречен проток на електронски информации помеѓу сите учесници во царинските и акцизните постапки. Целосно подготвен за меѓусебна комуникација во заедничкиот домен на Европската Унија, како и во доменот на други владини институции. СОЦДАД со корисниците може да се поврзе и комуницира на два начина: директно преку веб порталот на Царинската управа или преку "систем кон систем" комуникација со примена на веб сервиси. Со цел развој на системи кои директно ќе комуницираат „систем кон систем" со СОЦДАД, објавени се неопходните технички и функционални спецификации.
EXIM
EXIM e електронски систем кој го користат 16 институции кои имаат надлежности во областа на надворешно-трговското работење и претставува едношалтерскиот систем за дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки и тарифни квоти. Овозможува пребарување според тарифниот број на стоката и добивање информации за тоа кои дозволи се потребни за увоз, извоз или транзит преку користење на опцијата Пребарување. Преку опцијата Тарифни квоти, под Пропишани количини на тарифни квоти, деловната заедница може да се информира за тоа кои тарифни квоти и од кои земји се достапни за распределба. EXIM овозможува електронско поднесување на барањата за дозволи за увоз, извоз и транзит од страна на деловната заедница, како и електронско издавање на дозволите од страна на надлежните институции. Преку системот, подносителите можат да го следат статусот на процесирање на нивните барања, се до нивното конечно издавање. Преку EXIM увозниците имаат можност електронски да поднесуваат барања за распределба на тарифните квоти достапни согласно трговските договори склучени од страна на Република Македонија. Тарифните квоти на дневна основа се распределуваат според принципот „прв дојден, прв услужен“.
ИТО
Интегрираната тарифна околина (ИТО) претставува бизнис концепт кој групира повеќе комјутерски системи што служат за размена на информации помеѓу Европската комисија и земјите - членки на Европската Унија (ЕУ). Задолжителен предуслов за пристапување во ЕУ е воведувањето на ИТО, со цел приближување до заедничкиот eвропски пазар и Царинската унија на ЕУ. ИТО обезбедува целосна компатибилност и интероперабилност помеѓу ИТ системите на Царинската управа и соодветните ИТ системи на Царината на ЕУ, и воспоставување на бизнис процеси компатибилни со ИТО на ЕУ.
ПЕК
Порталот за електронска комуникација (ПЕК) е on-line систем за електронска размена на документи со Царинската управа на Република Македонија. Системот им овозможува на надворешните кориснци да доставуваат најразлични видови на барања до Царинската управа во електронска форма, како и во реално време да ја следат состојбата на доствените предмети. Ваквиот начин на електронска размена на документите ја подобрува ефикасноста, како на Царинската управа, така и на бизнис заедницата во Република Македонија, со што се заштедуваат време и финансиски средства.
Е-учење
Царинската управа во насока на исполнување на стратешкиот приоритет Модернизација, овозможува изучување на царинската регулатива со помош на курсеви за електронско учење.
Овие курсеви се наменети како за царинските службеници, така и за бизнис заедницата која ги применува царинските прописи.
Курсевите се развиени од Европската комисија, како дел од активностите на програмата Царина 2020. Истите претставуваат едноставна алатка за професионален развој, но препорачуваме овие курсеви да бидат интегрирани во Програма за обука во која покрај електронското учење ќе бидат опфатени и други методи на обука.
Калкулатор за ДМВ
На 18 декември 2019 година е донесен Законот за данок на моторни возила и објавен во Службен весник број 261/2019. Законот започна да се применува од 01 јануари 2020 година.
Данокот на моторни возила ја заменува досегашната акциза на патнички моторни возила и носи променет начин на пресметка на данокот во однос на досегашната акциза која се плаќаше во зависност од вредноста на возилата.
Имено, со новиот Закон за данок на моторни возила се воведуваат две компоненти при пресметката на данокот на моторни возила, Ad Valorem компонента што подразбира даночење на процент од вредноста на возилото и Specific компонента при што пресметката се врши со користење на податокот за висината на емисијата на јаглерод диоксид кај возилата CO2. На овој начин, еколошките возила со пониска стапка на емисија на CO2 стануваат економски поисплатливи за набавка во однос на оние кои имаат повисок износ на емисија на CO2. Податокот за просечната емисија на јаглерод диоксид - CO2 и се утврдува врз основа на потврда за сообразност за ЕУ одобрување на возило (Certificate of conformity - COC). Повеќе детали може да се прочитаат на следниот линк:
http://customs.gov.mk/index.php/mk/biznis-zaednica-mk/patnicki-avtomobili
Во продолжение е даден калкулатор со кој може да проверите колку би изнесувал данокот на моторно возило кое имате намера да го увезете. Калкулаторот е индикативен и можете да го користите само како консултациски податок. Точните износи се утврдуваат во постапка на увозно царинење на возилото, бидејќи зависат од повеќе фактори при увоз, како потекло на возилото, тарифен број и распоредување на возилото, вид на возило и сл.