Одредувањето на земјата на потекло, заедно со тарифното распоредување и утврдувањето на царинската вредност е суштински фактор за утврдување на износот на царинските давачки и даноците што треба да се платат. Потеклото на стоките, кое може да се дефинира како економска националност на стоките, е важно и за примена на сите мерки на трговска политика (квоти, антидампинг мерки, трговски забрани, ограничувања и слично).

Законски одредби кои се однесуваат на потеклото на стоката се пропишани во:

  • член 21 до 26 од Царинскиот закон,
  • член 11 до 60 од Уредбата за спроведување на Царинскиот закон.

Постојат два вида на потекло: преференцијално и непреференцијално потекло на стоките. Преференцијалното потекло се базира на правила дефинирани во билатерални и мултилатерални договори.

 

Преференцијално потекло

Преференцијалното потекло се доделува на стоки од одделни земји, кои исполниле одредени критериуми или правила што дозволуваат да се бара повластен, односно преференцијален третман (намалување или укинување на царинските давачки). Правилата врз основа на кои стоките се стекнуваат со преференцијално потекло се пропишани во протоколи/анекси за потекло во билатералните и мултилатерални договори кои Република Северна Македонија ги има склучено. Во моментот Република Северна  Македонија има склучено Спогодба за стабилизација и асоцијација со земјите членки на Европска унија и Договори за слободна трговија со ЕФТА земјите, земјите членки на ЦЕФТА, Турција и Украина како и Спогодба за партнерство, трговија и соработка помеѓу Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска и Република Северна Македонија.  Дополнително во 2012 година Република Северна Македонија пристапи кон Регионалната пан-евро-медитеранска конвенција за преференцијални правила за потекло (ПЕМ Конвенција) што има за цел да ги замени сите претходни протоколи/анекси за потекло.

Упатство за примена на преференцијални докази за потекло


На следниот линк се наоѓа курсот за електронско учење за Потекло на стока (75 минути) кој е наменет како за царинските службеници, така и за деловната заедницата која ги применува царинските прописи.

 

Нови алтернативни правила за потекло на стоки

Регионалната конвенција за Пан-евро-медитерански преференцијални правила за потекло (ПЕМ Конвенција) е основа за примена на преференцијалните правила за потекло. Потписнички на ПЕМ Конвенцијата се земјите-членки на ЕУ, земјите членки на ЕФТА, ЦЕФТА страните, Турција, земјите потписнички на Декларацијата од Барселона и Фарските oстрови.

Преговорите за модернизација на ПEM Конвенцијата започнаa во 2012 година со цел да се прилагодат правилата за потекло на променетата економска реалност низ годините. Ревидираната ПЕМ Конвенција требаше да биде одобрена и усвоена едногласно од сите потписнички во рамките на Мешовитиот комитет на ПЕМ. Неколку договорни страни сѐ уште изразуваат резерви за усвојување на ревидираната ПЕМ Конвенција, но мнозинството од договорните страни на ПЕМ Конвенцијата одлучиле да започнат со предвремена примена на новите, ревидирани правила во меѓусебната трговија, додека со останатите договорни страни и понатаму продолжуваат преговорите со цел за да се постигне заеднички договор за процесот на ревизија.

Ова привремено решение им овозможува на компаниите во договорните страни што ќе започнат со предвремена примена да ги користат модернизираните, поедноставени и пофлексибилни нови правила за потекло. За таа цел, протоколите за потекло содржани во секој билатерален договор за слободна трговија потпишан од Република Северна Македонија и партнер земјите,треба да бидат изменети за во нив да се вклучи Додаток А, документ што ги содржи новите ревидирани (тнр. алтернативни или преодни) преференцијални правила за потекло на стоки, без да се нарушува примената на сегашните правила за потекло на ПЕМ Конвенцијата.

Во Службен весник на Република Северна Македонија број 245 од 02.11.2021 година е објавена Одлуката за предвремена примена на изменувањето на Протоколот 4 на Спогодбата за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Македонија, од една страна и Европските заедници и нивните земји-членки, од друга страна за дефинирање на поимот „производи со потекло“ и начини на административна соработка, изменет со Одлука бр. 1/2021 на Советот за стабилизација и асоцијација на Република Северна Македонија и Европската Унија (во натамошниот текст: ССА со Европската унија). Ова значи дека во трговијата со земјите членки на ЕУ има можност за користење и алтернативен сет на правила за потекло што се применуваат заедно со правилата од Конвенцијата за ПЕМ, на билатерална основа во очекување на усвојувањето на ревидираната Конвенција. Овие нови правиласодржат значителен број подобрувања и поедноставувања во споредба со сегашната PEM Конвенција.

Во Службен весник на Европска унија, серија Ц, број 426 од 21.10.2021 година, за прв пат е објавено Известување на Комисијата за примена на преодните правила за потекло кои обезбедуваат дијагонална кумулација помеѓу Договорните страни-применувачи во Паневромедитеранската (ПЕМ) зона.

Одлука за предвремена примена на изменувањето на Протоколот 4 на Спогодбата за стабилизација и асоцијација

Известување на Комисијата за примена на алтернативните правила за потекло

Прирачник за примена на алтернативните правила за потекло